1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бум на фер трговијата

Рахел Гесат / Елизабета Милошевска Фиданоска22 април 2012

Почна со кафе, а во меѓувреме веќе има цела низа производи кои го носат печатот „Fairtrade“, односно фер трговија. Обртот во оваа гранка во Германија е во постојан подем.

https://p.dw.com/p/14j7o
Фотографија: TransFair e.V.

Дитер Оверат, раководител на ТрансФер Германија е горд: „Од 2002 година, обртот во делот на фер тргувани производи во Германија е осумпати зголемен“. Во 2011 година браншата има обрт од 400 милиони евра, а Оверат е убеден дека трендот ќе продолжи: „Мислам дека годинава ќе ја достигнеме цифрата од половина милијарда евра.“

За огромниот подем на браншата има повеќе причини. Од една страна, има повеќе фер тргувани производи во супермаркетите и дисконтите. Покрај кафе, чоколадо и банани, во текот на изминатите години омилени беа пред се‘ - розите. Тие за само пет години откако се присутни на пазарот, имаат удел од седум проценти.

Германските потрошувачи очигледно плаќаат радо малку повеќе ако притоа имаат чувство дека со тоа даваат поддршка на добра цел. А брендот Фертрејд во Германија не само што го познаваат околу 70 процени од луѓето, туку ужива и голема доверба кај потрошувачите.

Fairtrade-Rosen
Розите со Фертрејд-печат се омилениФотографија: DW

Од кафе до мебел

ТрансФер во Германија го дава печатот за фер трговија веќе 20 години. На почетокот името на здружението беше ТрансФер, а во меѓувреме е Фертрејд. Печатот го добиваат производи кои се тргувани и произведени според определени критериуми.

Првиот прозивод кој го доби печатот беше кафето. Прво затоа што Германците пијат кафе многу и со задоволство, а второ затоа што производителите на кафе особено многу страдаат поради законите на слободниот пазар. Ако жетвата е добра и понудата голема, цената паѓа, ако жетвата е лоша селаните одвај заработуваат нешто. Во фер трговијата постојат гаранции за откуп и утврдена е минимална цена која ја утврдуваат производителите во земјите во развој, независно од силните осцилации на цената на светскиот пазар. Така се спречува селаните кои одгледуваат банани, цвеќе или кафе, да мора да ги продаваат своите производи на прекупци по дампинг цени.

Социјални и еколошки критериуми

Производителите и трговците кои сакаат да добијат печат Фертрејд се обврзуваат дека ќе се држат до социјалните стандарди, како на пример - нема да дозволуваат детски труд или мора да гарантираат работнички права. Улога играат и еколошките критериуми, како намалена употреба на пестициди или поттик на био-земјоделство. Исполнувањето на стандардите не се проверува преку издавачот на печатот Фертрејд, туку тоа го прави екстерно здружение за сертификација.

Покрај прехранбените производи и цвеќето, ТрансФер сега навелгува и во делот на мебелот. И во тој дел веќе има сериозни партнери - огромна фирма за продажба на производи по каталог и голема фирма за мебел од јужна Германија сакаат да нудат мебел со сертификат. Мебелот се произведува во Мексико, дрвото потекнува од Боливија, Чиле и Хондурас. Притоа, Фертрејд Германија соработува со познатиот ФСЦ-бренд за одржливо стопанисување со шуми.

Symbolbild Kaffee Fairtrade Kaffeebohne
Се‘ почна со кафетоФотографија: Fotolia

Фер е тренд!

ТрансФер им се доближува се‘ повеќе и на градовите и општините. Во 2011 година многу општини се обврзаа активно да придонесуваат за фер трговија, со тоа што, на пример, во комуналните установи се пие само кафе од фер трговијата, спортските здруженија и училиштата користат топки со печат Фертрејд, а и при реновирањето, јавните места се поплочуваат со производи кои имаат сертифкат. Малиот остров на Северно море - Лангеоог, пред десетина дена како прв остров во Германија беше прогласен за „Фертрејд остров“. За многу општини ова признание, кое се доделува секои две години, е добро средство за привлекување туристи. Зашто, Фертрејд, исто како и био-производите е сосема во тренд!