Брегзит-хаос во Лондон | Свет | DW | 17.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Брегзит-хаос во Лондон

Блиц-Брегзит или долги преговори - нејасно е што сака Лондон и како напредуваат подготовките за излез од ЕУ.

„Дали не можеме да ги поедноставиме работите?“, прашува Мајкл Гоув во новоформираниот Брегзит-комитет во британскиот парламент. Службениците на Вајтхол само непотребно ги компликуваат работите, смета Гоув и затоа предлага еден вид „блиц-развод“ од ЕУ: „Што ако сакам едноставно да ја напуштам ЕУ, да го активирам Членот 50 и да склучувам само минимални договори за да можам да си заминам?“ Гоув е еден од водечките „брегзитовци“ и со својата иницијатива сака да стави крај на дебатата која предизвика возбуда во медиумите во изминатите денови за тоа дека британската влада фактички и стратешки нема план.

Дали брз Брегзит би бил решение?

Интерен документ на економски советници на консултантската фирма Делојт на почетокот на неделава се најде на насловните страници на британските медиуми. Експертите пишуваат дека недостигаат околу 30.000 службеници за да се подготват комплексните Брегзит-преговори и дека сѐ уште нема препознатлив план за натамошните чекори. Се зголемува притисокот врз премиерката да даде правец на преговорите кои треба да почнат во април 2017.

Мајкл Гоув сака едноставно да го пресече овој политички јазол. Тој смета дека не се потребни преодни решенија, дека земјата едноставно треба да се соочи со економските последици и да ги напушти внатрешниот пазар и царинската унија без заобиколување. Предлог кој, според владини службеници, не е идеален. Подобро е за разделбата и идните односи со ЕУ да се преговара паралелно, уверен е сер Сајмон Фрејзер.

Belgien Brüssel EU Gipfeltreffen Premierministerin Theresa May (picture-alliance/AP Images/A. Grant)

Тереза Меј тврди дека подготовките течат според предвиденото

Тој, инаку, и пред парламентарната комисија потврди дека владата сѐ уште бесцелно се врти во круг: „Сѐ уште сме во стадиум на прибирање информации и нема централен план.“ Владата сега би морала да вклучи „турбо“ доколку сака да го активира Членот 50 напролет: „Немаме постигнато доволно напредок, а времето притиска.“

Премиерката Тереза Меј, наспроти тоа, во текот на одговорите на пратенички прашања во парламентот, повтори дека и натаму нема да дава предвремени информации за целите на преговорите. Таа тврди дека сите подготовки течат според предвиденото и дека не може да се зборува за хаос во Лондон.

Борис останува Борис

Меѓутоа, нејзиниот министер за надворешни работи Борис Џонсон, кој постојано нешто прикажува, ја искористи дводневната средба со своите колеги во Брисел за повторно да посее збунетост околу позициите на неговата влада. Тој за еден чешки весник изјави дека смета оти Велика Британија ќе ја напушти царинската унија, но и натаму слободно ќе тргува на внатрешниот пазар. Освен тоа, повтори дека слободниот проток на лица нема никаква врска со внатрешниот пазар и дека тоа се „глупости“. Тоа му донесе опомена од Брегзит-преговарачот на Европскиот парламент, Ги Ферхофстат: „Одвај чекам да му го прочитам Членот 3 од Римските договори“, каде е опишана токму таа поврзаност, вели тој.

Холандскиот министер за финансии Јерон Дајселблум во разговор за Би-Би-Си додаде: „Тој (Џонсон) кажува работи кои се интелектуално невозможни и политички неостварливи. Мислам дека на Британците не им нуди фер претставување на она што е можно и остварливо во преговорите.“

Дајселблум, кој е и шеф на Еврогрупата, уште еднаш предупреди на опасноста од економските последици: „Ќе биде луз-луз ситуација, затоа најдобро е сите да си ги остават чувствата настрана и да се обидат да постигнат договор кој најмалку ќе им штети на двете страни.“

Во потрага по разумно решение

„Мора да се држиме до логиката дека ако го напуштиме патот на разумот, ќе мора да живееме со последиците“, опоменува Марија Дермецис од тинк-тенк организацијата Бругел во Брисел. Таа на Брегзит-хаосот гледа со иронија, зашто што и да се каже сега, со гаранција нема така и да излезе на крајот: „Прогнозите веќе немаат вредност“. Таа сепак опоменува на опасноста од блиц-Брегзит: „Како тоа еден политичар би им го продал на граѓаните е мистерија. Такво нешто навистина не треба да посакуваме, иако во меѓувреме може да се случи сѐ.“

Идеите на Гоув и Џонсон немаат многу врска со волјата на граѓаните. Во новото истражување на јавното мислење што го спроведе британскиот институт за социјални истражувања НетЦен, 90 проценти од испитаниците велат дека сакаат да останат во царинската унија и внатрешниот пазар, а дури 49% од Британците би биле подготвени повторно да се согласат со слобода на движење на работна сила доколку е тоа цената за пристап до пазарот на ЕУ.

DW.COM

Реклама