Брзоплети решенија и оставки во Стратегискиот совет на МНР | Северна Македонија | DW | 21.05.2021

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Брзоплети решенија и оставки во Стратегискиот совет на МНР

Валентина Божиновска само што беше промовирана како член – се повлече. Токму спомнувањето на нејзиното име, како и на Срѓан Керим, предизвика реакции во јавноста.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи неодамна испратил писма до 26 професори и академици, поранешни министри, пратеници и амбасадори на кои им понудил да станат дел од Стратегискиот совет за надворешна политика. Вчера сите за првпат седнаа на заедничка конститутивна средба. Велат дека тогаш првпат виделе кој се членува во телото, но им станала и појасна идејата од којашто се водел Османи при составувањето на ова шаренолико тело, во кое се најдоа поранешни министри за надворешни работи, ексфункционери на ВМРО-ДПМНЕ, но и професори, директори на познати компании, економисти, но и лица за коишто се водела истрага или кои со своите настапи во минатото имаат оставено темна сенка се сеќавањето на граѓаните.

-повеќе на темата: Керим се враќа во Скопје како советник кај Османи

Османи објаснува дека членовите на Стратегискиот совет биле избрани врз принципи на искуство, експертиза и млада енергија, како и инклузивност на различни погледи. Па така на листата се најдоа двајца поранешни министри за надворешни работи – првиот шеф на македонската дипломатија и универзитетски професор Денко Малески и Срѓан Керим, кој беше министер за надворешни работи во владата на Љубчо Георгиевски, а во периодот 2007-2008 година беше претседател на Генералното собрание на ОН. Рака за соработка му е понудена и на Лазар Еленовски, поранешен министер за одбрана во времето на Никола Груевски. Во Стратегискиот совет свое столче доби и Ивана Туфегџиќ, која беше пратеничка на СДСМ во претходниот собраниски состав, како и Гордан Георгиев, некогашен пратеник и потпретседател на СДСМ. Во советот се поканети да членуваат и академиците Луан Старова и Абдулменаф Беџети, директорот на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, Нано Ружин, Мухамед Халили, Виктор Габер, Ризван Сулејмани и Марјан Ѓуровски.

Бурни реакции

Поранешната функционерка на ВМРО-ДПМНЕ, Валентина Божиновска, само што беше промовирана како член – се повлече од советодавната улога. Токму спомнувањето на нејзиното име, како и на Срѓан Керим кој изминатиов период живее во Хрватска, откако СЈО отвори истрага за злоупотреби во згаснатата медиумска куќа МПМ, предизвика бурни реакции во јавноста.

На социјалните мрежи врие, се споделуваат видеа од настапите на Валентина Божиновска по парламентарните избори на 11 декември 2016, кога како директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, на протестите пред Државната изборна комисија, во говор рече дека собирот пред ДИК е „вечер на ножевите“.

Valentina Bozinovska

Поранешната функционерка на ВМРО-ДПМНЕ, Валентина Божиновска, само што беше промовирана како член – се повлече од советодавната улога.

Незадоволство од нејзиниот избор изразија и од Алијанса на Албанците и Алтернатива. „Со соработниците на Никола Груевски, како Божиновска, која е позната со своите антиалбански и антизападни ставови, Османи и оваа Влада ја формализираа својата стратегија кон Русија и кон изолација на земјата. Од еден министер кој ќе биде советуван од организаторот на „ноќта на ножевите“, веќе е јасно дека не може да се очекува светла иднина “, се наведува во реакцијата.

-повеќе на темата: Стотина писма од Османи до политички адреси во ЕУ

Божиновска, вчера попладне најави дека сепак се повлекува од работата на новоформираниот совет. Во изјава за „А1он“ таа тврди дека во овој момент нема да може да придонесе со свој ангажман во Стратешкиот совет, но дека се надева на идна соработка. „Почитуван министер, Ви благодарам за поканата и за Вашата идеја, која е брилијантна и во оваа прилика ја поздравувам, но заради моите ограничени активности од здравствени причини, не можам да допринесам во овие мигови, но се надевам на наша идна соработка бидејќи сум убедена дека сите заедно треба да ги подадеме рацете кон проектот за европска држава“, му порачува Божиновска на Османи.

Брзоплети решенија

По нејзиното повлекување од советот се проблематизира и враќањето на Керим во Скопје и неговата советодавна улога во МНР, со оглед на неколкуте случаи и истраги во минатото во кои се споменуваше неговото име.

Srgjan Kerim Präsident der 62. UN- Vollversammlung

Се проблематизира и враќањето на Керим во Скопје и неговата советодавна улога во МНР.

