Брегзит: Топката е кај Британците | Свет | DW | 16.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Брегзит: Топката е кај Британците

Шефовите на држави или влади на ЕУ се единствени: сакаат договор со Велика Британија, но не по секоја цена. И, ќе преговараат и натаму. Топката е на британската половина, а времето истекува.

 Самитот почна со констатирање на состојбата во преговорите за Брегзит, но една изненадувачка порака на претседателската на Европската комисија предизвика застој – вработен во нејзината канцеларија е позитивен на коронавирус, па затоа таа мора веднаш во карантин. Со тоа заврши учеството на Урсула фон дер Лајен на овој самит. Уште пред самитот имаше стравувања дека личната средба на државниците би можела да биде последна средба со присуство во Брисел за долг период. Но, и на овој самит не пристигнаа сите. Полскиот премиер Матеуш Моравјецки остана дома, затоа што е се’ уште во карантин. Него го претставуваше чешкиот колега.

На самитот важат заострени хигиенски мерки. Тука, меѓу другото, се вбројуваат и помали делегации и забрана за влез на новинари во зградата каде што се заседава. Сепак, последниот случај во ЕК покажува дека не постои сигурност. Денеска шефовите на држави или влади повторно ќе се занимаваат со корона-кризата и ќе се обидат подобро да ги координираат своите мерки и да ги здружат ресурсите.

Би било лудо да нема договор...

Заклучоците за Брегзит беа договорени по куси консултации. Главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, треба да преговара и натаму, работата треба да се интензивира, а треба и засилено да се вршат подготовки во случај на неуспех на разговорите.

Шефовите на влади бараат од британскиот премиер да преземе „неопходни чекори за да се овозможи договор“.

Холанѓанецот Марк Руте е човек кој зборува јасно и вака го дефинираше проблемот: пандемијата ја втурна Европа во досега невидена рецесија и многу земји мораат да се борат против втор бран инфекции. Но, со оглед на економската криза и светската нестабилност, би било „лудо“ да не биде постигнат договор меѓу партнерите кои се отуѓени едни од други. Борис Џонсон пред една година во Даблин за непостигнувањето договор рече дека е тоа „потфрлање на државничката уметност“. Сега, според ЕУ, топката е на неговото поле.

Иако притисокот врз сите учесници се зголемува, во единството на ЕУ нема пукнатини на кои веројатно се надеваше Џонсон. „Сакаме договор со Велика Британија, но не по секоја цена“, повторија Ирецот Микаел Мартин, Италијанецот Џузепе Конте и други.

Главниот преговарач Барние и натаму ја има довербата на 27-темина и неговиот мандат останува нечепнат. „Остануваме солидарни, обединети сме силни“, изјави луксембуршкиот премиер Ксавиер Бетел. Надежта на британската страна дека земјите членки на ЕУ на крајот ќе се борат за сопствените интереси и ќе се поделат, досега не е остварена.

Belgien Brüssel | EU Gipfel | Merkel und Macron

Емануел Макрон и Ангела Меркел - демонстративно единство во настапот кон Велика Британија

ЕУ сака фер договор

Забелешките на канцеларката Меркел во минатото беа радо интерпретирани со претерување од британска страна. Секогаш имаше надеж дека Меркел во последна минута ќе ги спаси британските интереси. „Сакаме договор, но не по секоја цена. Тоа мора да биде фер договор, од кој ќе профитираат двете страни“, изјави сега канцеларката во Брисел.

Повеќе:

Самит на ЕУ за координација на анти-корона мерките

Брегзит: Повторно се од почеток?

Брегзит: Џонсоновата стратегија на хаос

Брегзит повторно во криза

Најголемиот отпор се очекува од страна на францускиот претседател. „Нема да има договор по секоја цена“, предупреди Емануел Макрон. И, ако работите тргнат наопаку, човек е подготвен и на такво нешто. Европската комисија веќе им има испратено на земјите членки над сто подготвителни мерки во случај на нужда и евентуален „ No-Deal“ на 1 јануари 2021 година. Макрон нагласи дека Брегзит не смее да доведе до „еколошки и социјален дампинг“ на границите на ЕУ и затоа мора да има фер договор со еднакви стандарди.

Делови од договорот се однесуваат на фер конкуренцијата. Притоа, меѓу другото, станува збор за државна помош за претпријатија и стандарди на производство. Решенија за различните интереси во меѓувреме има на масата за преговори. ЕУ-страната е уверена дека Борис Џонсон сега мора да ги направи неопходните компромиси и да се откаже од идејата за тотален законски суверенитет. ЕУ во тој дел бара робустен режим на надзор – обидот на Џонсон за уцена со т.н. закон за внатрешниот пазар, со кој би се повредил протоколот за Северна Ирска, доведе до големо губење на довербата.

На крајот – рибарите

И, на крајот, „во никој случај нашите рибари не смеат да станат жртви на Брегзит“, изјави Макрон. Судирот околу квотите во рибарството за Французинот е политички важен, зашто тој не може да биде претседател кој ги оставил на цедило рибарите во Бретања и Нормандија.

Со оглед на тоа што и Борис Џонсон ја наполни темата рибарство со политичка симболика, постигнувањето согласност ќе биде многу тешко. Мишел Барние веќе има некои можности за решенија, но рибата до последна минута ќе остане на масата за преговори. А, компромис може да има сосема на крајот.

ЕУ, всушност, како рок за преговорите за Брегзит го постави крајот на октомври. Но, со оглед на тоа што во моментов меѓу преговарачите има оддалеченост од „милји“ и мора да се преработат и да се постигне согласност за над 400 страници правен текст, познавачите на состојбите сметаат дека сето тоа може да трае подолго. Некои зборуваат за првата недела на ноември, други сакаат дури да остават и повеќе време. Јасно е дека ЕУ е решена да остане на преговарачката маса до крај. „Ние нема да станеме први“, велат дипломати во ЕУ.

Реклама