Бурни реакции за Твитер-етикетите за медиуми во Србија | Информации и анализи за Балкан | DW | 20.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Бурни реакции за Твитер-етикетите за медиуми во Србија

Социјалната мрежа Твитер означи единаесет српски медиуми како „медиуми кои соработуваат со Владата на Србија“. Ова предизвика бурни реакции од тие медиуми, но и од политичарите. Нејжестоко реагираа од јавниот сервис.

Профилите на Радио телевизија Србија (РТС), Радио телевизија Војводина (РТВ), Танјуг, Политика, Курир, Информер, Српски телеграф, Пинк, Б92, Прва и Хепи, добија од Твитер етикета соработници со власта, и тоа беше повод за различни реакции на овие медиумски куќи. Повеќето од нив се во приватна сопственост и овие медиуми, освен неколку таблоиди, помалку или повеќе без многу врева го прифатија фактот кој е веќе познат во српската јавност: дека се практично дел од пропагандната машинерија на власта.

Но, тоа не беше случај и со РТС, која веројатно реагираше најбурно. Твитер инаку претходно во своето соопштение појасни „оти медиуми поврзани со Владата, се оние во кои државата има контрола над уредувачката политика“.

РТС во своето соопштение наведува дека „поради тоа ќе го преиспита своето присуство на оваа мрежа, но и ќе побара реакција од Европската радиодифузна унија, чиј член е РТС“. РТС нагласува „дека се нејасни критериумите за доделување на такви етикети на медиумите“, и додава, „што пак да се каже за медиумите како Радио Слободна Европа, Дојче Веле (ДВ) или Гласот на Америка (ВОА), на кои основач е државата и се финансираат целосно од државниот буџет, но на тоа корисниците на Твитер не се предупредени? Да напоменеме оти ДВ и ВОА одлично соработуваа со РТС и оваа забелешка не е повик да се прошири етикетирањето на медиумите, напротив“, соопшти РТС.

Вучиќ: Укинете го мојот профил

Потегот на Твитер, секако, не можеше да помине без коментар на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој оваа акција ја гледа „како пофалба за споменатите медиуми“. Тој овој чекор го оценува како цензура, и во таа смисла и својот профил го понуди како жртва предизвикувајќи го Твитер и нему да му го укине профилот за „да бидам уште еден Трамп во светот“.

Оваа реакција не помина незабележана и во светските медиуми, па така агенцијата АП пишува дека „српскиот автократски лидер го предизвикува Твитер да му го укине профилот“. „Српските провладини медиуми, вклучувајќи ја и државната телевизија, константно ги обвинуваат оние малку останати независни медиуми во Србија дека ги контролираат корумпирани опозиционерни лидери или западни амбасади“, нагласува АП.

Повеќе:

-„Во Србија новинарството е непожелно“

-Пораката на власта: или сте крадци или странски платеници

-„Дрскиот новинар“ на Дојче веле и „храбрата Ана Брнабиќ“

Агенцијата АФП потстетува оти Твитер минатата година избриша дури 8.500 лажни профили кои испратиле 43 милиони објави насочени против опозицијата и независните медиуми. Интересно е тоа што по тој повод, и токму на Твитер, се огласи „Човекот на Трамп“, поранешен претставник на американскиот претседател во дијалогот меѓу Србија и Косово и поранешен амбасадор во Германија, Ричард Гренел. „Од лицемерието на Твитер во цел обем, им е доста на светските лидери. Твитер го губи влијанието“, напиша Гренел и притоа го тагираше официјалниот профил на Вучиќ.

Која е улогата на јавниот сервис?

