Бугарскиот претседател Радев изненади во Берлин | Свет | DW | 07.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Бугарскиот претседател Радев изненади во Берлин

Новиот бугарски претседател Румен Радев, кој од западните медиуми беше претставуван како „проруски“ настроен, за време на посетата на Берлин презентираше јасни ставови. Коментар на Александар Андреев.

За првата билатерална посета на новиот бугарски претседател Румен Радев очигледно не случајно беше одбран Берлин. Само неколку дена по посетата на Брисел и европскиот самит во Малта, Радев дојде во германската престолнина најмногу за да даде сигнал за сопствените внатрешнополитички намери. Во текот на предизборната кампања, и откако стапи на должност, низа западни медиуми го претставуваа Радев како „проруски политичар“. Од една страна, имаше и основа за такво нешто, а од друга страна се одеше по инерцијата „БСП=Русија“. Како новајлија на политичката сцена Румен Радев даде неколку несмасни, но и двосмислени изјави, но по многу кратко време се самоопредели како политичар со јасна евроатлантска ориентација. Тоа недвосмислено го потврди и во Берлин, каде го дочека и таков политички дневен ред: Германија е најважниот партнер на Бугарија, и тоа не само во економска смисла.

Главната тема

Како на средбата со германскиот претседател Јоахим Гаук, така и подоцна, на Германско-бугарскиот економски форум, Радев и неговите домаќини го прецизираа следниот дневен ред: поттик и правна сигурност за германските инвестиции во Бугарија, импулси за германските туристи, внимание и симпатии кон стотиците илјади Бугари во Германија и не како последно - повеќе инвестиции во сферата на културната соработка, размената на студенти и учењето на германскиот јазик во Бугарија.

Alexander Andreev, Leiter der bulgarischen Redaktion bei der DW und Übersetzer (DW/H. Mund)

Александар Андреев

Па сепак, главната тема беше друга: она што бугарскиот претседател претпазливо го нарекува „мигрантски бран“, а кое во Германија повеќе се дефинира како „прилив на бегалци“. Позицијата на бугарскиот претседател по ова прашање беше јасна, разбирлива и политички точна. Бугарија го понесе својот дел од бремето на европската солидарност и оправдано очекува признание и поддршка, смета Радев. Таа поддршка тој ја гледа не само во облик на финансиска, техничка и персонална помош за чувањето на бугарската (со тоа и на европската) граница, туку и во облик на вклучување на државата во соодветна оперативна програма со која проблемот треба трајно да се реши. А „наградата“ за Бугарија која (за разлика од други држави од централна и источна Европа) навистина практикува европска солидарност, би требало да биде брз прием во Шенгенскиот простор, за што државата, како што вели Претседателот, одамна ги исполнила сите технички предуслови.

Меѓутоа, токму во тој дел бугарскиот претседател е ранлив и дава простор за критика. Зашто, големиот проблем со бегалците и мигрантите не може да се сведува единствено на опасноста од нив поради што треба да се бараат прагматични решенија. И не може ладнокрвно да се „тргува“ со бугарските напори, кои се навистина достојни за пофалба, за да се добие шенгенски пасош за државата. Па, во крајна линија, станува збор за стотици илјади луѓе кои бегаат од војна, смрт и разурнувања. Точно е дека Радев вешто аргументира во врска со односите кон Русија и вели дека е неопходно брзо решавање на сирискиот воен конфликт, за што руската политика може да даде клучен придонес. Но, настрана од тоа, многумина во Германија ќе поздравеа одвојување нешто поголемо внимание од страна на Радев за хуманитарниот аспект на проблемот и ангажманот на милиони Германци и на германските институции кои вложуваат неверојатен напор за да им помогнат на луѓето во нужда.

Дотука е добро

И покрај сѐ, новиот бугарски претседател во Германија се претстави во добра светлина. Неколкумина германски познавачи на бугарската политика и долгогодишни „коавтори“ на добрите билатерални односи оценија дека се пријатно изненадени како од спокојното и прецизно политичко говорење на Радев, така и - што никако не смее да се занемари - од стабилната комуникација на претседателот на меѓународна сцена и од, за такви ситуации задолжителната, смисла за хумор.

Еден од тие познавачи, меѓутоа, рече и нешто многу позначајно: дотука многу добро, но ќе видиме дали во иднина Радев навистина ќе ги практикува политичките ставови презентирани во Берлин.

 

DW.COM

Реклама