Бугарија и опасното флертување со „патриотизмот“ | Информации и анализи за Балкан | DW | 11.02.2021

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Бугарија и опасното флертување со „патриотизмот“

Над изборите во Бугарија повторно се надвиснаа „патриотите“. Од некои од нив можат да се родат и добри идеи. Но, вистината е дека повеќето ги злоупотребуваат патриотските чувства. Пишува Даниел Смилов

„Патриотското“ политичко пространство започна да се формира пред изборите во Бугарија и во него веќе се испрофилираа три типа на луѓе кои се подготвени да ги заиграат своите ора.
Првото ајдучко оро ќе го одигра ВМРО во бели македонски носии. Орото ќе биде полно со извици, чучнувања и виткања, со постојано пукање во парталавите остатоци на македонската „украдена“ историја и Истанбулската конвенција. Второто оро ќе биде од бургаско-варнавскиот фолклорен регион и ќе биде на линија со барањата за бучава во приморските одморалишта. Едниот водач на орото - Веселин Марешки - ќе мавта со канта со бензин и торба со бесплатни лекови, и притоа ќе влече на исток, кон Русија. Другиот ороводач - Валери Симеонов - ќе зачекори ситно кон запад и ќе мавта со се што ќе му падне при рака. Третото оро ќе биде изведено од „Атака“ на Волен Сидеров и ќе претставува вообичаена фузија на тракиско-дионизиски мотиви и руски частушки.

Опасно флертување со национализмот

Проблемот е во тоа што политизацијата на патриотизмот во Бугарија генерира енергија што се канализира во најмалку две насоки, различни од националниот интерес. Тука нема парадокс - инструментализацијата на „патриотизмот“ честопати водеше до национални катастрофи. Хитлерова Германија и фашистичка Италија се најдобри примери, иако бугарската историја не е лишена од лекции во оваа насока. Еве барем два примери за нашата сегашна политика кои јасно ги демонстрираат опасностите по националниот интерес од флертувањето со национализмот и „патриотизмот“.

Politologe, Daniel Smilov Bulgarien

Даниел Смилов

Првиот пример: политиката на Бугарија кон Северна Македонија. Бугарскиот национален интерес е да има засилени контакти со оваа поранешна југословенска република, што ќе помогне да се надминат постојните негативни ставови кон Бугарија. Овие ставови, за жал, се факт: тие се производ на целата повоена историја на нашиот регион. Како и да е, владата на Зоран Заев е подготвена да започне процес на приближување во рамките на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Досега, Бугарија, сосема со право, безрезервно ги поддржуваше Македонците на нивниот пат кон Европа, што е апсолутен бугарски интерес - обединет Балкан, интегриран во заеднички простор за слобода и демократија. На овие простори, нашата историска близина со Македонците ќе биде неоспорен бугарски плус. Сепак, со разгорување на патриотските расправии околу историјата и идентитетот, ние буквално привремено го блокиравме процесот на интеграција на Балканот, па дури и го доведуваме целосно во прашање. Она што е уште полошо е што на овој начин ние всушност ги интензивиравме негативните ставови кон Бугарија меѓу нашите соседи и го урнавме нашиот имиџ на несебичен помагач на нивниот пат кон ЕУ. Ова се негативности што допрва треба да ги надминеме.

Што добивме за возврат? Задоволство што кажавме „не“ и застанавме наспротив целата ЕУ? Или инфантилната радост што ја спасивме нашата историја од „кражба“, како да е добиток што може да биде украден ноќе од крадци на коњи? Овие наводно невини радости ќе бидат основа на изборната кампања на „патриотските“ формации. И, ова е точно пример за неодговорно и конечно анти-национално искористување на патриотските чувства.

„Цигански криминал“

Вториот пример на „патриотска“ злоупотреба на ставовите е стигматизацијата на цели заедници - етнички, сексуални, итн. „Патриотските“ политичари веќе отворено зборуваат за „цигански паразитизам“. На „циганскиот криминал“ веќе навикнавме. Се предлагаат посебни концепции за „циганите“, во кои се говори дека тие – како целина - треба да бидат објект на одделни воспитни и дисциплински мерки во однос на образованието, работните навики итн.

Bulgarien | Valeri Simeonov

Лидерите на ВМРО и Атака, Красимир Каракачанов и Валери Симеонов

Историјата се сеќава до што доведе таквата етнизација на политиката - до гета, стигматизација и многу  полошо. Но, без драматизирање на искуството со нацизмот, разгледајте го следниот пример. Ако, на пример, во Лиулин има поголема стапка на криминал од националниот просек, може ли државата да излезе со посебна дисциплинска програма за сите жители на населбата - да им ги одземе социјалните бенефиции ако не ги испратат своите деца на училиште, да ги испрати на присилна работа итн. Или ако еден регион е систематски посиромашен од другите и има повисоки стапки на невработеност, рана бременост итн. - може ли државата да преземе посебни воспитни мерки за сите во него? И луѓето од Лиулин и оние од северозападот со право ќе се спротивстават на ваквиот пристап. И не се разликува на било кој начин од заедничкиот пристап против „циганите“, што, за жал, го имаат барем дел од „патриотите“.

Таквата етнизација на политиката има за задача едноставно да навредува одредени заедници – таа нема да реши никакви проблеми. Ниту едно општество не успеало, откако ги усвоило групните навреди за своја официјална политика.

Замаглени граници

Заклучокот е дека можеме да уживаме во „патриотското“ шоу, но не смееме да заборавиме дека не секој што се нарекува „патриот“, всушност работи за националниот интерес. Некои едноставно се само кловнови, додека други може да бидат штетни за нацијата. Се разбира, помеѓу клекнувањето и извиците, и во „патриотскиот“ сектор можат да се родат некои добри политички идеи. И, тоа не е целосно исклучено. За жал, во ерата на социјалните мрежи, можноста на гласачите да го одвојат плевелот од житото не е поголема: тоа е проблем за сите партии, но се чини дека најпогодени се оние во национално-популистичкиот сектор, кои кај нас  ги нарекуваме „патриоти“. Причината за тоа е емоционалноста на гласањето за такви формации - емоционалност што ја замаглува границата помеѓу посакуваното и реалното. Вака или онака, „патриотскиот“ сегмент во политичкиот простор е факт во нашата земја и неговите метаморфози заслужено предизвикуваат внимание на јавноста.

DW.COM