Брзата вакцина ќе не′ врати побрзо во нормала!? | Северна Македонија | DW | 02.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Брзата вакцина ќе не' врати побрзо во нормала!?

Најавите дека Северна Македонија е на прагот на вакцинација е охрабрувачка вест во битката против опасниот вирус кој продолжува да зема животи. Првите количества пристигнуваат веќе наредниот месец.

Десет месеци по стартот на пандемијата, коронавирусот можеби благо попушта, но се' уште е сериозно опасен. Процентот на заразени периодов е минимално намален, но сепак тоа не значи дека е потребно опуштање, напротив, потребна е уште поголема сериозност и одговорност. Посебно во периодот на новогодишните и божиќни празници, кој важи за критичен.

Во услови кога црната Ковид-статистика и натаму расте, охрабрува веста дека вакцината ќе пристигне побрзо од првичните најави. Веќе во февруари се најавени првите количества, а дотогаш треба да се обезбедат и соодветните фрижидери за нивно чување.

Во очекување тоа и да се случи, во тек се и конкретни подготовки. До утре, 3 јануари, трае анкета на медицинскиот персонал. Во државното и приватното здравство се прибираат податоци за подготвеноста на лекарите за вакцинацијата, но и за тоа колку од нив се директно вклучени во битката против коронавирусот. Тие ќе треба и да бидат првата линија на вакцинацијата.  

Брза вакцина за ризичните категории

Најавата за побрзо пристигнување е во период на дебата околу безбедноста на вакцините, нивната ефикасност, но воопшто и потребата од имунизација. За лекарската фела нема дилема дека вакцината е неопходна за справување со вирусот. Тоа што таа е развиена и произведена за релативно краток период исто така не треба да претставува никаков проблем:

„Вакцините навистина бргу се направени во споредба со сите досегашни, но овојпат на располагање беа ставени огромни средства на лабораториите. Беа скратени долгите административни постапки за добивање одобрение и најважно - веќе постоеше трасиран пат за производство на вакцини. Искуството на работата за производство на вакцини против САРС и МЕРС си го сторија своето. Така што, на една добро подготвена подлога почна да се работи на оваа вакцина", укажува епидемиологот Драган Даниловски.

Mazedonien Coronavirus Uniklinik in Skopje

Десет месеци по стартот на пандемијата, коронавирусот благо попушта

Сепак, она што загрижува е високиот процент на граѓани кои не би сакале да се вакцинираат. За лекарите ова е предизвик, но клучно е да се обезбедат брзи количества за ризичните категории на граѓани:

„Секој сам може да си избере, но најдобро е кај вакцината што младите под 20 години лесно заболуваат, многу ретки во светски размери се смртни случаи или речиси тие и да не постојат. Така што, тој што не сака да се вакцинира е негов избор, може да си остане дома затворен уште пет-шест години, може да излезе и да ризикува. Нормално дека не е фер за здравствените работници да го лечат кога може да се спаси, но мислам дека со сила не треба. Што повеќе се прави со сила, тоа ќе  има контраефект. Важно е да се обезбеди вакцина за здравствените работници, за ранливите групи и за возразните“, смета микробиологот Никола Пановски.

Повеќе:

Во што веруваат Македонците: „Не“ за вакцина против Ковид-19, „Да“ за теории на заговор

Филипче: Нема цена што не сме подготвени да ја платиме за вакцините

Година на големи очекувања

Кога би стивнал вирусот?

Брзата вакцина ќе го врати животот брзо во нормала. Но дилемите се: колку бргу тоа може и да се очекува да се случи? Доколку продолжи актуелниот тренд и доколку се исполнат најавите за процесот на набавка, почетокот на пролетта би можел да донесе и одредено стивнување на епидемијата и постепено враќање во нормала:

„Независно што очекуваме вакцини, тоа сигурно дека ќе биде трајно решение, но имунитетот се стекнува и на природен начин. Некои прогнози велат дека ако се оди со оваа динамика, некаде во март и април во Македонија ќе бидат заразени асимптоматски или со симптоми околу 60% од населението. Тоа е доволно да стивне епидемијата дури и без вакцина, но дефинитивно вакцините ќе бидат потребни за ризичните вработени, здравствените работници, вработените во услужните дејности, војската, полицијата, постарите од 65 години, како и хронично болните. Така што, пандемијата ќе згасне делумно по пат на заразување по природен пат, или со вакцинација, но вирусот нема да исчезне. Тој ќе остане кај нас и ќе биде ендемски, секогаш ќе има ризик да се добие вирусот од страна на ризичните групи и ќе имаме ситуација аналогна на грипот и настинките“, смета Даниловски.

