Дали трудниците треба да се вакцинираат против Ковид-19? | Панорама | DW | 08.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Дали трудниците треба да се вакцинираат против Ковид-19?

Се смета дека трудниците се изложени на поголем ризик за развој на тешка форма на Ковид-19. Германија, и покрај тоа, и натаму е воздржана со вакцинацијата на оваа група.

35-годишната Анја В. е во 25-та недела од бременоста и би сакала да се вакцинира против коронавирусот кога би имало јасни препораки за тоа. Таа е лекарка и добро ја познава проблематиката. „Кога Здружението на гинеколози и Постојаната комисија за вакцинирање би дале јасни препораки за вакцинација на трудници и би кажале дека ризикот од вакцината за бремени жени е помал отколку при зараза со САРС-Ков-2, тогаш веднаш би се вакцинирала. Следам внимателно што се случува во други земји. Во САД, на пример, бремените жени веќе неколку месеци ги вакцинираат,“ вели Ања.

Покрај САД, и други земји, меѓу кои и Велика Британија, Израел, Белгија се изјаснија за општа, дури и приоритетна вакцинација на трудници.

Во Германија засега нема генерална препорака за вакцинација на бремени жени и доилки од Постојаната комисија за вакцинација (СТИКО).

Гинеколозите вршат притисок за брза вакцинација

Поради тоа сега лекарите од интензивна нега и гинеколошките здруженија прават притисок. Бремените жени се изложени на значително поголем ризик од развој на тешка форма на болеста при зараза со корона, а во меѓувреме има и доволно податоци за сигурноста на иРНК вакцините се аргументите на група од 11 здруженија на гинеколози и на доктори за репродуктивно здравје.

Сличен став има и Штефан Клуге, директор на Универзитетската клиника Хамбург-Епендорф (УКЕ), бидејќи сѐ почесто бремени жени заболени од коронавирусот завршуваат на интензивна нега. Само во последните две недели на УКЕ имало пет такви случаи, вели Клуге за агенцијата ДПА. „Тоа се особено драматични случаи. Мораме да ги вакцинираме трудниците во Германија“, категоричен е докторот.

РКИ се двоуми бидејќи недостасуваат податоци

Постојаната комисија за вакцинација (СТИКО) при институтот Роберт Кох (РКИ) во април се изјасни против општата вакцинација на бремени жени. Само на „трудници со претходни заболувања кои условуваат зголемен ризик за развој на тешка форма на Ковид-19 треба да им се понуди опција за вакцинација, по претходно детално одмерување на придобивките и ризиците за секој поединечен случај“.  Вакцинирање на бремени жени значи може да се дозволи само во одредени случаи и на сопствен ризик на трудницата.

За општа препорака за вакцинација на оваа група според СТИКО сѐ уште нема доволно валидни податоци, бидејќи бремени жени често се исклучени од учество во клинички студии. Од друга страна, СТИКО не се изјаснува генерално против општа вакцинација на бремени жени и доилки, но не може ниту да даде општа препорака за вакцинација.

Повеќе:

-Три родилки починаа од Ковид-19 од почетокот на годинава

-Две родилки ја загубија битката со Ковид-19, бебе се бори за живот

-Во ГАК се третираат родилки позитивни на коронавирусот

Не може да се препорача, но не може ни да се советува против примање? За идните мајки не е многу од помош ставот на СТИКО кој остава простор за интерпретации.

Тешки форми на Ковид-19 почести кај трудниците

Уште од минатиот септември се знае дека трудници се во „високо ризична група“. Во Британскиот медицински журнал беше објавена студија насловена како Клинички манифестации, фактори за ризик и атенатални и перинатални последици оа коронавирусот во 2019 во бременост: системска анализа и мета-анализа, во која биле сумирани над 190 студии на темата со речиси 68.000 жени учеснички.

Резултатот е јасен: кај бремените жени пет пати почесто инфекцијата поминува асимптоматски, но истовремено кај нив двојно е поголем ризикот по зараза да се лекуваат на интензивна нега и да биде нужно вештачко дишење. Исто така и ризикот од смрт од Ковид-19 кај нив е со 2 на 10.000 заразени многу повисок. Претходни заболувања како дијабетес или прекумерна тежина исто така го зголемуваат ризикот, како и возраст над 35 години.

Во просек, бремените жени се исто толку загрозени како и лицата од 70 до 84 години.

Загрижена во бременоста

Ако трудниците бидат категоризирани како ризични пациенти, тогаш заштитата на бремената жена треба да биде на прво место, вели Анја В. за ДВ. Како лекар и мајка таа е изложена на посебни ризици: „Во оваа бременост сум повеќе загрижена отколку во првата бидејќи и натаму работам во болницата и секако се обидувам најдобро што може да се чувам од зараза со САРС-Ков-2“, вели 35 годишната Анја.

„Но, има ризици кои е тешко да се пресметаат, како на пример тоа што мојата тригодишна ќерка два дена во неделата оди во градинка бидејќи немаме друга алтернатива. Посакував Здружението на гинеколози и институтот 'Роберт Кох' да издадат јасни препораки за трудници на работното место во услови на пандемија. Секако дека работа од дома е побезбедно отколку во болница, особено што тогаш ќе можеше и ќерка ми да ја чувам дома и дополнително да го намалам ризикот за мене.“

Со оглед на позитивните искуства на други земји и општо познатиот висок ризик за развој на тешка форма на болеста по зараза со САРС-Ков-2, гинеколошките здруженија бараат скорешна вакцинација на трудници и доилки. Тие посочуваат на регистарот за безбедност на вакцината при бременост, т.н. „V-safe Pregnancy Register“ во САД, според кој не се забележани компликации од вакцината кај трудници. Задршки нема ниту во однос на формирањето антитела и подносливоста на вакцината.

Преферирани иРНК вакцини

За бремени жени не доаѓа предвид секоја вакцина, односно предност се дава на оние врз база на информациска РНК (иРНК) како Бионтек/Фајзер и Модерна. И Анја В.која е бремена и медицинско лице преферира таков тип на вакцина: „Бремени жени заради промената во хормоните и онака имаат поголем ризик за тромбози, а јас како невролог би сакала да го намалам ризикот од мозочна тромбоза и би преферирала иРНК вакцина како на пример од Бионтек/Фајзер.“

Гледај видео 15:47

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

Тешко одмерување на ризикот и ползата

Досега бремените жени не се вброени во прироритетните групи и многу од нив кога сакаат да се вакцинираат не добиваат вакцина бидејќи лекарите се плашат од можните ризици.

Дали ќе превагне стравот од заболување со Ковид-19 или грижата за можните последици од вакцината за мајката и плодот, на крајот останува да одлучи трудницата.

Анја В.се надева дека „наскоро ќе има и препорака за вакцинацијата на бремени жени, но до летото 2021 веројатно веќе ќе биде родено и моето второ дете“.