Бугарија со „чисто срце“ ќе донира дел од вакцините за Северна Македонија  | Северна Македонија | DW | 22.12.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Бугарија со „чисто срце“ ќе донира дел од вакцините за Северна Македонија 

Првите вакцини од Бугарија ќе пристигнат на почетокот на следната година, од „Фајзер“ кон средина на 2021 година.  

Бугарија од секоја пратка на вакцините против Ковид-19, кои директно ги купиле од производителите, дел ќе донира и за Северна Македонија. Ова е одлучено на денешната владината седница во Софија, на која учествуваше и македонскиот министер за здравство Венко Филипче. На тој начин вакцините против Ковид-19 наменети за земјите членки на ЕУ, во исто време ќе пристигнат и во Северна Македонија.

-повеќе на темата: Ветувања од сите страни: Кога ќе стигнат вакцините против Ковид-19 на Балканот?

Планот е земјата да набави вакцини преку системот Ковакс, преку земји-членки на ЕУ како Бугарија, Грција и Полска, но и преку директни договори со компаниите производители. Првите вакцини од Бугарија се очекува ќе пристигнат на почетокот на следната година, а од „Фајзер“ кон средина на 2021 година. Засега не се знае прецизно за колкав број на вакцини станува збор.

Пријателски чин

„Бугарија од секоја набавка на вакцини против Ковид-19 ќе одвојува дел за нашата земја, кои ќе ги добиваме како донација“, најави денеска министерот за здравство, Венко Филипче на прес-конференцијата по враќањето од Софија, каде што присуствуваше на седницата на тамошната влада на покана на премиерот Бојко Борисов и на министерот за здравство Костадин Ангелов.

-повеќе на темата: Големата трка за вакцини 

Филипче очекува првите количества вакцини да пристигнат на почетокот на следната година. „Бугарија како членка на ЕУ ја имаше таа привилегија да прави директни преговори со повеќе произведувачи. Благодарение на овој пријателски чин, со оваа донација за кратко ќе го почнеме процесот на вакцинација и ќе го олесниме пристапот до вакцините за да може да вакцинираме 60 до 70 отсто од населението“, изјави Филипче. 

Донација со чисто срце

Станува збор за гест со чисто срце без задкулисни намери, тврди бугарскиот премиер Бојко Борисов. Тој по средбата порача: „Се надевам дека следната година со Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов ќе пронајдеме заедничко решение за интегрирањето на Северна Македонија во ЕУ, како што ја поддржавме и за НАТО. Така што не се случи ништо страшно, прашање на политичка волја и од двете страни е да стигнеме дотаму“, порача  Борисов.

Kostadin Angelov Gesundheitsminister Bulgarien

Ангелов: По покривањето на националните потреби и потпишувањето на соодветните спогодби, ќе обезбедиме вакцини за граѓаните на Република Северна Македонија

Според бугарскиот министер за здравство, Костадин Ангелов, целта на оваа одлука е постигнување солидарност во услови на излегување од кризата, која ја предизвика пандемијата. „Имаме можност за препродажба и донирање на вакцини против Ковид-19. Во таа смисла, по покривањето на националните потреби и потпишувањето на соодветните спогодби, ќе обезбедиме вакцини за граѓаните на Република Северна Македонија“, порача Ангелов.

-повеќе на темата:ЕУ: Гигантскиот потфат на вакцинирање може да почне

Според информациите од бугарските здравствени власти, во Софија прво ќе стигне вакцината на „Фајзер“, потоа на „Модерна“, па потоа на „Астра Зенека“. 

Европската унија за земјите членки обезбеди 400 милиони вакцини и 100 милиони дополнително за земјите кои не се во Унијата, а вакцините може да ги добиваат со посредување на земјите членки. Покрај Бугарија, на овој начин се очекува вакцини да пристигнат и од Грција и од Полска. Филипче вели дека последен пат за ова со неговиот грчки колега разговарал минатата недела. Потпишан е и начелен договор со „Фајзер“. Но, министерот вели дека засега нема конкретен одговор, иако првично било кажано дека како мал пазар земјата може да очекува испорака во втората половина на следната година. Од „Астра Зенека“, исто така, се чека одговор. 

Гледај видео 01:41

Ковид-19 и (не)фер распределбата на вакцината ширум светот