Бугарија ги запре и Северна Македонија и проширувањето на ЕУ | Северна Македонија | DW | 07.12.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Бугарија ги запре и Северна Македонија и проширувањето на ЕУ

По бугарското вето за Северна Македонија во ЕУ, блокирана е и Албанија. ЕУ-дипломати велат дека проширувањето е целосно блокирано и не се гледа „светло на крајот на тунелот“.

Европската унија го тргна прашањето за проширувањето од дневниот ред во пресрет на утрешниот состанок на министрите за надворешни работи и лидерскиот самит закажан за крајот на неделава. Дипломатски извори во ЕУ за МИА утрово брифираа дека немаат веќе надеж дека Бугарија ќе ја тргне блокадата врз Северна Македонија за почеток на пристапните преговори, а со тоа, настрана се трга и прашањето за почеток на преговорите со Албанија, иако за таа земја имаше отпор и од други земји-членки.
Скопје и Софија изминативе денови се обидуваа да направат пробив во преговорите, во последен обид да се тргне бугарското вето, но резултатите очигледно не биле позитивни. Претходно, на 17 ноември годинава, Бугарија веќе еднаш го блокираше почетокот на преговорите. 

„Германското претседателство е фрустрирано што не беше возможно да се постигне напредок за преговарачката рамка со Северна Македонија, направивме сѐ што можевме вклучително и олеснување на компромис помеѓу Бугарија и Северна Македонија. Не сме задоволни што Бугарија ги блокира пристапните преговори поради билатерални прашања со Северна Македонија, поради ова земјите членки сметаат дека не може да се напредува ниту со Албанија", вели дипломатски извор на ЕУ пренесен од МИА.

Истиот извор наведува дека не гледа ниту „светло на крајот на тунелот“ дека нешто ќе се промени во бугарскиот однос и дополнува дека поради сето тоа целата дебата за Западниот Балкан ќе мора да почека подобри времиња.

Официјален Берлин се надеваше дека ќе успее во рамките на претседавањето со ЕУ да регистрира успех со почетокот на преговорите со Северна Македонија. Тоа беше еден од приоритетите на Германија уште од преземањето на раководењето на средината на годинава. Поради тоа, во изминатиот период, Берлин притискаше за компромис во спорот меѓу двете балкански земји, истовремено одбивајќи ги бугарските барања за вметнување на историски услови во Преговарачката рамка.

DW.COM

Реклама