Брегзит- крај на глобализацијата? | Економија | DW | 29.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Брегзит- крај на глобализацијата?

Брегзитот е удар за поддржувачите на слободната трговија. Тој создава преседан и може негативно да влијае и врз луѓето во најсиромашните земји во светот.

Причините зошто Британците гласаа за заминување се многубројни, од незадоволство со бирократијата на ЕУ и кон политичкиот естаблишмент, па сѐ до стравот од имиграција. Но, погледнато од економски аспект, брегзитот го означува првото значајно повлекување од глобализацијата уште од Втората светска војна.
„За првпат една голема економија вели: Подобро ќе ни биде сами, и да донесуваме самостојни одлуки“, вели Хоми Карас, заменик директор на програмата Глобална економија и развој на Брукингс Институтот, тинк-тенк од Вашингтон, САД. „А тоа е шок за системот“.
Цели 70 години, глобализацијата беше промовирана како одговор на светските проблеми. Меѓународната трговија, протокот на капиталот и движењето на луѓето постепено се зголемуваше. Консензусот беше дека повеќе глобализација е подобра за сите- и богати и сиромашни.

Безброј студии и растечките средни класи во Кина и Индија го потврдуваат тоа. А Европа, со својот единствен пазар и слободно движење на луѓе беше „светлиот пример“ за овој тренд, вели Карас.

Добро за сите земји, но не и за луѓето

Но застапниците на глобализацијата вообичаено се фокусираат на големата приказна, не на индивидуите и нивните чувства. „Економистите секогаш велеа дека земјите профитираат од глобализацијата“, изјави Карас за ДВ. „И секогаш претпоставуваа дека политичките процеси во секоја земја ќе најдат начин да ги дистрибуираат тие придобовки“.

Па така, доколку една студија открие дека домаќинствата во САД заработуваат 10 илјади долари повеќе секоја година поради подлабоката интеграција со светската економија, тоа не кажува многу за начинот на кој е дистрибуирано богатството. Затоа што во поголемата слика, не е важно дали фабриките затвориле во еден дел од земјата, сѐ додека нови и подобри работни места се отворени во друг дел.

Homi Kharas

Хоми Карас

Страв од имиграција

Растечката нееднаквост придонесува кон незадоволството. На тоа треба да се додаде и стравот од имиграцијата, особено меѓу оние со слаби квалификации. Карас ова го нарекува „вториот клин кој ја пробива глобализација“. Но тој не верува дека бегалската политика на Германија ги насочила британските гласачи кон брегзит. „Би бил изненаден доколку храбрата одлука на канцеларката Меркел да ги прими бегалците во Германија имала големо влијание или улога“.

Неговиот аргумент: имиграцијата е проблем во Обединетото Кралство долго време. „Јас бев во ОК во доцните 1960-ти. Пред 50 години, се говореше за истите проблеми“. Се смени само националноста на имигрантите, од Јужна Азија и Западните Инди тогаш, до Полска, Унгарија и Романија денес.

Со намера или не, со Брегзит се прави опасен преседан. Уште повеќе поради сѐ посилниот анти-глобализациски сентимент. „Дури и пред брегзит, Преговорите во Доха на Светската трговска организација беа мртви, ТТИП се соочува со политички пречки, а мерките за микро-заштита се шират како летни глуварчиња“, смета Гери Клајд Хуфбауер, соработник на Петерсон Институтот за меѓународна економија.

Гледај видео 00:35

Брегзит: победникот и поразениот

Глобализацијата на стенд-бај

Доколку ваквиот тренд продолжи, сиромашните земји повторно ќе загубат, верува Карас. „Земјите во развој енормно профитираа од глобализацијата“, вели тој наведувајќи ги подобрите работни места, повисоките инвестиции и зголемениот фокус врз значењето на здравството и образованието. Доколку брегзитот резултира во светски тренд кон побавна глобализација „тоа ќе биде проблем за земјите во развој и за сиромашните луѓе во тие земји“, вели тој.

За него, решението е во менаџирањето на глобализацијата на таков начин што концептот нема да ја загуби поддршката на мнозинството во богатите земји. „Не ни е потребна побавна или побрза глобализација. Потребна ни е подобра глобализација“.

Подобра глобализација би значела подобар систем за распределба на придобивките. Иронијата е во тоа што голем дел од бирократијата на ЕУ во Брисел е убедена дека го прави токму тоа, со огромни програми за инфраструктура, индустрија, земјоделство и образование.

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама