Бугарија стравува од бегалски бран | Свет | DW | 12.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бугарија стравува од бегалски бран

Бегалци и мигранти во сѐ поголем број се обидуваат да стигнат во ЕУ преку источната бугарска граница. Владата во Софија сака да го спречи тоа и планира нови огради. ОН ја критикува земјата за односот кон мигрантите.

Резово е место на југоистокот на Бугарија. Ова место од најблиското турско село го дели Резовската река. Населението во Резово се плаши дека бегалците и мигрантите со чамци од Турција ќе дојдат кај нив. По обидот за државен удар во Турција, во Бугарија се стравува оти би можел да пропадне договорот меѓу ЕУ и Турција за бегалците и дека Турција би можела да дозволи непречено преминување на границите со Бугарија која е долга 240 километри. Резовска река е дел од таа граница која од бугарска страна во меѓувреме е заштитена со ограда во должина од 30 километри и висока 3,5 метри. Оградата сега, што е можно побрзо, би требало да биде поставена долж целата граница. Истовремено би требало да биде подигната ограда и долж границата со Грција во должина од 484 километри. По затворањето на границите на Македонија со Грција, Бугарите сега стравуваат оти бегалците ќе се обидат преку таа граница да преминат во ЕУ.

Софија е многу заинтересирана за добри односи со Турција не само поради турското малцинство во земјата. Меѓутоа, земјата мора да биде внимателна во разговорот со Анкара. Не се работи за тоа да се остават отворени каналите за комуникација, туку „да се работи на она што е неопходно за да може Анкара да ги изврши своите обврски и за да не бидеме ние преплавени со бегалци“, вели бугарскиот премиер Бојко Борисов. Тој за оваа тема на телефон разговараше со германската канцеларка Ангела Меркел и најави дополнителна помош од ЕУ во износ од 6 милиони евра. Освен тоа, би требало да стигнат и дополнителни средства кои би го забрзале подигнувањето на оградата на границата со Турција. На Бугарија во осигурување на нејзините граници наредната недела би требала да помогне и ФРОНТЕКС. Оваа агенција во Бугарија ќе прати дополнителен персонал, возила, специјални камери и кучиња за да се спречи криумчарењето луѓе од Турција во Србија.

Бугарски стравови од нов бран бегалци

„Софија мора да биде гласна, ако сака некој да ја слушне“, е мислење на политикологот Тихомир Безлов кој укажува на искуствата со Грција. „ЕУ плаќа двојно, дури и тројно, за се' она што Грција го презема за осигурување на границите. Ние во Бугарија досега бевме многу поскромни.“ Тој смета дека заштитата на бугарските граници сега е подобра. Меѓутоа, без разлика на тоа, секојдневно илегални мигранти со камиони се криумчарат во Србија. „Граничарите дневно апсат и до 200 илегални мигранти и ги депортираат назад во Турција“, неодамна изјави бугарскиот премиер Борисов. На 24. август тој патува во Анкара за да разговара за овој проблем со турскиот претседател Ердоган.

„Границата помеѓу Србија и Хрватска, како и Србија и Унгарија е херметички затворена. Во моментов главниот притисок е врз Бугарија и Македонија“, вели стручњакот за Балкан, Бисер Бантчев. Тој е сигурен дека бегалците едноставно сакаат да одат понатаму и оти поради тоа преку Бугарија и Македонија бараат пат до Србија, не осврнувајќи се на тоа што српската граница на запад е затворена. Српските гранични патроли според официјалните наводи во последните 14 дена уапсиле над 1.500 лица кои од Бугарија и Македонија илегално ја поминале границата.

Бентчев смета дека за Бугарија ќе биде тешко ако Србија ги затвори границите за овие две земји. Тоа досега не се случи бидејќи Белград смета на бугарска помош во разговорите со ЕУ и не сака да ја налути Софија, смета Бентчев. Србија од неодамна на границата со Бугарија ангажираше војска и полиција за да го спречи криумчарењето со луѓе, српскиот министер за внатрешни работи Стефановиќ во осигурување на границите со Турција, на Бугарија и' понуди помош.

Ефикасни мрежи за криумчарење

„Криумчарењето луѓе преку Бугарија во Србија е многу добро организирано, синхронизирано и често поддржувано од страна на корумпирани полицајци“, изјави за ДВ поранешниот шеф на граничната полиција, генерал Валери Григоров. „Бегалците и мигрантите во рок од 72 часа од Турција се префрлаат на српска граница. Криумчарите прво ги возат до Софија во која бегалците преноќуваат, главно во ромски куќи, плаќаат по 20 евра.“ Во Софија дури дојде и до конфликт помеѓу два ромски клана кои се борат за оваа профитабилна работа, вели Григоров.

„Неопходни се заеднички грчко-бугарски гранични патроли за да се контролира тешко пристапниот терен“, вели поранешниот генерал. Голем проблем е корупцијата во полицијата. „Има, еден вид бизнис партнерство меѓу криумчарите и полицијата кое го толерираат властите“, смета Григоров. Без уништување на тие мрежи, борбата против криумчарењето нема да биде успешна и Резово во тој случај би можело стане попатна станица за бегалците на нивниот пат за Европа.

Реклама