Mazedonien Coronavirus Uniklinik in Skopje

Во државното и приватното здравство се прибираат податоци за подготвеноста на лекарите за вакцинацијата, но и за тоа колку од нив се директно вклучени во битката против коронавирусот

Првите дози вакцини против Ковид-19 во Северна Македонија ќе пристигнат во февруари. Тие ќе бидат доставени од страна на производителот Фајзер, но во колкаво количество, засега нема конкретна информација. Министерот Венко Филипче изјави дека количеството е договорено, но засега имало договор да не се изнесуваат детали:   

„Од компанијата не' замолија се' уште да не се објавуваат дозите, иако точно знаеме колку дози треба да стигнат во февруари, колку во март и колку во април. Изминатата недела имавме во континуитет телефонски разговори, разменуваме мејлови со компанијата Фајзер и мислам дека тоа е една политика која успеаја да ја имплементираат заради зголемување на дел од нивното производство", изјави Филипче.

Преку таканаречениот Ковакс механизам, македонските власти имаат обезбедено 833.000 дози вакцини. Нивната набавка чини околу осум милиони евра, а тие ќе бидат доволни за имунизација на околу 400.000 граѓани.

Вакцина за спас и на бизнисот

Брзата Ковид-вакцина е надеж и за бизнисот, кој во изминатиов период е буквално клекнат на колена и покрај поддршката и четирите пакети антикризни мерки. Во очекување на петтиот пакет, за бизнисмените е многу важно кога вакцината ќе пристигне, но и кога таа би овозможила работите да се вратат во нормала:

„Се' додека не заврши вакцинирањето на популацијата и не се врати нормалниот живот, нема да имаме никаков економски просперитет. Ова сега е време на хибернација, но и време за подготовка за нови бизниси. Така што, периодов треба и да се искористи за инвестици потребни за бизнисот“, коментира бизнисменот Горан Рафајловски.

Corona-Pandemie | Impfstoff von BioNTech/Pfizer

Првитевакцини против Ковид-19 во Северна Македонија ќе пристигнат во февруари

Враќањето во нормала е надеж исто така и за угостителите, кои се една од најпогодените гранки. Последиците се драматични, а падот во работењето според некои проценки изнесува дури до 80%. Од оваа фела сепак не се преголеми оптимисти дека вакцината ќе донесе и брзи позитивни резултати:

„На крајот на декември беше донесена одлука на владата, со која до 20 јануари е преполовено работното време на угостителите. Во овој месец практично им е одземено правото на угостителите, кога на некој начин можеа да се надокнадат месечните трошоци и покривање на еден дел од загубите.

Гледај видео 02:40

#dw_BalkanBooster: Пандемијата и младите

Така што, не верувам дека... Без разлика на појавата на вакцината и олабавување на протоколите, мислам  дека заради притисокот и новите навики кои веќе ги наметнавме, не верувам дека ќе придонесат за угостителите да можат релативно брзо да се вратат во функција", предупредува Здравко Јосифовски, претседател на Независна угостителска комора.

Во очекување на вакцината, црната Ковид-статистика продолжува да расте. Заклучно со вчера, во Северна Македонија има 19290 активни случаи на заболени од Ковид-19. Бројката на починати изнесува 2510. Од почетокот на епидемијата евидентирани се 83743 заразени, односно 61943 оздравени пациенти.

Вкупниот број на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјата, е 985. Надлежните соопштија дека во Ковид-центрите има околу 320 празни болнички кревети.

Реклама