Љупчо Арсовски, дипломат од кариера и прв амбасадор на Република Македонија во Грција, за ДВ изјави дека станува збор за „брзоплети решенија“ кои воопшто не вреди да се коментираат. „За тоа еве и Божиновска е ’сведок’, останува и некои други да си дадат оставка пред да почне да функционира една значајна комисија, одбрана на погрешен начин, со многу несоодветни личности во право време. Навистина жално“, вели тој. Според Арсовски, станува збор за популизам, бидејќи во организирани земји, вакви комисии не се објавуваат, ниту пак се објавува што било поврзано со нивната работа, на најмалку пак страгегијата.

Според најавите на МНР, ‘Рефлексија 2030’ предвидува активен и широк општествен консултативен процес што се темели врз три основни столба. Членовите на комисијата треба да разменат мислења околу процесите на развивање на десетгодишна стратегија за надворешна политика на С. Македонија.

„Ова советодавно тело на МНР ќе служи како посебен филтер, еден вид инка за политичките насоки што ќе се собираат во рамки на консултативни процеси“, вели Османи.Според него, во стратешкиот совет се избрани квалитетни луѓе, докажани експерти во сите области, искусни и добри познавачи на состојбите во дипломатијата, од професори, академици, па сѐ до претставници на реалниот сектор, како бизнисмени и економисти. „Внимавав да добиеме широка интелектуална и експертска претставеност. Не се ограничив да поканам и поединци кои имаат цврст и јасен политички став, а се ослободени од притисокот на дневната политика“,изјави министерот за надворешни работи.

Членовите на новиот Стратегиски совет прифатиле да работат волонтерски.Телото е постојано, но членовите не се фиксни. „Иако составот е квалитетен, секогаш може да го зајакнеме онаму каде што ќе сметаме дека е потребно. Многу долго време се мислевме за составот. До конечниот избор имаше многубројни консултации. Се водевме од принципи на искуство, експертиза и млада енергија, како и инклузивност на различни погледи, како што имаат и граѓаните, со цел да имаме 360 степени пристап кон дефинирање на стратегијата за надворешна политика“, објаснува Османи.

Идејата ќе биде ставена на тест

Професорот Денко Малески е еден од 26-мината на чија адреса неодамна било испратено писмо во кое му било понудено да стане дел од советот кој треба да изработи 10-годишен стратешки документ за надворешната политика на државата. „Во писмото тој ми ја образложи идејата и ме праша дали можам своето искуство да го ставам на располагање. Се согласив. Сметам дека идејата на министерот е добра токму поради различните ставови кои се прекршуваат секојдневно во земјата. Сега за сите тие различни ставови ќе може да се дискутира во рамките на советот“, вели Малески за ДВ.

Mazedonien Denko Maleski ehemaliger Außenminister

Денко Малески вели дека идејата за формирање на вакво тело допрва ќе биде ставена на тест и ќе се види нејзината оправданост.

Идејата за помирување е една од најсуштествените точки за иднината на државата, особено за прашања кои што ја засегаат надворешната позиционираност на земјата и кои се од интерес на сите граѓани. Малески се согласува дека надворешната политика не треба да биде производ на конфликти и треба да биде предмет на усогласување. Тој вели дека идејата за формирање на вакво тело допрва ќе биде ставена на тест и ќе се види нејзината оправданост. Во однос на составот на советот, професорот додава дека изборот го направил министерот, кој најверојатно се раководел од политичкото и дипломатското искуство на членовите. Пред денешната средба, членовите на советот не знаеле со кого ќе треба да седнат на заедничка маса.

Универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски во изјавата за ДВ вели дека да се биде дел од стратешкиот совет за надворешна политика на МНР е предизвик и можност да се придонесе кон својата татковина, но пред се одговорност, особено кога неговата инаугурација и прва седница е во фокусот на јавноста и медиумите.

 Nordmazedonien Prof. Marjan Gjurovski

Марјан Ѓуровски вели дека да се биде дел од стратешкиот совет за надворешна политика на МНР е предизвик и можност да се придонесе кон својата татковина, но пред се одговорност.

„Во значаен турбулентен период се пристапува кон изработка на  клучен стратешки документ во период кога одбележуваме 30 години од независноста на македонската држава, зад нас е една година од членството во НАТО кое подготвува Стратегија “НАТО 2030”, развоен документ за државата за следните 10 години. Важно е што по долг период на немање на нови стратешки политики кои се стари повеќе од 20 години,  се пристапи кон процес на стратегиско планирање. Документот “Рефлексија 2030”  многу е важно да биде прифатен во самото МНР за да не заврши како многуте други документи и политики и најважно да има свој Акционен план за имплементација“, вели Ѓуровски. Тој не сака да ги коментира забелешките за поедини членови на советот, бидејќи смета дека секој од нив поединечно партиципира кон овој државен проект, кој треба да ја продуцира и имплементира Стратегијата „Рефлексија 2030’.  

DW.COM