Брегзит: Трпението на Франција полека истекува | Свет | DW | 12.09.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Брегзит: Трпението на Франција полека истекува

Франција на Британците им покажа жолт картон во однос на одлагањето на рокот за Брегзит. Одговорноста за тоа што не дојде до договор за истапување е на Велика Британија. Париз сака да избегне ново пролонгирање.

Франција има јасен став. Париз, за разлика од Германија, веќе не остава простор за двоумење дека на Британците треба да им се даде уште време. Извори во Елисејската палата за ДВ велат: „Не, Претседателот воопшто не е застапник на идејата за пролонгирање на рокот.“ Оваа позиција може да стане вистински проблем. Бидејќи, ако Велика Британија на крајот сепак побара ново одлагање, ќе мора сите 27 земји членки да дадат зелено светло. Но, Франција засега ја има ставено ногата на кочница со што може да има одлучувачка улога во драмата со име Брегзит.

Макрон останува на „не“ - засега

Претседателот Макрон се спротивстави уште во март. Шефовите на држави и влади на европските земји со голема мака успеаја да постигнат компромис. Договорот гласеше - 31 октомври е крајниот рок за Британците. Париз не сака да дозволи поголема флексибилност во моментов: „Не можеме секои три месеци одново да се занимаваме со темата“, се пожали неодамна во интервју за радио Европа 1 францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан. Ставот е ист и нема промени, потврдија за ДВ и од министерството за надворешни работи. Сѐ треба да е подготвено за крајот на октомври, потврди и премиерот Едуард Филип.

Французите можеа да прочитаат на Инстаграм за најновата средба на министрите во врска со Брегзит. Франција, чии северни брегови ќе бидат границата на внатрешниот пазар на ЕУ по Брегзит, е подготвена за развод. Подготвени се и царинските станици. Прашањето е: Дали Франција ќе остане на оваа тврда линија, и покрај последиците, ризикувајќи го сценариото за истапување без договор?

UK Brexit l House of Lords - Britisches Oberhaus

За Французите не важи ставот дека Британците мора да останат по секоја ценa

Француската индустрија се загрева

Постои економски интерес да не се одложува предолго истапувањето на Велика Британија.Париз одамна има амбиции да стане конкуренција на Лондон како финансиски центар. Натамошно продолжување на рокот за Британците само ќе му отежне на финансискиот кварт Ла Дефенс да се искачи на првото место во Европа. Од референдумот Франција, поотворено од Германија, е ангажирана да го продаде Париз како нов европски центар. Приватната непрофитна организација Париз Јуроплејс, која го рекламира Париз како главен град на инвестициите, смета на околу 8000 нови работни места во финансиските кругови и индустријата, така што само во регионот Ил-Д-Франс се очекува да се преселат околу 20 илјади лица. Од 500 светски водечки компании, според студија на Јуроплејс, 31 веќе се француски, 29 германски и 24 британски. Такви цифри за регионот околу Париз секако не се репрезентативни за целата земја.

Повеќе:

Збогување на спикерот и криза на британскиот парламент

Што е следно во Брегзит-драмата?

Германско-француски разлики

Политикологот Кристијан Лукен од тинк-тенкот Центар за меѓународни студии на Високата школа Сајенсес По вели дека во Франција нема табуа околу тоа како земјата да профитира од Брегзитот. „За Французите не важи ставот дека Британците мора да останат по секоја цена". Во таа смисла, вели Лукен, Париз значително се разликува од Берлин. Севкупно за Франција германскиот став е премногу блед, оценува тој. А, времињата во кои германската канцеларка можеше без проблеми нејзините ставови да ги наметне на европско ниво, исто така се минато, смета Лукен. „Емануел Макрон е нетрпелив, бидејќи конечно сака крај на Европа со кризи. Тој сака да започне со реформите", вели политикологот од Париз.

EU Gipfel in Brüssel

Макрон во разговор со Меркел

Но, само заради желбата за реформи Британците да се избркаат предвремено од ЕУ? Реализација на таквото сценарио, и покрај сета француска нетрпеливост, според политичкиот аналитичар Муџтаба Рахман, кој главно е активен за Европската комисија, е исклучително неверојатна. Рахман предава на Лондонската школа за економија, како и на Сајенсес По во Париз. За него е јасно дека тврдата линија на Французите е дел од политичкиот бизнис, позиција за преговори за да се добие повеќе преговарачки простор во однос на Британците. Не може да се смета дека Емануел Макрон ќе остане хардлајнер во кругот на останатите 26 членки на ЕУ. Со тоа политички би се изолирал и би си ги намалил шансите за неговата цел долгорочно да ја замени Меркел на позицијата на силен европски лидер. “Француската позиција е понијансирана“, вели Рајман.

Тоа се чини го потврдуваат и изјави од дипломатски кругови од Елисејската палата во Брисел. „Продолжение само колку за да се продолжи роко,т не може да одобриме." Познавачи на француската позиција за ДВ велат дека сепак француската влада би можела да прифати продолжение на рокот доколку е резултат на нова политичка ориентација во Велика Британија. Според Рахман, Франција ќе биде цврста во преговорите, но главно околу тоа колку долго би требало да биде продолжението, а не дали треба да го има. „Сѐ друго би одело против францускиот претседател кој сака да се профилира со европска агенда,а не со тоа дека предвремено ќе ги исфрли Британците."