Брисел: Дијалогот меѓу Белград и Приштина на дистанца и со високи тонови | Информации и анализи за Балкан | DW | 15.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Брисел: Дијалогот меѓу Белград и Приштина на дистанца и со високи тонови

„Не знаете дали да се смеете или да плачете“ и „Дистанцата беше повеќе од два метри“ - се реченици коишто најдобро го отсликуваат дијалогот.

Последната рунда од десетгодишниот дијалог меѓу Белград и Приштина, овој пат, заврши за помалку од два часа. Се потврди непишаното правило на бриселската дипломатија дека колку подолго трае некој состанок, толку е поголема можноста за позитивен исход. Исход од денешните разговори нема, освен договорот лидерите на Белград и Приштина да се состанат повторно пред крајот на јули.

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, требаше да ги претстави резултатите од денешниот дијалог. Како искусен дипломат, Лајчак тоа го сумираше во една генерализирана реченица што може и не мора да значи ништо.

„Она што е важно за ЕУ ​​е дека двајцата лидери потврдија дека нема друг пат напред освен нормализирање на односите меѓу Србија и Косово“, рече Лајчак по состанокот.

Она во што не впушти Мирослав Лајчак, освен изјавата дека разговорите биле „отворени и директни“ и дека „добро е што се одржале“, е проценка на дијаметрално различните позиции на двете страни, кога станува збор за споменатиот „пат напред“ и „нормализацијата на односите“.

Вучиќ: Не знаете дали да се смеете или да плачете

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, имаше можност прв да им ги претстави на медиумите своите видувања за средбата со премиерот на Косово, Албин Курти. За Вучиќ ова е состанок на кој, како што рече, не бил никогаш порано.

„Застанувате и не знаете дали да се смеете или да плачете… Имате работа со луѓе кои не се ниту сериозни, ниту одговорни“, рече Вучиќ.

-повеќе на темата: Брисел: Што може да донесе првата средба на Вучиќ и Курти?

Претседателот на Србија, кој пред првиот состанок со Курти рече дека станува збор за „тешки разговори“ со некој кој „како Пајо Паторот“ ги повторува нападите врз Србија, по разговорот рече дека „апсолутно за ништо не се согласиле“. „Човекот дојде за да не се договори за ништо и да рече - дојдов да те прашам да го признаш независно Косово. Мојот одговор беше - никогаш. И тогаш тој се детонираше“, рече Вучиќ.

Belgien Albin Kurti, Ministerpräsident vom Kosovo

Александар Вучиќ

Вучиќ не објасни што точно подразбира под „детонација“, но тој изјави дека „немало навреди или пцости“, туку некои негови „поостри реакции“.

Курти: Дистанцата од Вучиќ е повеќе од два метри

На констатацијата на претседателот на Србија дека Приштина дошла во Брисел за да ги продолжи разговорите само за да „испровоцира прекин на дијалогот“, Албин Курти одговори дека состанокот бил „конструктивен“ и дека е „оптимист“.

„Ќе биде тешко, но јас сум оптимист, не затоа што секогаш сум таков, туку затоа што сега имаме искрен пристап кон проблемите. А, суштината на нашиот конфликт е недостиг на меѓусебно признавање. „Ниту Србија го признава Косово, ниту Косово ја признава Србија“, рече Курти.

-повеќе на темата: Чудото од Балкан - наскоро „Мини - ЕУ“?

Тој многу прецизно ја дефинираше „суштината на проблемот“ и таканаречениот „слон во собата“, но како „единствено и најдобро“ решение тој го понуди својот и „ставот на Џозеф Бајден“ за меѓусебно признавање.

Belgien Treffen Vucic Kurti in Brüssel

Албин Курти

На заклучокот на медиумите дека меѓусебното признавање не е компромисно решение прифатливо за другата страна, Курти го „редефинираше“ својот предлог. „Време е Србија да прогласи независност од Косово“, рече Курти.

За премиерот на Косово, разговорот со претседателот на Србија не бил „на работ на инцидент“, но нагласи дека дистанцата меѓу нив двајца била „повеќе од два метри“.

Решение до крајот на годината?

Она што се доведува во прашање е како ќе се намали оваа „дистанца“, која по 10 години дијалог во Брисел се чини поголема од кога било.

И тука не зборуваме само за следната рунда дијалог закажана за јули, туку и за целиот процес, за кој во институциите на ЕУ, неофицијално, се наведува дека „може да се реши до крајот на годината“, што нема да биде првпат ЕУ ја прецени својата политика кон Западен Балкан.