Придавката „македонски“ и цар Самоил ја скараа комисијата
4 декември 2020Пропадна уште еден обид македонските и бугарските историчари да се приближат во ставовите и да постигнат договор околу клучните прашања, околу кои се спори со месеци. Членовите на Комисијата се судрија околу придавката „македонски“, но и околу цар Самоил, па недоразбирањата ескалираа до тој степен, што и македонските и бугарските историчари одбиваат да ги потпишат записниците за состаноците, во зависност од тоа кој го дава предлогот. По последната средба на комисијата, се чини двете страни се уште подалеку од постигнување на компромисни решенија, а на површина испливуваат низа проблеми и недоразбирања, коишто го продлабочуваат јазот и водат до нула напредок во разговорите.
Спорни точки
Не само што не се постигнати нови заклучоци по дводневното заседавање на заедничката Комисија за историски и образовни прашања помеѓу С Македонија и Бугарија, историчарите обелодемија дека заглавиле на една техничка и на една суштинска точка. Копретседавачите на Комисијата, Ангел Димитров и Драги Ѓоргиев на прес-конференција информираа дека не е постигнат никаков напредок. Македонската страна одбила да ги потпише и записниците од претходните два состаноци, бидејќи бугарските колеги одбивале да се користи придавката – македонски.
-повеќе на темата: Драги Ѓоргиев за ДВ: Историските прашања да не се користат како политичка алатка
„Резултатот од 11. средба е нула. Немаме направено ниту минијатурен чекор. Една од причините за тоа, иако изгледа техничка, сепак е политичка. Од 9-та средба наваму нашите колеги од македонската страна одбиваат да ги потпишат записниците. Тие настојуваа насекаде да се стави ‘македонски’, а тоа не е во согласност со востановената практика. Со одбивањето на потпишување на записниците се става под сомнеж нашата работа, бидејќи без документ за тоа што е дискутирано и какви одлуки се донесени на нашите средби се прават работите несигурни“, рече копретседавачот на Комисијата од бугарска страна, Ангел Димитров.
Според Драги Ѓоргиев, пак, иако на средбите имало повеќеслојни дискусии, за жал, напредок нема. Додека јавноста беше во исчекување на некаков позитивен исход од средбите, Ѓоргиев вели дека на поголемиот дел од нив се дискутирало за записниците.
„Тука главен проблем е употребата на придавката ‘македонски’, бидејќи постои различно толкување на Преспанскиот договор. Употребата на придавката ‘македонски’ од страна на бугарските колеги е лимитирана целосно, без оглед како е тоа запишано во Преспанскиот договор и како тоа се толкува од наша страна. Бугарските колеги тоа почнаа да го практикуваат по 6-та. средба, иако ние не бевме информирани, ниту бевме консултирани“, рече Ѓоргиев. За тоа не било информирано ниту МНР. Ѓоргиев објаснува дека се работи за ситуации каде требало да се употреби македонска културна традиција, македонска историја, јазик, народ.
Препирки за цар Самоил
Бугарската страна има забелешки за околу 14 точки, а разговорите заглавиле на 4. точка која е поврзана со цар Самоил.
„Ако има некои забелешки, тие ќе бидат поврзани со патот на формирањето на нацијата и идентитетот, како и историјата што ја има еден современ јазик. Исто така, имаме друг начин на гледање кон минатото, кон интерпретацијата на средниот век и првото бугарско царство. Има заеднички јазик во науката и во историјата и тој е почитување на доминантните извори во светската историја кои зборуваат дека е бугарски цар. Дискусијата натаму беше непродуктивна, така што за Гоце Делчев дискутиравме само половина час и нема да коментирам што се случи“, рече Димитров.
-повеќе на темата: Заев: Ќе разговаравме со Бугарија и покрај ветото
Според Ѓоргиев, во однос на прашањето за цар Самоил, главниот проблем е што бугарските колеги инсистираат во учебниците да влезе само нивната перспектива, а се избегнува внесување на мултиперспективноста во однос на оваа историска личност, на што инсистираат македонските експерти.
„За жал и тука не постигнавме согласност. Главниот проблем е во тоа што, според мене, се избегнува внесување мултиперспективност во учебниците по историја. Идејата да се наметне само едно видување, резултираше со непостигнување резултати за оваа забелешка на бугарските колеги. Беа разменети неколку предлози и варијанти на препораката за тој дел од нашата историја, но се покажа дека имаме апсолутно спротиставени ставови за тоа како треба да изгледаат идните учебници“, рече Ѓоргиев.
Запрашан дали досега до владите се испратени некакви препораки, Ѓоргиев рече дека тоа е направено за бугарските учебници за петти и шести клас и за учебникот за шесто одделение во македонското образование за кои е постигната согласност за спорните делови. Димитров напредокот го лоцира според историски периоди и вели дека тој е минорен и само во однос на праисторијата и антиката, додека допрва следуваат покомлицираните периоди како среднвековието, османлискиот период и помодерната епоха. Ѓоргиев, пак, реагира дека е попрецизно напредокот да се лоцира преку учебници, бидејќи во различни учебници тие периоди не се совпаѓаат.
Нова средба
Обајцата копретседатели најавија дека во следните денови ќе се состанат повторно, но во помал состав за да се лоцира проблемот и да се најде излез од оваа „непријатна ситуација за двете страни“. Оценката е дека постојат големи разлики и во однос на улогата на политиката во историјата и дека тоа пречи за посигнување напредок во Комисијата.
„Овој резултат „нула“ покажува уште нешто. Ние сме многу далеку од завршување на работата околу учебниците кои го третираат средниот век. Завршивме веќе 11. средба, а се движиме многу полека, како желка и не се покажува договор што треба да биде исполнет. Ако продолжиме да работиме следната година, треба да знаеме што се очекува од нас со потпишаниот Договор за пријателство и добрососедство“, порача Димитров.