Брисел во јануари ќе ја претстави новата методологија за преговорите со ЕУ | Свет | DW | 11.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Брисел во јануари ќе ја претстави новата методологија за преговорите со ЕУ

ЕУ реагираше на француското вето за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија со најава дека следниот месец ќе го претстави новиот процес за прием на членки. Девет земји-членки предлагаат реформи.

Новата преговарачка методологија која ја изработува Европската комисија ќе биде претставена во јануари следната година, најави европскиот комесар за проширување Оливер Вархељи.
Ревидираната методологија за пристапните преговори ќе го направи процесот „по кредибилен и попредвидлив за сите страни“, изјави Вархељи во Брисел.

Со тоа, Европската комисија им излегува во пресрет на барањата на францускиот претседател Емануел Макрон. Тој бара темелна реформа на преговарачкиот процес како услов за одобрување на почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија.
На самитот во Брисел во октомври годинава, Франција го блокираше почетокот на преговорите со двете земји, добивајќи поддршка од Данска и Холандија за Албанија.
Вархељи вели дека политиката на проширување и ЕУ интеграцијата на Западниот Балкан „се важни стратешки цели за ЕУ и за земјите-членки“. Најавува дека новиот реформиран процес ќе осигура дека „доколку една страна испорача, ќе мора и другата“.

Belgien l Europaparlament befragt Ersatzkandidaten für von der Leyens EU-Kommission - Oliver Varhelyi (Getty Images/AFP/J. Thys)

Комесарот за проширување Оливер Вархељи

Со нон-пејпер Франција предложи замена на досегашните 35 поглавја со 7 фази во кои поглавјата ќе бидат поинаку групирани.

Во меѓувреме, девет земји-членки на ЕУ: Австрија, Чешка, Естонија, Италија, Литванија, Летонија, Малта и Полска до Брисел доставија свои предлози за унапредување на процесот. Во документ, кој ќе се разгледува заедно со францускиот, деветте земји предлагаат групирање на поглавјата и паралелно отворање на повеќе фази од процесот, со можност државите кандидати да уживаат и директни придобивки. Она што е клучно во овој документ е барањето полноправното членство да се дефинира како крајна цел.

Новата претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен (насловна фотографија) веќе најави дека проширувањето на ЕУ останува приоритет за нејзината влада и дека ќе работи на надминување на несогласувањата на оваа тема со дел од земјите-членки.

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама