1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија: Демонстрантите полагаат надежи во Европа

Александар Детев
25 септември 2020

Илјадници луѓе во Бугарија веќе со месеци протестираат против владата. Бараат реформи во правосудството и мерки против корупцијата и злоупотреба на средствата кои Бугарија ги добива од ЕУ- и бараат поддршка од Брисел.

https://p.dw.com/p/3izij
Bulgarien I Proteste in Sofia
Фотографија: Alexandar Detev/DW

„Ја следам ситуацијата во Бугарија, но бев многу изненаден кога тука на лице место од многумина слушнав колку всушност е лошо.“ Пратеникот од партијата на Зелените во Европскиот парламент, Даниел Фројнд, учествуваше на 76-тиот ден од протестите, на 22 септември, во Софија против бугарската влада. Од трибините им изрази поддршка на демонстрантите. „Корупцијата е проблем во цела Европа. Ако сакаме да ја одржиме Европа заедно, тогаш мораме да се бориме против тоа“, вели тој.

Германскиот политичар престојуваше три дена во Бугарија. Негова цел беше да се информира за наводната злоупотреба на средствата од ЕУ во круговите на владата во Софија. Даниел Фројнд, меѓу останатото, разговараше и со еден службеник од едно од бугарските министерства. „Тој ми ги објасни механизмите на корупција“, изјави европскиот пратеник за ДВ. „На пример, ми објасни како доаѓа до тоа јавните тендери секогаш да ги добиваат фирми кои се веќе претходно избрани. И како државните службеници се приморани да го прават она што се бара од нив, бидејќи најголем дел од нивните плати се исплатуваат по системот на бонуси“.

Daniel Freund - Europaparlament, Abgeordneter Bündnis90/Die Grünen
Данијел Фројнд, европарламентарец од редовите на ЗеленитеФотографија: DW/B. Riegert

Протестите во Бугарија започнаа пред повеќе од два месеца. Демонстрантите бараат оставка на владата на премиерот Бојко Борисов, како и на генералниот државен обвинител Иван Гешев. Протестите ги започнаа - претресот на официјалното седиште на претседателот Румен Радев, од редовите на опозицијата, на почетокот на јули, како и објавата на еден опозициски политичар дека една клучна фигура од бугарската политика успеала да поседува јавна плажа на Црното Море.

„Царот е гол - и зол“

Оттогаш илјадници луѓе бараат целосна реформа во правосудството и одлучна борба против корупцијата и злоупотреба на средствата од ЕУ. „Му покажавме на целиот свет, а пред сѐ на сите во Европска унија, дека царот нема облека. И не само дека е гол - тој е и зол“, вели Николај Хаџигенов, адвокат и иницијатор на протестите.

Повеќе:

-Ескалација на протестите во Бугарија

-Минеков: Ова е војна на граѓаните против мафијата

-Борисов се плаши да не заврши како Груевски

Демонстрантите очекуваат поголема поддршка од Европа. Тие ја критикуваат конзервативната Европска народна партија (ЕПП), а пред сѐ германските членки - ЦДУ и ЦСУ - бидејќи ги игнорираат проблемите кои ги има Бугарија со корупцијата, владеење на правото и со медиумските слободи - и тоа што продолжуваат да ја поддржуваат партијата на Борисов, Граѓани за европски развој на Бугарија. (ГЕРБ).

Bulgariens Regierungschef Boiko Borissow
Бугарскиот премиер, Бојко БорисовФотографија: picture-alliance/dpa/S. Schuldt

Писмо до Ангела Меркел

„Како ќе го оправдате и легитимирате партнерството на ЦДУ со партијата ГЕРБ, и покрај бројните корупциски скандали, добро документираниот недостаток на медиумски слободи и недостатоците за поделба на власта?“ Тоа во отворено писмо бугарските студенти во Германија ја прашаа канцеларката Ангела Меркел.„Ние имаме поддршка од Европската народна партија“, изјави во едно интервју на Јавниот бугарски сервиси БНТ пратеникот од партијата ГЕРБ во бугарскиот парламент, Томо Биков. Тој вели дека „само Социјалдемократската партија на Европа, радикалната Левица и Либералите ја критикуваат ГЕРБ“.

Критичките гласови стануваат полека сѐ погласни

„Критичките гласови, кога станува збор за владеење на правото во Бугарија, во последните месеци станаа малку погласни во Европската народна партија“, укажува Германецот Даниел Фројнд за ДВ. „За жал, сепак сѐ уште се воздржани кога во е прашање владата на партијата која е членка на ЕПП.“ Демонстрантите во Бугарија се надеваат дека ЕУ ќе им помогне во своите цели и ќе ја повика на одговорност владата во Софија.

Proteste in Bulgarien
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/V. Petrova

На протестите се гледаат бројни знамиња на ЕУ, иако претседателот, кој ги поддржува протестите, всушност е настроен проруски.„Она што го сметам за многу позитивно во врска со протестите е тоа што се надминаа различните општествени класи, политичките идеи и партиската припадност. Како и тоа што не се загуби надежта во Европска унија“, вели Фројнд.„Наша единствена шанса е да ги собереме сите заедно“, објаснува Николај Хаџигенов. „Еден ден кога ќе успееме да организираме фер и транспаренти избори, тогаш поворно ќе можеме да се поделиме во илјадници политички насоки“, вели тој.

Дебата во Европскиот парламент

„Ситуацијата во Бугарија и натаму е загрижувачка“, изјави за ДВ либералната европратеничка Софија ин'т Велд (Демократи 66). Холанѓанката предводи група за следење на демократијата, владеењето на правото и основните права во Европскиот парламент, чии членови се состанаа со бугарскиот вицепремиер и заменик бугарскиот државен обвинител на 28 август. По состанокот, тие испратија список со клучни прашања до бугарските институции. Главните теми се владеењето на правото, слободата на медиумите и човековите права.

Пленарна дебата за Бугарија е планирана за 5 октомври во Европскиот парламент. На неа ќе присуствува Даниел Фројнд. Тој ќе ги информира своите колеги пратеници за обвинувањата за корупција, за кои дознал за време на престојот во таа земја на ЕУ. „Ние ќе ги следиме тие случаи многу конкретно“, вети пратеникот од Зелените.