1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Од протестите на холандските фармери на 4 јули годинава
Од протестите на холандските фармери на 4 јули годинаваФотографија: Lars Klemmer/dpa/picture alliance
ЕкономијаХоландија

Бунт на фармерите: Многу добиток, премногу азот

Ела Џојнер
16 јули 2022

Земјоделците во Холандија покренаа бунт поради плановите на владата за намалување на емисиите на азот. Сточарите во ова гледаат ултиматум: или драстично да го намалат бројот на говеда, или да си го продадат имотот.

https://www.dw.com/mk/%D0%B1%D1%83%D0%BD%D1%82-%D0%BD%D0%B0-%D1%84%D0%B0%D1%80%D0%BC%D0%B5%D1%80%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%B2%D0%BE-%D1%85%D0%BE%D0%BB%D0%B0%D0%BD%D0%B4%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%BD%D0%B5-%D0%B3%D0%B8-%D0%B4%D0%B0%D0%B2%D0%B0%D0%BC%D0%B5-%D0%B7%D0%B5%D0%BC%D1%98%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B8-%D0%B4%D0%BE%D0%B1%D0%B8%D1%82%D0%BE%D0%BA%D0%BE%D1%82/a-62471644

„Мислам дека има агенда Холандија да стане поинаква земја, а фармерите се пречка на тој пат,“ вели Ад Балтус кој има 52 години и одлгедува околу 130 молзни крави во близина на Алкмар на северот на земјата.

„Сакаат да го променат пејсажот. Повеќе природа и повеќе соларни панели. Им треба земја за да градат станови и индустриски капацитети. А таа земја треба да им ја дадеме ние, земјоделците,“ убеден е Балтус.

Додека ни го покажува поседот на кој работи веќе четири децении, неговото куче трча околу нас. Балтус вели дека не го поддржува насилството на протестите, но има разбирање за бесот.  И самиот учествувал на демонстрациите. Сè се врти околу азотните соединенија, како што е амонијакот. Го има во ѓубривата, но го загадува и воздухот, водата и земјата, а на крајот влијае и врз разноликоста на видовите. 

Аграрна велесила 

Малата Холандија има најголема концентрација на добиток во ЕУ. Половина од земјата е под насади и пасишта, и со напредната технологија оваа земја е вториот најголем извозник на земјоделски производи во светот, зад САД.

Земјоделството и хортикултурата сочинуваат десет отсто од националната економија и 17,5% од извозот (65 милијарди евра годишно). Според податоците од Министерството за земјоделство, дури 46% од емисиите на азот доаѓаат од земјоделството, особено од производството на месо и млеко. Азот не се наоѓа само во ѓубривото, туку и во изметот на кравите, свињите и овците.

Ад Балтус на својата фарма
Ад Балтус на својата фармаФотографија: Ella Joyner/DW

Еко-активистите велат дека загрозувањето на видовите веќе се гледа со голо око – во земјоделските краеви на пример има се повеќе коприви на кои не им пречи толку кисела и азотна почва, а се помалку има ретки видови жаби и верверички. 

Кисела почва значи помало присуство на калциум, а помалку калциум значи послаба лушпа на јајцето, на пример кај клукајдрвците поради што овие птици имаат проблеми со потомството.

По години на притисок од ЕУ, како и пресудите на европскиот и домашниот суд, властите во Хаг во јуни претставија радикални предлози за да се справат со кризата. Емисиите на азот треба да се преполоват до 2030 година. 

Многумина ќе пропаднат 

Во одредени региони, земјоделските производители треба да ги намалат емисиите до 70 проценти, особено во зоните заштитени со програмата на ЕУ „Натура 2000“. За многу земјоделци, ова значи радикална промена или дури и затворање. Владата издвои 25 милијарди евра за да ги намали емисиите или да ги откупи фармите, но сè уште не е јасно колку ќе добијат индивидуалните земјоделци.

Земјоделците блокираа патишта ширум земјата
Земјоделците блокираа патишта ширум земјатаФотографија: Vincent Jannink/ANP/dpa/picture alliance

„Искрено кажано, не сите земјоделци ќе можат да ја продолжат својата работа“, објави владата во јуни, што предизвика немири на улиците. За Настасја Ерлеманс од Светскиот фонд за заштита на дивиот свет (WWF), кризата е „резултат на триесетгодишна неактивност и покрај сите научни предупредувања“. „Како општество дозволивме да се воспостави унаказен систем за производство на храна“, вели таа за ДВ  и додава дека „ сега имаме одговорност да им понудиме на земјоделците алтернативи“. 

Кравите не се мачки 

Производителот на млеко Балтус уште и добро мина- емисијата на азот на неговата фарма треба да се намали за 12 проценти. Вели дека тоа ќе го чини пари, но нема намера да го продаде семејниот имот кој го стопанисуваат околу два века. „Моите предци ги правеа работите поинаку“, ни вели тој. „Генерацијата по мене исто така ќе работи поинаку, се надевам - подобро.“

Некои земјоделци пак треба да ги намалат емисиите за дури 95%, што е практично невозможно, а истовремено бизнисот да остане профитабилен. Меѓу креативните решенија е предлогот кравите да се хранат со помалку протеини или едноставно да се подолго на нивите. Затоа што кога ќе вршат нужда таму е далеку подобро отколку кога тоа го прават во штала каде што се мешаат урината и изметот што е смртоносен азотен коктел. Научниците дури се обиделе да ги научат кравите да „одат во тоалет “, односно да вршат нужда на едно место. „Кравите не се толку паметни“, вели Балтус за неуспешната идеја.

Крави на ливада во Холандија
Крави на ливада во ХоландијаФотографија: picture-alliance/C. Wermter

Цела ЕУ гледа во Холандија 

Иако Холандија е рекордер затоа што има премногу добиток на мала површина, загадувањето со азот е проблем и на други места во Европа, ни вели Јан Виљем Ерисман, професор на Универзитетот во Лајден. Како на пример, по долината По во Италија, Бретања во Франција, како и делови од Данска, Ирска и Велика Британија. Масовните протести во Холандија би можеле да се повторат на друго место, со оглед на тоа што ограничувањата на штетните емисии важат за целата ЕУ. 

Во Белгија внимателно ги следат случувањата кај соседите. Во регионот на Фландрија веќе планираат намалување на бројот на свињите за 30% до 2030 година. Властите на фармерите им нудат по 150 евра за откуп за прасе и 855 евра за свиња крмак. 

„Сите земји би требало да имаат политики за исполнување на целите на ЕУ во однос на емисијата на азот“, вели професорот Ерисман, експерт за одржливост на животната средина. Холандската влада само ги скицираше насоките и сега останува на локалните самоуправи да ги спроведат. Земјоделците сè уште се на барикадите, автопатиштата и аеродромите веќе беа блокирани, куќата на ресорниот министер беше испрскана со ѓубриво, полицијата и армијата беа во акција со полна воена опрема. Но, многу земјоделци сè уште се надеваат на компромис и опстанок на бизнисот. Како што ни вели еден земјоделец: „Кога еднаш ќе ја затворите фармата, повеќе нема враќање назад.“ За жал, за него и за другите, можеби токму ова е целта на владата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Зградата на владата на Република Северна Македонија

Инаетот како главен енергенс

Mazedonien DW-Korrespondentin aus Skopje, Katerina Blazevska
Катерина Блажевска
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница