Бугарија: Крај на реформскиот сон | Информации и анализи за Балкан | DW | 25.06.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Бугарија: Крај на реформскиот сон

Реформската влада на премиерот Кирил Петков паѓа по само шест месеци на власт. Бугарија се соочува со нова внатрешна политичка стагнација. Но, дали на драмата околу ветото за Северна Македонија може да ѝ дојде крај?

Бугарија долго време беше една од политички најнестабилните земји во Европската унија. Во изминатата декада имаше девет промени на власта и шест парламентарни избори, вклучувајќи три само во 2021. година. Придружни околности беа сериозни корупциски афери и прекршени ветувања за реформи, социјални и финансиски кризи, масовни протести и граѓански револт. Во меѓувреме, луѓето негуваа кратки и брзо раочарани надежи во реформи – било да е во прашање за политички новодојденци или привремени влади кои стремеа кон промени, но не ги спроведуваа.

Сега во Бугарија се распрсна уште еден сон за реформи. Во средата (22.06.2022)  владата на премиерот Кирил Петков  беше соборена откако ѝ беше изгласана недоверба. Тоа беше предвидлив крај на долго тлеечкиот спор во четиричлената коалиција, која вклучуваше две либерални партии „Продолжуваме со промени“ (ПП) и Демократска Бугарија (ДБ), како и популистичката партија „Има таков народ“ (ИТН) и номинално социјалдемократската, но фактички десничарско националистичките социјалисти (БСП).

Популистичката ИТН неодамна ја напушти владата. Заедно со опозициските партии, вклучувајќи ја и проруската националистичка партија, таа гласаше за пад на владата. На прв поглед стануваше збор за надворешнополитички спор: односот со Северна Македонија и бугарското вето за почеток на преговорите за пристапување на соседната држава кон ЕУ. Во позадина меѓутоа постоеше судир околу програмата за домашни политички реформи и антикорупциски проекти. Руската војна против Украина исто така ја подели коалицијата, иако тоа прашање немаше толку директна улога во изгласувањето на недоверба.

На пример, проруските социјалисти, коалициски партнер во владата, се изјаснија против испорака на оружје на Украина.

Владата на Петков  ја презеде должноста само пред шест месеци, во декември 2021 година, со ветување за спроведување радикални реформи, а во заднина беше тешка политичка криза од еднаипол година. Сега падот на владата за Бугарија и истовремено за ЕУ доаѓа во еден од најлошите можни моменти во последните години: прашањето за испорака на оружје и санкциите против Русија повеќепати ја ставија ЕУ и нејзините членки на искушение. Веродостојноста на политиката на проширување на ЕУ исто така трпи сѐ поголема штета поради бугарското вето за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија.

Bulgarien | Protest vor der offiziellen Regierungsresidenz Boyana in Sofia

„Не ја давајте Македонија“ - парола на протест на бугарски националисти

Што сака Бугарија од Северна Македонија?

Северна Македонија  долго беше предмет на домашни политички игри на моќ во Бугарија – како што е случај со сегашното изгласување недоверба. Двата народи имаат заеднички историски и јазични корени. Но, во  Бугарија Македонците во големи размери се сметаат за дел од бугарската нација, а македонскиот јазик за бугарски дијалект. Во внатреполитичката кризна ситуација, контроверзниот бугарски долгогодишен бивш премиер Бојко Борисов го инструментализираше тоа прашање есента 2020. година: за да одвлече внимание од сериозните обвинувања за корупција против него, употреби вето на почетокот на преговорите за приклучување на Северна Македонија кон ЕУ, за да ги мобилизира националистичките бирачи.

Барањето гласеше: Северна Македонија мора прво да ги признае своите бугарски корени и својот јазик како бугарски дијалект, а потоа може да започне преговори со ЕУ. Со ваквиот став Бугарија се вовлече во изолација во ЕУ и во сличен пристап како постојаниот вознемирувач Виктор Орбан од Унгарија. Откако реформската влада на Петков ја презеде должноста кон крајот на 2021. година, премиерот залудно се обидуваше да го скрши отпорот за подигање на ветото. Неговиот коалициски партнер Слави Трифонов, шеф на партијата ИТН, ја искористи политиката на Петков за на почетокот на јуни да се повлече од владата.

Фантомската забава на Трифонов

Шоуменот Слави Трифонов е популист, коронаскептичар и самопрогласен спасител, а неговата ИТН е фантомска партија без било каква доследна политичка програма, присутна пред сѐ преку изјавите на нејзиниот челник на Фејсбук. Како што е чест случај во Бугарија, кризната ситуација ја изваде ИТН на површина и ја направи привремено најсилна партија во Бугарија на парламентарните избори во 2021. година, поради нејзините паушални антикорупциски ветувања.

Меѓутоа, сега Трифонов веројатно отиде предалеку поради антикорупциската и политика на транспарентност на Петков. На пример, во владата дојде до спор околу начинот на распределба на јавни пари – ИТН се изјасни против реформи.  Истовремено, партијата на Трифонов не можеше да се пробие во поглед на именувањето контроверзни поединци на државни функции, од кои некои беа осомничени за корупција.

Општество без илузии

Крајот на владата на Петков е тежок удар за Бугарија. Иако ни Петков не беше некоја светлечка фигура, првпат по многу години тој и неговата влада направија веродостоен обид за реформи на длабоко корумпираните, наизглед невозможни за реформирање структури во земјата. Крајот на овој експеримент веројатно ќе доведе до уште поголеми фрустрации поради политичката класа и уште поголема летаргија на идните избори во веќе разочараното бугарско општество.

По падот на владата, претседателот Румен Радев мора да го даде мандатот за формирање влада и тоа може да го направи до трипати. Ако сите три обиди се неуспешни, може да распише нови избори. Се очекува партијата „Продолжуваме со промени“ на Петков да биде прва партија која ќе добие мандат за состав на влада.

Нови години на реформска агонија?

Во меѓувреме се појавува можно решение на спорот околу Северна Македонија: колку и да беше изненадувачки што бившиот премиер Борисов стави вето на почеток на преговори за приклучување на соедната држава кон ЕУ, толку изненадувачки неговата партија, десно конзервативната популистичка ГЕРБ (Граѓани за европски развој на Бугарија), во Парламентот се согласи на  повлекување на ветото.

Една од причините за оваа промена е таа што Борисов и неговата партија, кои припаѓаат во Европската народна партија(ЕПП), сега надворешнополитички се под преголем притисок. Со оглед на веројатни нови избори, Борисов можеби сака да се прикаже како лидер на одговорна политичка сила. Ако успее на тој начин да се врати во владата, Бугарија ќе се соочи со уште многу години на реформска агонија.

 

Поврзана содржина