Брисел „игра“ на време во македонската криза | Македонија | DW | 07.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Брисел „игра“ на време во македонската криза

Решението за македонската политичка криза е во парламентот, велат извори на ДВ во Брисел, отфрлајќи ја можноста од нови предвремени избори. Германските конзервативци одбиваат да ги коментираат односите со ВМРО-ДПМНЕ.

Трпеливост и натамошни пораки и апели за почитување на демократските норми и мирно предавање на власта во Македонија. Во наредните денови не се очекуваат драматични пресврти во пораките кои од Брисел стигнуваат на адреса на Скопје. Извори во ЕУ за ДВ објаснуваат дека владее голема загриженост, но и разочараност од случувањата во земјата, но останува надежта во позитивен пресврт, без радикални мерки.

На таа линија беше и вчерашната повторена изјава од портпаролката Маја Коцијанчич до властите во Скопје и особено до претседателот Ѓорге Иванов, да се почитуваат резултатите од изборите, а „Владата да биде формирана без натамошни одлагања“.

„Сѐ што можеме да сториме засега е да ги поттикнеме 67-те пратеници кои имаат мнозинство во парламентот да го сторат тоа што треба да се стори. Кризата мора да се реши во парламентот“, вели нашиот извор. Во моментов, се чини дека нема подготвеност во Европската Комисија „да го извади стапот“, што не значи дека тоа нема да се промени доколку продолжи блокадата.

Извор во ЕУ кој е упатен и детално ја следи состојбата во Македонија вели дека единствено јасно во актуелната ситуација е дека можноста годинава да се започнат преговори со ЕУ полека истекува.

ЦДУ: Не коментираме средби на маргините

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ во Македонија се обидува да создаде впечаток дека од Самитот на Европските народни партии во Малта, партијата и нејзиниот лидер, експремиерот Никола Груевски се вратиле со поддршка од сестринските партии.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски во средата во емисијата Топ Тема на телевизија Телма тврдеше дека на Малта била добиена „сериозна поддршка“ од сестринските партии.

„Заеднички именител на сите средби е дека ВМРО-ДПМНЕ има сериозна поддршка од своите сестрински партии“, рече Николовски, дополнувајќи дека таа поддршка е за политиките на партијата како и за интеграцијата во НАТО и ЕУ.

„Апсолутно таа поддршка е и од Меркел“, вели Николовски. 

Angela Merkel PK mit Nikola Gruevski in Berlin (dapd)

Во ЦДУ велат дека не коментираат средби на Меркел на маргините

Во Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел одбиваат да ја коментираат изјавата на Николовски, ниту да одговорат на прашањето на ДВ: дали Меркел им дала поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски во Малта?

„ЦДУ не споделува информации за тоа дали и со кого разговарал партискиот претседател (Ангела Меркел, н.з.) на маргините на своите термини и што била содржината на тие разговори“.

Извори на ДВ кои не се поврзани со ЦДУ, но добиле увид во разговорите, велат дека тврдењата на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ се „апсолутна лага“.

„Од ЕПП јасно и со истиот јазик им го порачаа истото што им го кажуваат во Европскиот парламент и од Европската Комисија“. Изворот додава дека се надева оти таквите пораки од Европските народни партии на сестринската партија во Македонија ќе ѝ бидат испратени и во форма на официјална изјава на ЕПП.

Притисок од големите членки на ЕУ

Дали тоа навистина ќе се случи останува неизвесно. Од ЕПП досега не одговорија на ниту едно од многубројните прашања кои им ги испрати ДВ уште во пресрет на самитот во Малта.

Во средата вечерта, во дебатата во Европскиот парламент во врска со извештајот на известувачот Иво Вајгл за Македонија, владееше речиси неподелена осуда за однесувањето на претседателот Ѓорге Иванов и критика за блокадите и провоцирањето меѓуетнички судири од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Комесарот Невен Мимица од име на Европската Комисија побара од Иванов „да ги почитува резултатите од изборите и да дозволи функционирање на демократијата“. Остри критики, традиционално, стигнаа од претставниците на левичарските партии, но и од ЕПП преку Едуард Кукан.

Покрај пораките од европските институции, се очекува во следните денови притисокот врз Иванов и ВМРО-ДПМНЕ, билатерално да го засилат и некои од поголемите земји-членки на ЕУ.

DW.COM

Реклама