1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стоев за ДВ: Напредок само преку отворен дијалог

7 јули 2021

Шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев во интервју за Дојче веле ги објаснува позициите на неговата земја во однос на спорот со Северна Македонија и проширувањето на ЕУ. Со него разговараше Александар Андреев

https://p.dw.com/p/3w8rG
Bulgarien Außenminister Svetlan Stoev
Фотографија: Dimitar Kyosemarliev/BGNES

ДВ: Веќе неколку пати беше најавено дека од оваа влада не може да се очекува промена на позицијата за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ. Водите ли сепак разговори со Скопје? Каков точно притисок врши ЕУ врз Софија во тие односи?

Светлан Стоев: Разбирањето на Бугарија отсекогаш било дека напредокот во нашите односи со Република Северна Македонија може да се постигне само преку отворен дијалог ориентиран кон резултати. Во оваа смисла, нашата подготвеност да разговараме со Скопје отсекогаш постоела. Во исто време, мора да биде јасно дека оваа комуникација е двонасочна, а напредокот не зависи само од декларираната јавна подготвеност за разговори, туку и од водењето дијалог полн со содржина и исполнувањето на обврските.

Техничката влада продолжи да се раководи од националната позиција усвоена во 2019 година од владата и парламентот за европската перспектива на Република Северна Македонија. Да нагласам дека оваа позиција не е конјуктурна, туку е објективно оправдана со проблемите што произлегуваат од неспроведувањето на билатералниот договор од 2017 година од страна на нашите соседи. Не случајно таа позиција беше поддржана не само од сите партии застапени во парламентот во 44-тото Национално собрание, туку и од огромното мнозинство бугарски граѓани.

Инвестиравме значителни напори и време за враќање на нормалниот дијалог и доверба меѓу двете страни. Во последните месеци се одржуваа состаноци на сите нивоа - претседател, премиер, министри, експерти. Разговорите беа конструктивни и отворени. Иако постоеја разлики, овие состаноци беа корисни за разјаснување на нашите позиции. Во последниве месеци, го интензивиравме дијалогот со европските партнери со цел да го објасниме нашиот став во однос на Рамката за преговори за Република Северна Македонија. Мислам дека чекор по чекор, нашите партнери во ЕУ разбираат дека е потребен консензус и тоа претпоставува дека сите земји-членки се дел од решението и се чувствуваат комфорно. Задоволен сум што оваа порака беше јасно кажана и од комесарот за проширување Оливер Вархеи на последниот состанок на Советот за општи работи на 22 јуни 2021 година, кога последен пат беше разговарано за оваа тема. Ја разбираме желбата на нашите партнери во ЕУ да отворат преговори со Република Северна Македонија - ова е исто така во наш интерес, но под услов да ги имаме потребните гаранции за да може процесот на проширување да биде одржлив, предвидлив и кредибилен.

Верувам дека Бугарија и Република Северна Македонија можат да напредуваат само преку отворен дијалог, фокусиран на изнаоѓање прагматични, одржливи и заемно прифатливи решенија за предизвиците наследени од минатото. Се разбира, ова бара напори од обете страни. Во оваа смисла, продолжувањето на провокациите и јавните манифестации на јазикот на омраза кон Бугарија во Република Северна Македонија - уште еден еклатантен пример беше само пред неколку дена - не придонесуваат за зајакнување на добрососедските односи и го попречуваат враќањето на довербата меѓу двете земји, што пак е интерес на луѓето од двете страни на границата.

ДВ: Ве сметаат за убеден Европеец и атлантист, бевте амбасадор во Германија, Шведска и Данска. Какво е вашето лично мислење за приемот на државите од Западниот Балкан во ЕУ? Доколку тие се подготвени, по кој редослед, и како може Бугарија да им помогне?

Светлан Стоев: Иднината на Западен Балкан е во ЕУ. Како земја од регионот, Бугарија има искрен интерес нашите соседи да станат дел од европското семејство. Европската перспектива на Западен Балкан е водечки долгорочен приоритет на бугарската надворешна политика. Ние тоа го докажавме во пракса - дозволете ми да Ве потсетам дека тековната дискусија за започнување преговори со Република Северна Македонија е можна благодарение на бугарското претседателство со Советот на ЕУ, при што успеавме да ја вратиме темата за европска интеграција на Западен Балкан високо на агендата на ЕУ, по пауза од скоро 15 години, и со тоа се отвораат изгледите за почеток на преговори со Република Северна Македонија и Албанија.

Обезбедувањето доверба и одржувањето на динамиката на процесот на проширување е клучно. Во исто време, треба да биде јасно дека тој не се карактеризира со автоматизам. Водечки принцип во овој процес е принципот на самооценување и степенот на исполнување на потребните критериуми. Затоа, невозможно е, и неправилно да се одреди редоследот на пристапување. Во овој контекст, сметаме дека е контрапродуктивно да се наметнуваат вештачки рокови и да се создадат нереални очекувања.

Земјите од Западен Балкан сè уште имаат голем број предизвици што треба да се надминат. Некои од нив се слични на оние што Бугарија мораше да ги надмине во процесот на пристапување. Затоа сме во состојба да ја понудиме нашата експертиза и искуство и тоа го правиме постојано.

Останатите предизвици се однесуваат на наследството на поранешна Југославија - тука мислам главно на регионалната соработка и добрососедски односи. Овие предизвици се сложени и бараат искрена волја и одлучност од самите земји кандидати. Во овој аспект, ЕУ и Бугарија помагаат во многу регионални иницијативи и унапредување на добрососедските односи.

Заедно со својата силна политичка посветеност кон европската иднина на регионот, Бугарија, исто така, обезбедува и практична поддршка за земјите од Западен Балкан. Имаме активен придонес кон одржливиот развој и стабилноста на земјите од Западен Балкан преку бројните проекти финансирани во рамките на бугарската официјална помош за развој насочени кон унапредување на демократските процеси засновани на вредностите на демократијата, владеењето на правото, транспарентноста и ефикасноста на институциите.

Регионот е меѓу најголемите нето приматели на средства за бугарска помош за развој, како и на хуманитарна помош. Во 2021 година, Бугарија финансиски поддржува 9 земји од Западен Балкан и Источното партнерство, обезбедувајќи вкупно речиси 2 милиони евра грантови за 57 проекти.

 

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Alexander Andreev
Александар Андреев Александар Андреев е долгогодишен новинар и раководител на бугарската редакција на Дојче Веле.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема