Бура поради идеите за колективизација во Германија | Свет | DW | 03.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Бура поради идеите за колективизација во Германија

Лидерот на младинското движење на германските социјалдемократи предизвика бура во јавноста и во сопствената партија откако во едно интервју предложи колективна сопственост на фирми како БМВ.

Deutschland SPD l Juso-Bundeskongress in Düsseldorf l Kevin Kühnert (picture alliance/dpa/M. Becker)

Лидерот на младинското движење на германските социјалдемократи Кевин Кинерт

Раководството на германската централно-лева владејачка Социјалдемократска партија (СПД) се дистанцираше од лидерот на сопствениот младински огранок, Кевин Кинерт, откако тој повика на колективизација на најголемите германски компании како БМВ.

„Без колективизација надминувањето на капитализмот е незамисливо“, изјави 29-годишниот Кинерт за магазинот „Ди Цајт“. „За мене е помалку важно дали на вратата на БМВ пишува ’државна автомобилска компанија’ или ’кооперативна автомобилска компанија’ или дали колективот одлучил дека БМВ повеќе не е неопходен во таа форма“, дополни Кинерт.

Според Кинерт, кој е на чело на „Јусос“ или Младите социјалисти (младинска организација на СПД), она што е важно е дистрибуцијата на профитот на БМВ да биде демократски контролирана, што значи дека не може да има „капиталистички сопственик“ на компанијата.

Кинерт исто така повика и на крај на приватната сопственост како бизнис модел. „Доколку размислите логично, никој не треба да поседува повеќе од животниот простор во кој живее“.

Коментарите предизвикаа бура од други високи функционери на СПД, помлад партнер во владата на Ангела Меркел. Генералниот секретар на СПД, Ларс Клингбајл, твитна дека Кинерт опишува „социјална утопија“.
„Ова не е мое и не е барање на СПД. Како и да е, повикувам на повеќе смиреност во дискусијата“.

На каква трева е тој?

Реакцијата на Клингбајл можеби беше поттикната од интервенцијата на претставникот на либералното економско крило на СПД, пратеникот Јоханес Карс, кој твитна:
„Какви ужасни глупости. Што пушел тој? Сигурно не било легално“.

Карс го обвини Кинерт на Твитер дека „ги плаши гласачите среде изборна кампања“.

Интервјуто отвори и посуштинска дебата во рамките на СПД за местото на социјализмот во партијата.
Постарите, социјалистички принципи на партијата, беа трансформирани по војната во т. н. „Годесберг програма,“ со која беше отфрлена идејата за уривање на капитализмот во замена за негова реформа. Програмата служеше како де факто политичка мапа на партијата од 1959 до 1989 година. Со Годесберг програмата беше отфрлена и самодефиницијата на партијата како работничка партија и заменета со дефиницијата „партија на народот“.

Но програмата на СПС сѐ уште, барем на хартија, се повикува на принципот на „демократски социјализам“.

Демократски социјализам

Според некои партиски членови, изјавите на Кинерт не ги надминуваат основните партиски принципи. Пратеничката Хилде Матеис, која претседава со клубот на левичарски членови на СПД, не разбира зошто се кренала толкава бура и ги брани изјавите на Кинерт за БМВ.

„За тоа секако треба да се разговара. Во моментов имаме автоиндустрија чии грешки одат на штета на потрошувачите. Мислам дека е целосно исправно да се запрашаме како да воведеме повеќе демократија во економијата“.

„Социјализмот значи дека сакаме да ја отргнеме секоја неправда и, во принцип, да ја промениме секоја неееднаквост“, вели Матеис.

SPD Generalsekretär in Berlin Lars Klingbeil (Imago/Gerhard Leber)

Генералниот секретар на СПД, Ларс Клингбајл се дистанцираше од Кинерт

Терминот „демократски социјализам“ всушност е комплексен за СПД. Бернд Фауленбах, историчар кој долги години ја предводеше историската комисија на СПД, за ДВ објаснува дека овој термин „за некои е изјава за политичката насока. За други е само историски термин. Но не е табу“. Во секој случај, тој додава дека членовите на СПД одлучиле помалку да го користат во 1990 години, кога партијата отворила ограноци низ поранешна Источна Германија.

Далеку поконтроверзен термин кој го употреби Кинерт беше „експропријација“ во смислам на насилен откуп на имот од страна на државата. Тоа е дозволено согласно германскиот Устав, но само во служба на „јавното добро“.

Кинерт тоа го предлага како идеја за надминување на кризата со високата цена на недвижностите во Германија. Но заменикот-претседателот на СПД, Ралф Штегнер е скептичен: „Тоа нема да ја реши кризата со домувањето затоа што долго трае и чини многу пари за компензација“.

Штегнер посочи дека Кинерт едноставно одговорал на прашање за значењето на социјализмот во демократски контекст. Според него, целата дебата е пренадувана. „Тоа е бура во чаша вода“, вели Штегнер.

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама