Бугарија ја губи битката против Омикрон | Информации и анализи за Балкан | DW | 19.01.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Бугарија ја губи битката против Омикрон

Само 29% од возрасните во Бугарија се целосно вакцинирани. Половина од луѓето во земјата се решени да не се вакцинираат. Со оглед на Омикрон-бранот, Бугарија е пред голем предизвик.

Статистиката дава мрачна слика: Бугарија има највисока Ковид-стапка на смртност во ЕУ. Во 2021 година во земјата починале најголем број луѓе во последните сто години. Преголемата смртност е висока како во ретко која друга европска земја.

Сепак, повеќето Бугари не покажуваат подготвеност за вакцинација. Само 29% од населението се целосно вакцинирани. Тоа е најниска стапка на вакцинација во ЕУ. Противниците на вакцините во Бугарија демонстрираат непрекинато и неуморно. Се чини дека земјата во моментов ја губи битката против коронавирусот и Омикрон-бранот.

Корона-негатори и националисти

Парламентот во Софија минатата среда (12.01.2022): Стотици граѓани се собраа да протестираат против таканаречениот Зелен пасош. Зелениот пасош - доказ дека сте вакцинирани, дека сте прележале Ковид или дека сте тестирани - беше воведен во Бугарија во октомври 2021 година. Ресторани, барови и трговски центри може да се посетат само со Зелен пасош. На многумина им е потребен и за да им биде дозволено да работат.

Bulgarien | Protest gegen Covid-Maßnahmen in Sofia

Протести во Софија против Ковид-мерките (12.01.2022)

Една учесничка на демонстрациите држи говор, а видеото подоцна станува вирално на интернет и на социјалните мрежи. „Нема да го кажам моето име, инаку ќе ме следат оние во парламентот“, извикува таа. „Студирав биологија шест години, па знам дека вакцините против корона воопшто не се вакцини! Тоа се експериментални коктели кои содржат чип и работи кои ја уништуваат нашата слобода. Тие се контролираат преку 5G-системите. Никој не треба да се вакцинира!“, вели таа.

И жената, како и повеќето други демонстранти, е приврзаник на партијата Преродба, која е националистичка и кон короната скептична партија. Преродба на изборите во ноември минатата година освои пет проценти гласови и успеа да влезе во парламентот во Софија.

Здравствениот систем под притисок

Математичарот Петар Велков често дебатира на телевизија со членови на Преродба и други негатори на короната и скептици за вакцините. Тој се обидува да ги убеди своите сонародници во потребата од вакцинација. Тоа е тешка задача.

Bulgarien | Petar Welkow

Петар Велков често дебатира на телевизија со членови на Преродба

„Додека во другите земји вакцинацијата и заштитните мерки пред новиот бран им дадоа на медицинските работници неопходен простор за дишење, а приемите и смртните случаи во болница останаа на релативно ниско ниво, тоа во Бугарија не беше случај“, вели Велков за ДВ.

Тој објаснува дека новиот Омикрон-бран ја зафаќа земјата во момент кога здравствениот систем е веќе под голем притисок. „Во Бугарија новиот бран започна со приеми во болници кои беа околу пет до шестпати повисоки од почетокот на претходните бранови. Затоа веќе имаме проблеми во одделенијата за интензивна нега.“

Вакцинирани скептици во парламентот

И покрај актуелниот рекорден број на нови инфекции и високата смртност, многу Бугари сè уште веруваат дека вакцинацијата против коронавирусот е поопасна од болеста. „Помалку од 30 отсто од возрасните во Бугарија се вакцинирани“, вели за ДВ истражувачот на јавно мислење Димитар Ганев од истражувачкиот институт Тренд. „20 отсто не се вакцинирани, но планираат да се вакцинираат, а околу 50 отсто се против вакцинација.“

Bulgarien | Dimitar Ganew

Димитар Ганев: Помалку од 30 отсто од возрасните во Бугарија се вакцинирани

Преродба имаше полза од овој скептицизам. „Речиси 70 отсто од Бугарите се исто така против Зелениот пасош за вакцинација“, објаснува Ганев. „Кампањата против сертификатот за вакцинација ѝ овозможи на Преродба да влезе во парламентот. Досега, евроскептичната и про-Кремљ партија, основана во 2014 година, никогаш не успеа да го надмине прагот од четири проценти. Пред изборите во ноември 2021 година, повеќето анкети не предвидуваа нејзин влез во парламентот.

За време на протестите на 12 јануари, пратениците на Преродба се обидоа да ги отворат вратите на парламентот за да ги пуштат демонстрантите. Неколку дена претходно, новинарско истражување меѓутоа откри дека една третина од пратениците на Преродба се вакцинирани. Лидерот на партијата Костадин Костадинов повеќепати ја опиша вакцината како „експериментална течност“. Сега ретерираше со релативизирачка изјава дека поддржува слободен избор при вакцинирањето и за членовите на неговата партија.

Историски причини и лошо образование

„На почетокот на пандемијата и кога дојдоа првите вакцини, скептичните гласови во бугарската јавност беа силни“, објаснува Ганев. Тука улога играат и историските причини, смета истражувачот: „Како дел од Отоманската империја, Бугарија го пропушти просветителството во 18-ти и 19-ти век. Во оваа земја, моќта отсекогаш била перципирана како нешто што туѓо. Историски, многу долго бевме на дистанца од моќта, меѓу другото и во време на комунистичкиот режим.“ А моќ, според Ганев, за многу луѓе претставувале и медицината и науката.

„Според многу истражувања, функционалната неписменост е многу распространета во Бугарија“, вели математичарот Петар Велков. „Ако некое лице не може соодветно да ги обработи достапните информации, тогаш не може ниту да го процени ризикот. Не може да го процени ниту ризикот од несакани ефекти од вакцините во споредба со ризикот да се разболи“.

Според Велков, постојат повеќе фактори за потхранување на стравоткај Бугарите: лошо образование, недоверба кон владата, како и ширење на теории на заговор, дури и од лекари.

Гледај видео 04:47

Бугарите и нивната недоверба кон вакцините

Врв на Омикрон-бранот на почетокот на февруари

За да ја „олади“ малку јавната дискусија, новиот премиер Кирил Петков задолжи работна група да дебатира за мерките за коронавирусот.Поканети беа и претставници на Преродба - одлука која е спорна меѓу набљудувачите во Бугарија.

За да ги поттикне старите лица да се вакцинираат, владата му плаќа 75 лева (околу 38 евра) на секој вакциниран пензионер. Но, се чини дека тоа е безнадежна борба. „Омикрон е многу заразен, а по првата вакцинација потребни се 20 дена за да се даде втора. И по 14 дена лицето има стабилен имунитет способен да се спротивстави на вирусот. Но, ако Омикрон е доминантен, бројот на заразени ќе се удвојува на секои 2 до 5 дена“, прогнозира Петар Велков.

„Затоа, врвот на бранот најверојатно ќе се достигне на почетокот на февруари. Значи, нема кампања за вакцинација што би можела да влијае на овој бран навреме“, смета Велков. „Вирусот ќе зарази голем дел од бугарското население.“