Бугарскиот притисок само го засилува македонизмот | Северна Македонија | DW | 18.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Бугарскиот притисок само го засилува македонизмот

Треба да му се каже на бугарското општеството дека додека користиме националистички притисок врз Македонија, ние сами си пукаме во нога, вели бугарскиот професор Димитар Вацов

Развиорени македонски знамиња пред зградата на Собранието во Скопје

Развиорени македонски знамиња пред зградата на Собранието во Скопје

Бугарскиот притисок во крајна сметка не му контрира на македонизмот, туку го засилува и го шири неговото влијание - е клучниот заклучок од истражувањето на медиумската средина во Северна Македонија спроведено во 2019, 2020 и 2021 година од Фондацијата за хуманитарни и социјални истражувања. Еден од авторите на истражувањето, Димитар Вацов, професор по филозофија на Новиот бугарски универзитет, во интервју за бугарски „Медиапул“ ги презентира забележителните разлики во македонската медиумската средина пред, и по бугарското вето, но дава и свои оценки за претстојните процеси. Запрашан дали „преживувањето“ на Заев под притисокот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде доволно силно за Скопје да се придвижи кон ЕУ, одговорот го става во релација со потезите на Софија.

„Во моментов, како што се виде од локалните избори таму, на кои тој изгуби, Заев е многу ослабен. Не затоа што опозицијата на ВМРО-ДПМНЕ станала многу силна, туку затоа што многу од неговите гласачи се разочарани и не отидоа да гласаат. А тие се разочарани, затоа што основното ветување кое го држи на власт - Македонија во ЕУ - не може да биде реализирано. Нема светлина во тунелот. А нивниот тунел ние го затнавме. Дури и малку да се поместиме, малку светлина да пуштиме, тоа ќе им даде хоризонт на проевропски настроените луѓе таму, соодветно ќе му даде сила и на Заев, кој политички ги претставува“, вели Вацов.

Заев е многу ослабен поради бугарското вето, вели бугарскиот професор Димитар Вацов

Заев е многу ослабен поради бугарското вето, вели бугарскиот професор Димитар Вацов

Во тој контекст како оптимистички ги оценува првичните изјави од водството на победничката партија „Продолжуваме со промените“, но главниот импулс сепак го очекува од бугарските медиуми.

„Да, Кирил Петков испрати една позитивна, оптимистичка порака, која допрва треба да биде исполнета со конкретна политичка содржина. Што сепак ќе му биде тешко, затоа што евентуалната коалиција и парламентарното мнозинство кое тој треба да го создаде, ја вклучуваат БСП и ИТН. А тие партии имаат тешки национал-популистички позиции, вклучително и за македонското прашање. И тешко дека ќе ги променат, додека остануваат непроменти општествените ставови. Така што, пробивот треба да дојде преку бугарските медиуми: јасно треба да му се каже на општеството дека додека користиме националистички притисок врз Македонија, ние сами си пукаме во нога. Не само што ги настројуваме против нас, туку директно ги убиваме пролибералните и пробугарски гласови таму. Геополитички од тоа придобиваат Белград и Москва", смета Димитар Вацов.

Историјата надвор од фокусот

Но, и оние кои не се импресионирани од најавите за „нов пристап“ во решавањето на спорот меѓу Софија и Скопје, како да се убедени дека Софија ќе биде принудена да попушти. Според политологот доцент Валентин Вацев, идната лево-либерална бугарска влада ќе мора да направи три работи, а првата се однесува на РСМ.

„Првата е да престане да пречи со своето вето на Македонија кон Европската Унија. Во ЕУ и американскиот Стејт департмент апсолутно пет пари не даваат за бугарските историски тврдења. Тие не се чувствуваат должни да го разберат сето она што ние го кажуваме (...) Се сеќавам на еден случај кога новинар се обиде да и објасни на тогашната државна секретарка Кондолиза Рајс дека Косово е лулка на српската држава. Таа климна со разбирање и насмеана одговори: ‘Но, тоа било во 14 век!' Едноставно, никој во обединета Европа и САД не обрнува внимание на бугарскиот историски лелек (...) Бугарските историчари ќе се обидат да објаснат дека тоа воопшто не е така, но денешните господари на обединета Европа и САД не обрнуваат внимание на историските тврдења. Така што прашањето со Македонија ќе се реши на најнецеремонијален начин. На Бугарите ќе им се каже да замолчат и да прекинат со нивното историско лелекање. Не и е првпат на Бугарија да мора да пие ладна вода по прашањата за Македонија“, вели Вацев за Труд“.  

Дали евентуалната нова бугарска влада на чело со Кирил Пеков (во преден план) ќе го реши спорот Софија-Скопје?

Дали евентуалната нова бугарска влада на чело со Кирил Пеков (во преден план) ќе го реши спорот Софија-Скопје?

Кој го бира министерот"?

Во екот на разговорите за новата бугарска влада, се јавија и одредени реакции за изјава на специјалниот пратеник на македонската влада за Бугарија, Владо Бучковски, кој во медиумски настап го посочи Даниел Лорер, близок соработник на Кирил Петков, како идеално решение за нов бугарски министер за надворешни работи.

Извори од „Продолжуваме со промените“ за бугарски медиуми изјавиле дека името на Лорер не било посочено пред македонски претставници како можен министер за надворешни работи. Но, веќе тргнаа партиски и медиумски забелешки за „интриги на Скопје“ и „мешање во внатрешните работи“. 

„Тоа што претставникот на РСМ си дозволи буквално да го објави името на, од нив, претпочитаниот кандидат, е проблем, и треба да биде еден црвен сигнал како Скопје гледа на она што се случува во Софија. Тоа не само што го издава ставот на Скопје кон настаните во Бугарија, туку и директно најавува што очекува Скопје од идната бугарска влада. Од гледна точка на заштита на националниот интерес тоа е апсолутно неприфатливо", вели за Бгнес долгогодишниот дипломат, Мирослав Зафиров.

Тој смета дека проблемот со РСМ нема да се реши со формирање на комисиите за кои зборувал Кирил Петков.

„Тие можеби не звучат лошо, но не се соодветни за она што се случува денес. Острите пресврти во надворешната политика, особено по прашања за кои имало парламентарно единство, тешко да бидат од корист за заштита на интересите на државата, како и за нивна убедлива одбрана пред нашите партнери“, оценува Зафиров.

 

Поврзана содржина