Бугарски пензионерки - со песна против сиромаштијата | Економија | DW | 16.07.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Бугарски пензионерки - со песна против сиромаштијата

Како се живее во ЕУ со 165 евра месечно? Толку во просек добиваат бугарските пензионери. Марија Илчева посети пензионерки кои не дозволија тоа да ги обесхрабри.

„Баш ни е гајле за се`, баш ни е гајле за се`! Со песни и смеа го тераме животот, оти сакаме долго да живееме!“ Дванаесет пензионерки го пеат ова и изведуваат физички вежби во Домот на културата во бугарскиот град Асеновград - секојдневен 90-минутен ритуал. „Преку спортот сме фит и поздрави, а уште поважно е дека така забораваме на нашите проблеми со парите“, вели Марија Иванова, која го води курсот.

Пред два дена таа наполни 80 години. Со месеци штедела за да може за роденденот да послужи ќофтиња, торта, вино и ракија. „За се` се погрижив самата“, кажува со гордост. Тоа ја чинело половина од пензијата, но, вели, „само еднаш се живее“.

Далеку од „нормалниот“ живот

По 35 години работа во текстилна фабрика, Марија од државата добива 110 евра месечно, плус 35 евра некој вид инвалидски додаток поради две операции од рак. Вкупно, значи, 145 евра, а во Бугарија, според тамошното Здружение на независни синдикати, е потрбно двојно повеќе за водење „нормален“ живот.

Bulgarien Assenowgrad Rentner

Спортот го прави човек среќен

Но 60 проценти од бугарските пензионери добиваат помалку од 150 евра месечно и живеат под границата на сиромаштија. Една четвртина од пензионерите има само минимална пензија од 80 евра месечно – најмалку во цела ЕУ. И просечната бугарска пензија од 165 евра е најниска во Унијата: во Романија таа изнесува 198, во Полска 469, а во исцрпената од криза Грција 663 евра месечно.

Млекото е луксуз

Како со толку малку пари се живее во Бугарија, каде некои прехранбени производи се дури и поскапи отколку во Германија? „Ние сме светски прваци во лишување од нешта“, вели Марија. Таа готви само евтини јадења - најчесто грав, леќа или компири; месо или риба се реткост, како и млекото, кое во левови чини најмалку едно евро. Прашува: „Сум слушнала дека кај вас во Германија е напола поевтино. Точно ли е?“

Bulgarien Assenowgrad Rentner

Станка со 66 години уште оди во домашни посети како медицинска сестра

Марија не е преокупирана со финансиските проблеми. Покажува грст медали: на првенствата за ветерани последните години освоила 4 златни и три сребрени. Се фали: „Непобедлива сум во трка на 100 метри на плажа. Спортот ме прави среќна. Не сакам како многумина пензионери по цел ден да кукам поради тешкото секојдневие“. Затоа се дружи со други „позитивни пријателки“, како Станка Атанасова, исто така една од најдобрите стортистки-ветеранки во градот. „Станка е богата“, ни кажува Марија.

Помош за децата и внуците

„Богатата“ 66-годишна Станка 30 години работела како медицинска сестра. Има пензија од 160 евра, дополнително заработува уште стотина негувајќи болни. Ако се додаде и пензијата на мажот ѝ, се собираат околу 460 евра, колку што изнесува и просечната бугарска плата. Но, Станка и сопругот уште во времето на комунистичката диктатура во Бугарија си изградиле куќа и сега издаваат под кирија на студенти две соби под покривот. Според Еуростат (европска статистичка агенција – н.з.) 84 проценти од Бугарите живеат во сопствени 4 ѕидови, додека во Германија одвај половината.

Bulgarien Assenowgrad Rentner

Помош за домашниот буџет - зеленчук на балкон

Голем дел од приходите Станка им дава на ќерките и внучињата, кои со години секојдневно ги чувала. Таа сега го презеде готвењето, а ја финансира и приватната настава по англиски и музика за внучињата: „Мора да им се помогне на младите, инаку би побегнале во странство, како и многу други, оти овде шансите им се мали“.

Се штедат пари за ковчег

Третата во клубот на добродржечките баби е 70-годишната Нели Аргирова. Таа има нива на која одгледува овошки и зеленчук, а и на балконот има засадено домати. И Нели е поранешна медицинска сестра, но добива само 80 евра, наполу помалку, оти кога Станка се пензионирала пензиите биле значително покачени, но со тоа не биле опфатни и постарите пензионери како Нели.

Bulgarien Assenowgrad Rentner

Нели со години штедела за машина за перење

И Нели има куќа, која многу одамна не е ни реновирана, ниту е обновен мебелот кој е уште од времето на социјализмот. За машината за перење штедела повеќе години. За облека, посети на кино или театар - иако влезница чини само 3 евра - нема пари. Нели и Марија кажуваат дека последен пат купиле облека пред неколку години: убави црни костумчиња. Во него може да биде и погребана, смета Нели. Иако има потреба од нова рерна, тоа отпаѓа, оти тогаш децата ќе немале доволно пари за нејзинот ковчег, а не сакала да ги доведе во таква ситуација. „Доста со пари и погреби. Ние не сме сиромашни, оти душата ни е богата. А и уште сите не бива за спорт, нели?“, си се тешат пензионерките и си наздравуваат со чашка домашна ракија од Нели.