Бугарските политичари и вакцините: Неодговорни и цинични | Информации и анализи за Балкан | DW | 06.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Бугарските политичари и вакцините: Неодговорни и цинични

Наспроти зголемените случаи на инфекција и хоспитализации, политичарите во Бугарија се однесуваат неодговорно и цинично.

Вакцинацијата не ве штити само вас, туку и оние коишто ви се блиски, кои ви се важни, кои ги сакате. Овие зборови ги изговори германската канцеларка Ангела Меркел за време на прес-конференцијата на почетокот на јули. Меркел постојано јавно ги повикува Германците да се вакцинираат. Слични апели упатија и нејзините колеги во Франција, Велика Британија, Италија и САД. 

Во меѓувреме, повеќе од 70 проценти од германското население веќе е вакцинирано против Ковид-19. И иако Делта сојот предизвикува пораст на нови случаи, бројот на хоспитализации останува релативно мал.  

Бугарија - сѐ уште на опашката

Во исто време, Бугарија продолжува да биде на опашката во Европа по бројот на примени вакцини. Само околу 20% од населението е имунизирано против коронавирус, според Европската здравствена агенција. Според Ројтерс, претходната недела во Бугарија биле дадени околу 9.700 дози вакцини. Со оваа стапка на вакцинација, земјата ќе може да имунизира уште 10 проценти од своето население за… 144 дена. 

Во последниот ден од август, Ковид -19 одзеде животи на 109 луѓе во Бугарија - тројца од нив на возраст под 40 години. Болниците во земјата веќе се полнат, а лекарите се подготвуваат за уште една болна есен и зима, во кои ќе бидат заробени во ковид-центрите. 

Бугарските политичари водеа преизборна кампања речиси една година. За нив се важни и гласовите на оние Бугари кои одбиваат да се вакцинираат поради несигурност или им подлегнале на дезинформации и теории на заговор. И како што изгледа, тие се многу - до 60%. Се чини дека повеќето политички реторики на оваа тема се моделирани за да не влијаат токму врз скептиците. Главно се зборува за заштита на правата на невакцинираните, се споменува важноста на кампањата за информирање за вакцините, но недостасува нешто клучно за политичката комуникација - личен пример, личен пристап и директен недвосмислен повик: „Вакцинирај се“. Повеќето лидери на политичките партии во Бугарија не кажуваат јавно дали се имунизирани, а камоли да ги повикаат своите следбеници. 

Танцот со смртта

Со тешка мака и низ заби претседателот Румен Радев и водачот на првата политичка сила, Слави Трифонов, признаа дека биле вакцинирани. Трифонов категорично изјави дека флертувањето со антиваксери е како игра со смртта. После тоа, сепак, тој не пропушти да забележи дека во земјите каде што голем процент од населението е вакцинирано, „има проблеми“. Со овие зборови, политичарот шоумен, од екранот едноставно ја легитимираше несигурноста што владее во главата на голем дел од општеството. И неговиот здравствен експерт, Андреј Чорбанов, на телевизија зборуваше против олеснувањата за вакцинирани и нагласи дека вакцините „немаат општествена функција“ и „не го спречуваат ширењето на Ковид-19“. На прашањето како, ако не со вакцини, ќе го запрат појавувањето на вирусот ако ја преземат власта, имунологот од БАН (и од ИТН) рече дека ќе воведат нов систем за изолација на заразените и контактите за да не го шират вирусот. 

Bulgarien Slavi Trifonov von der Partei ITN

Слави Трифонов ја легитимираше несигурноста што владее во главата на голем дел од општеството

Овој „иновативен“ систем датира од 14 век, се нарекува карантин, се практикува низ светот веќе година и пол и очигледно не е доволен за да спречи ширење на коронавирусот и штетата што ја предизвикува. Но, за професорот Чорбанов ова не е важно. Затоа што тој најдобро знае. Дали вакцината што ја развива во Бугарската академија на науките ќе биде прва што ќе биде навистина ефикасна? Не е јасно како Бугарската академија на науките, која страда од хроничен недостаток на средства, опрема и персонал, поуспешно ќе се справи со развојот на лек против Ковид-19 од најголемите фармацевтски концерни, научни групи и универзитети во светот и како егото на нарцисоиден имунолог и политичар е поголемо од неговата медицинска одговорност за јавното здравје! 

Кој зборува за придобивките од вакцините 

Останатите партии во голема мерка молчат во однос на прашањето за вакцините - со исклучок на некои маргинализирани вонпарламентарни групи кои се обидуваат да се возат на бранот на анти-вакцинација. Одвреме-навреме ќе се чуе некој повик да не се допираат правата на невакцинираните и така натаму. Единствениот кој јавно зазеде одговорна и очигледно смела позиција во бугарскиот контекст е Бојко Борисов, инаку познат по својот популизам. Поранешниот премиер и лидер на ГЕРБ постојано ги повикува луѓето да се вакцинираат за да го спречат ширењето на вирусот. 

Bulgarien Bojko Borissow, ehemaliger Ministerpräsident

Експремиерот Бојко Борисов е единствен кој постојано јавно ги повикува Бугарите да се вакцинираат

Во врска со ова, Дојче Веле испрати прашања до сите други партии застапени во парламентот, до Претседателот и Советот на министри. Ги прашавме како ги мотивираат нивните поддржувачи да се вакцинираат против Ковид-19 и дали некој политички лидер планира да ги повика Бугарите да бидат имунизирани. До објавувањето на овој текст, не добивме одговор од прес-центарот на претседателството, од „Има таков народ“, БСП, МРФ и „Исправи се БГ! Доаѓаме!". Ни одговорија само Владината информативна служба и Демократска Бугарија. 

Според Владата, „откако ја презеде функцијата во координација со премиерот, Министерството за здравство спроведува информативна кампања за промовирање на придобивките од вакцинацијата против Ковид-19“. И дали Јанев ќе ги повика Бугарите да се вакцинираат? „На почетокот на август, од говорницата на Националното собрание, премиерот Стефан Јанев јасно го кажа своето разбирање дека мотивационата кампања за вакцини против Ковид-19 треба да биде сеприсутна“, соопшти владината информативна служба. 

Коалицијата ДБ пишува: „Копретседателите на Демократска Бугарија се вакцинирани“. и се додава: „Нашиот став е дека општеството треба да биде убедено во придобивките од вакцините. Потребна е конзистентна акција на извршната власт, вклучително и за кампања за комуникација“. Сепак, тие нагласуваат дека „за нас, граѓанинот е слободна и разумна индивидуа која може да одлучи за себе, вклучително и дали да се вакцинира“. ДБ инсистира во буџетот да бидат предвидени средствата за информативна кампања за вакцинирање. Министерството за здравство во моментов спроведува една, но со прилично ограничен ресурс. 

Ова е неодговорно и цинично 

„Секогаш е вистинско време за да ја направите вистинската работа“, рече Мартин Лутер Кинг. Но, што се однесува до кампањата за вакцинација во Бугарија, веќе е предоцна. Четвртиот бран е тука, а смртноста и хоспитализациите веќе достигнаа вредности невидени од мај. Наспроти ова, однесувањето на повеќето бугарски политичари мириса на опортунизам - клекни за да не одбиеш некој гласач. Да не станува збор за човечки животи, во сложената политичка ситуација во која се најде Бугарија, ова дури и би било разбирливо. Но, сега е неодговорно и цинично.

DW.COM

Поврзана содржина