Брисел: Заев бара заштита на идентитетот и засилен ангажман за старт на преговори со ЕУ | Северна Македонија | DW | 10.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Брисел: Заев бара заштита на идентитетот и засилен ангажман за старт на преговори со ЕУ

Македонскиот премиер на средби со високи европски претставници побара зголемен ангажман од ЕК и смета дека одвојувањето на Албанија и С. Македонија не е во ничиј интерес.

Идентитетските прашања не смеат да бидат на масата за разговори. Македонскиот идентитет освен што е прашање на гордост, тоа е и прашање на факти, наука, традиција и национално обележје на македонскиот народ. Македонскиот јазик и македонскиот идентитет наметнати како прашања од Бугарија воопшто не смее да бидат тема на разговорите и ангажманот на Брисел. Северна Македонија единствено така ќе продолжи да разговара за нејзината европска иднина. Ова е пораката којашто ја испрати премиерот Зоран Заев на денешните средби со високи претставници на Европската комисија во Брисел. Заев побара поголем ангажман во барањето решение за старт на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, бидејќи станува збор за многу важен процес.

Besuch des nordmazedonischen Premierministers Zoran Zaev bei der Europäischen Kommission

Македонскиот јазик и македонскиот идентитет наметнати како прашања од Бугарија воопшто не смее да бидат тема на разговорите и ангажманот на Брисел, порачува Заев

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пак, потврди дека се залага Северна Македонија и Албанија заедно да ги продолжат преговорите без натамошно одложување. Дека идентитетот не може да биде причина за блокада на европските интеграции е потврдено и на средбата со еврокомесарот за соседска политика и проширување на ЕУ, Оливер Вархеји во Брисел.

Заштита на идентитетот

„Македонскиот идентитет, освен што е прашање на гордост, тоа е и прашање на факти, наука, традиција и национално обележје на нашиот народ. Тој не е и нема да биде предмет на преговори. Европските вредности се водилка за нас, но заштита на идентитетот исто така е европска вредност“, порача Заев на средбата со претседателката на ЕК, Фон дер Лајен. На средбата, на која присуствуваа и заменик-претседателот во Владата за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи, македонскиот премиер истакнал дека дека С. Македонија ги спроведе сите реформи, дека нивната имплементација е предмет на неколку процеси за примена на европските стандарди дома и дека се исполнети сите критериуми на ЕУ за отворање на процесот за членство.

-повеќе на темата: Шаленберг: Апсурдно е во ЕУ да се трга настрана земја за пример како С. Македонија

Заев смета дека одвојувањето на Албанија и Северна Македонија не е во ничиј интерес и дека непринципиелност од страна на ЕУ може да има безбедносни последици за целиот регион. Според него, во случај на раздвојување, постои ризик за регионот и за државата. „Постои геополитички, безбедносен и економски секаков друг ризик затоа што не случајно кажуваме дека друга алтернатива освен европската иднина на С. Македонија и на цел Западен Балкан не постои. Укинување, замрзнување или уште чекање ги отвора сите можности за секаков вид на ризик којшто може Балканот да го вратат на оние децении кога сите не сакаме ниту да помислиме дека може да се повтори“, вели Заев во интервју за МИА. 

Да се одблокира процесот

Дека идентитетот не може да биде причина за блокада на европските интеграции на С. Македонија, се согласиле премиерот Зоран Заев и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, на средбата во Брисел. Како што соопшти владината прес-служба, Вархеји и порачал на македонската делегација дека неговата цел, како и целта на Европската комисија, е за време на актуелното португалско претседавање со ЕУ да се прифати преговарачката рамка за С. Македонија и да се одржи првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите за членство на земјата во ЕУ.

-повеќе на темата: Шведска бара итен почеток на ЕУ преговорите со С. Македонија

„Вархеји додаде дека ЕУ е посветена на Западен Балкан и дека денес, после 2,5 години, во Советот на министри за надворешни работи на членките на ЕУ се води стратешка дебата за Западен Балкан во која деблокадата на европскиот пат на Северна Македонија е приоритет број 1 и дека Брисел ги вложува сите напори и ги поддржува сите идеи за решенија со цел да се одблокира овој процес“, соопштија од Владата.

Besuch des nordmazedonischen Premierministers Zoran Zaev bei der Europäischen Kommission

Дека идентитетот не може да биде причина за блокада на европските интеграции на С. Македонија, се согласиле премиерот Зоран Заев и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји

Премиерот Заев порачал дека високо ги оценува заложбите на Европската комисија и дека очекува соодветно ниво на соговорници и соработници од страна на Бугарија. Техничката влада во Бугарија може да е можност за скорешно решение, но очекуваме другата страна да биде охрабрена за отвореност, подготвеност и посветеност кон решение.

„Ние сме подготвени за разговори, веруваме дека треба да имаме уште еден обид во периодот што доаѓа, но треба да знаат и колегите во Бугарија и сите во Европска Унија дека за  нашиот идентитет  нема ниту да разговараме, ниту да преговараме и дека сите обиди тој да се става на преговарачка маса ќе бидат одбиени од македонска страна“, изјавил Заев.