Врвот на РТС, судејќи по соопштението, звучи прилично изненаден и навреден, но, како што за ДВ вели новинарката Тамара Скроза, таа со тоа не е изненадена. „Тие се изненадени како што беа изненади со фактот дека со месеци под нивните прозорци траат протести, а тие не известуваат за тоа, како што се изненади од фактот оти тука постои некоја опозиција, и како што се изненадени дека тука постојат некои новинари кои се борат за слобода на медиумите. Имам впечаток дека ним им е потребно едно големо будење и мислам оти би требало самите да си дадат задача да ги погледнат сопствените вести и своите политички емисии, и да видат колку тоа не е во согласност со новинарските кодекси и медиумски закони, па и со елементарната пристојност и функцијата на медиумите“, нагласува таа.

Забелешки на работата на јавниот сервис постојат веќе со години, вели за ДВ професорот на Факултетот за политички науки, Раде Велјановски, но РТС се оглушува на сето тоа и работи по свое. Тоа, според неговите зборови, е само доказ дека тие не ја разбираат улогата на јавен сервис. „Тие работат, не како јавен сервис, туку се однесуваат како типична државна радио-телевизија, која смета оти промоција на државната политика, промоција на власта и промоција на она што го зборуваат високите државни функционери, е нивна главна улога. Тоа нема апсолутно никаква врска со јавен сервис“, вели Велјановски.

Тој, исто така, додава дека кога станува збор за сите споменати медиуми „тука нема никакво изненадување, бидејќи е факт оти сите тие се однесуваат како сервиси на власта, а тоа е нешто што е познато и на што се предупредува веќе со години“.

Тамара Скроза укажува и дека веќе е стандардно, но и погрешно повикувањето на медиумите како РСЕ, ДВ и ВОА, бидејќи „забораваат оти споменатите медиуми, без разлика што се финасираат со средства од оваа или онаа влада, сепак претставуваат некој вид еталон на почит на медиумските кодекси. Тука можете да слушнета информации од сите страни, да слушнете спротиставени мислења, и имате непристрасни и објективни анализи“, смета таа.

Вучиќ против светската неправда

Раде Велјановски гледа на реакцијата на Александар Вучиќ на новите ознаки на Твитер за одредени медиуми како на „недостаток на достоинство“: „Еден претседател не треба да реагира така. Претседател на државата, кој сака демократизација на општеството и медиумската сцена, ќе мора да инсистира овие медиуми да се однесуваат поинаку. Тој само докажа дека она што Твитер го детектираше е целосно точно “, оценува Велјановски.

„Мислам дека тоа е бизарна ситуација во која Александар Вучиќ едвај чекаше да се спореди со Трамп“, вели Тамара Скроза. „Ми се чини дека и тој на некој начин профитираше на овој начин, бидејќи сега се покажува како борец против светската неправда и борец за заедничката кауза“, додава Скроза.

Критиката кон Вучиќ е укината

Кога станува збор за приватните медиуми, никој не очекуваше некаква значајна доза на саморефлексија кога станува збор за нивната уредувачка политика. Наместо тоа, тие медиуми тргнаа во потрага по оние кои, според нивното мислење, „кодошеле на Твитер“. Повеќето од овие медиуми сметаат дека потегот на Твитер е „жигосување на медиумите“, а некои најавуваат дека ќе се обидат да го контактираат Твитер за да дознаат како се нашле на таа листа. Голем број медиуми го нагласуваат токму она на што инсистира актуелната влада, претежно завиткано во нескриена порака за „предавници и странски платеници“, а тоа укажува на српските медиуми кои се финансирани од странство, и који поради тоа не се обележани на Твитер.

Анализите спроведени во последните години покажаа дека повеќето од означените печатени медиуми се крајно наклонети кон претседателот на Србија и на Српската напредна партија (СНС), Александар Вучиќ, кој е застапен во нив, речиси без исклучок, секогаш во позитивен контекст. И мониторингот на телевизиите со национална фрекфенција покажува покажува слични нешта. Владејачките партии во Србија се претежно застапени во централните вести на овие телевизии. Негативното претставување на српскиот претседател на РТС, ТВ Прва, Хепи, Пинк и Б92 е нула проценти.