Бугарија: Владина криза, испорака на оружје и еден генијален потег | Информации и анализи за Балкан | DW | 10.05.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Бугарија: Владина криза, испорака на оружје и еден генијален потег

Бугарската влада беше блиску до распад, а причина беше неединството околу испраќањето оружје за Украина. На крајот, беше најден компромис, но дали тој може да функционира?

Воена помош за Украина – да или не? Ова прашање за малку ќе ја растуреше бугарската владина коалиција. Зашто, политичарите во Бугарија се поделени во ставот околу Москва: традиционално проруската Бугарска социјалистичка партија (БСП) од почетокот на војната на 24 февруари годинава се заканува со напуштање на коалицијата и со тоа  соборување на владата  доколку  Софија испорача оружје на Украина.

Поддршка БСП доби од претседателот на државата, Румен Радев, кој повеќепати предупреди дека испораката на оружје би значеле директно бугарско учество како страна во војната. Во петчасовната парламентарна дебата конечно се успеа во минатата среда (04.05.2022) да се постигне компромис. Бугарија нема да испорачува оружје, туку ќе пружа „военотехничка помош“, односно ќе поправа оштетено украинско оружје и ќе сервисира воена опрема.

Писмо од Киев ја спаси владината коалиција

Тоа го предложи украинскиот претседател Володмири Зеленски во писмо до бугарскиот парламент, на тој начин спасувајќи го коалицискиот мир. Што ќе се поправа точно во Бугарија, останува засега нејасно. 

Густав Гресел, воен експерт од тинк-тенкот Европски совет за надворешни односи е скептичен: „Може да стане збор само за сервисирање и одржување на оклопни воени возила. Кај летачките машини силно се сомневам, пологично е тоа да се прави во Украина. Транзит до Бугарија и враќање во Украина се поврзани со повеќе трошоци отколку корист.“

Bilderchronik des Krieges in der Ukraine | Bulgarien prorussischer Protest

Проруски протест во Бугарија, 4 мај 2022

Три дена (07.05.) по одлуката во Парламентот, заменикот министер за одбрана Јордан Божилов на државната бугарска телевизија БНТ најави доаѓање на украински специјалисти за идната недела, со кои тој ќе разговара „каква техника евентуално ќе се поправа во Бугарија.“

Сомнежво бугарските капацитети

Неодамна отпуштениот претседател на надзорниот одбор на бугарскиот државен трговски концерн за оружје, „Кинтекс", Александар Михајлов, утрото по парламентарната седница се изјасни критички во гостување во бугарската телевизија Вова ТВ. Тој зборуваше за катастрофални состојби во фирмите надлежни за поправка, „Авионамс" и „Терем", кои наводно при одржувањето на старата советска авионска техника и самите се зависни од Русија. Подобро очигледно не е ни кај сервисирањето на оклопни возила, за што е задолжена фирмата „Терем".

„Поради недоволно финансирање, една третина од опремата за поправки е дефектна, а другиот дел е исчезнат, украден или извезен. Овие фирми работат само со 40 % од своите капацитети, а притоа мора да ја одржуваат техниката на бугарската армија“, критикуваше Михајлов.

Освен тоа, Бугарија самата не произведува воопшто сопствени резервни делови, туку досега ги добиваше од Русија и од Украина. И вицеминистерот за одбрана Божилов истакна: „Веќе 30 години сервисираме стара советска техника, која одамна требаше да ја замениме.“

Тајни испораки на оружје и влијанието на Москва

Значи, користа од „военотехничката помош“ на Бугарија за Украина е мала. Но, тоа е само половината вистина – зашто во меѓувреме членките на ЕУ и на НАТО очигледно испорачуваат оружје во Украина по заобиколни патишта. Така, Александар Михајлов на телевизија зборуваше за „стара шема со бугарско оружје, кое преку посредници во Чешка, Словачка и Полска“ најдува пат до Украина.

„Бугарија на тој начин ќе продолжи да продава оружје на Украина“, изјави во саботата (07.05.) и поранешниот министер за одбрана Ангел Најденов за БТВ. Според шпекулации во медиумите, притоа не станува збор за тешки воени орудија како тенкови или авиони, туку за рачно огнено оружје, гранати и муниција. Прикриената трговија со оружје уште во Студената војна била специјалност на „Кинтекс", фирмата во тоа време била раководена од бугарската тајна служба.

Bulgarien Kiril Petkov und Rumen Radev

Бугарскиот премиер Кирил Петков и претседателот Румен Радев

Раздор во бугарската политика

„Актуелната владина криза има внатрешнополитичка и надворешнополитичка димензија“, објаснува за Дојче веле Румена Филипова, директорка на Институтот за глобални анализи во Софија. „На внатрешен план се наѕира раскол меѓу претседателот Радев и реформистичките партии во владата. Радев во изминатите две години протурка внатрешни реформи, но во надворешната политика инсистираше на избалансиран, па дури и неутрален став кон Русија. И тука сега Русија се обидува да ја оддели  Бугарија од западниот сојуз, така што  ја прекина испораката на гас, го разгорува спорот со Северна Македонија и ја инструментализира воената помош за Киев.“

Кај сите овие три прашања со премиерот Петков отворено се судрија и претседателот Радев и министерката за економија Корнелија Нинова, која воедно е и претседателка на БСП. Официјалното откажување од испорака на бугарско оружје, додека истовремено неофицијално во Украина се испорачува оружје, е очигледно умешен потег на бугарскиот премиер изведен со помош на украинскиот претседател.

„Украина, на која  Русија ѝ наметна борба за егзистенција, со своето писмо успеа, и покрај рускиот притисок, да ја стабилизира владата на соседната држава која ѝ е наклонета“, заклучува Мартин Коте, директор на претставништвото на германската фондација „Фридрих Нојман“ во Софија. Сега меѓутоа е прашање колку долго ќе трае тоа „примирје“. Само еден ден по дебатата во Парламентот, претседателот Радев повторно ја нападна владата и поправката на украинска воена опрема во Бугарија ја нарече „опасен чекор“.