Бугарија забрани носење на никаб и бурка | Свет | DW | 01.10.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бугарија забрани носење на никаб и бурка

Бугарскиот парламент гласаше за забрана за носење на велови и наметки од кои го покриваат лицето во најголем дел од јавните простори во земјата. Забраната вклучува и носење на никаб и бурка.

Според одредбите од законот, казната за носење на облека која го прекрива или сосема го сокрива лицето на јавно место ќе изнесува 200 лева, или 100 евра за прво прекршување на законот, а 1.500 лева за секое наредно непочитување на законот. Доколку, пак, лицето коешто ќе го наруши законот е носител на јавна функција, мандатната парична казна ќе изнесува десет пати повеќе, односно 2.000 лева и уште толку за секој натамошен прекршок.

Бугарската десничарска партија Патриотски фронт кон средината на јуни поднесе закон со објаснување дека никабот, бурката и другата облека којашто го крие лицето ја зајакнуваат заканата од тероризам. Нацрт законот предизвика жестоки дебати во парламентот, но сепак беше прифатен од мнозинството пратеници. Забраната треба да важи за јавните институции, места поврзани со безбедноста, образовни и културни институции, каде што се пружаат јавни услуги и места за масовна рекреација и спортски приредби.

Според иницијаторите на законот, носењето ваква облека може да го олесни извршувањето на терористички акти со потенцијално голем број жртви. Забраната нема да важи во приватните домови и официјалните места на кои се врши богослужба.

Предлог-законот мина неколку парламентарни комисии и читања во парламентот и беше одобрен од сите. Во меѓувреме, ваква забрана беше воведена во неколку градови во Бугарија на локално ниво. Еден од првите градови беше Пазарџик, каде што локалните власти веќе имаат изречено неколку казни за прекршување на забраната.

Во текот на гласањето, парламентарната група на партијата на турското малцинство ДПС, го напушти Народното собрание одбивајќи да учествува во носењето на, како што го нарече нејзиниот лидер Мустафа Карадаји, „Законот за забрана на бурките“. Муслиманската заедница во Бугарија опфаќа околу 13 проценти од вкупното население на земјата кое брои 7, 2 милиони. Велот за целосно покривање на лицето- никаб и наметката за прекривање од глава до петици- бурка, типични за ултра-конзервативните муслимански заедници, ретко се гледаат на улиците на државата на Црното Море. Наместо тоа, повеќето муслиманки во Бугарија вообичаено се одлучуваат да носат едноставна шамија за да ја прекријат косата.

Организацијата за човекови права Амнести Интернешенел соопшти дека усвоената забрана ги прекршува правата на жените во Бугарија на слобода на изразување и на религиска слобода. Директорот на АИ за Европа, Џон Далхујсен, исјави дека законот е дел од вознемирувачкиот тренд на нетолеранција, ксенофобија и расизам во земјата.

 

DW.COM

Реклама