Брисел загрижен поради негативната реторика во Македонија | Македонија | DW | 19.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Брисел загрижен поради негативната реторика во Македонија

ЕК е загрижена поради негативната реторика во Македонија и бара институциите да се остават без притисоци да си ја вршат работата. Се очекува одговорност од сите.

Европската Комисија изразува загриженост поради тензиите и негативната реторика од последниве денови во Македонија. Во изјава за Макфакс, портпаролката Маја Коцијанчич ги повикува сите страни да се однесуваат одговорно.

„Загрижени сме поради тензиите во последните неколку дена, како и поради негативната реторика. Комисијата ги повикува сите засегнати страни да се однесуваат одговорно и да придонесат за враќањето на довербата на граѓаните во државните институции и демократските процеси“, вели Коцијанчич.

Тензиите пораснаа по говорот на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во саботата кој пред партиските демонстранти во Скопје го претстави партискиот проглас. Во него, неименувани странски амбасадори во земјата беа обвинети за мешање во внатрешните работи, а најавено беше и дека нема да се признаваат резултатите од изборите доколку дојде до прегласување.

По протестите пред ДИК и нападите од ВМРО-ДПМНЕ, од Брисел порачуваат дека институциите треба да се остават да работат непречено.

„ЕК ги нотира прелиминарните резултати и одлуките по приговорите, и сега ги чека одговорите на жалбите. Релевантните државни власти, вклучувајќи ги тука Државната изборна комисија и судовите, треба да работат непречено, слободни од притисоци и политичко мешање“.

Коцијанчич вели дека се очекува брзо формирање на новиот состав на Парламентот, како и на новата Влада кои треба да ги имплементираат неопходните реформи за решавање на системските прашања во поглед на владеењето на правото.

 

DW.COM

Реклама