Брегзит - битка за иднината | Свет | DW | 03.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Брегзит - битка за иднината

Британскиот премиер сака чист договор за слободна трговија и отстапување од ЕУ-регулативите. Брисел вели дека пристапот до внатрешниот европски пазар е врзан со тие регулативи. Наоѓањето заеднички именител се чини тешко.

По истапувањето на Велика Британија од ЕУ, премиерот Борис Џондон најрадо би го извадил зборот „Брегзит” од вокабуларот на Британците. Неговиот тим за преговорите во Брисел го прекрсти во „Taskforce EU" (Работна група ЕУ), министерството за Брегзит веќе не постои. Од граѓаните бара да гледаат напред. Но, тоа што ќе може да го видат во следните 11 месеци е борбата на преговарачката маса. По разијдувањето, сега се дефинираат идните релации меѓу ЕУ и Велика Британија, а фронтовите се веќе исцртани.

Трка со времето

Борис Џонсон не само што се заколна дека по ниедна цена нема да го продолжи преодниот период до крај на 2020, кога уште важи регулативата на ЕУ за Велика Британија, туку ветувањето го забетонира и во соодветен закон. Но, тоа е само гест кој во секое време би можел да го промени. Засега важи дека преговорите помеѓу британската „Taskforce'“ под водство на Дејвид Фрост и ЕУ под водство на Мишел Барние, се трка со времето.

Денеска Барние објави нацрт за својот преговарачки мандат, кој кон крајот на месецов треба да биде усвоен од земјите членки на ЕУ. Официјалните преговори ќе може да почнат дури во март, иако веќе има неформални разговори. Со тоа остануваат само 9 месеци до крајот на ноември за да се постигне договор, бидејќи во декември ќе треба да се ратификува и да се завршат формалностите. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, францускиот претседател Макрон и ирскиот премиер Лео Варадкар, како и други, предупредуваат дека времето е кнап.

Барање за продолжување на рокот мора да биде поднесено до јуни, па ќе се покаже дали Џонсон ќе го прекрши ветувањето.

Што сака ЕУ?

Мишел Барние ветува дека „ќе ги брани интересите на земјите членки во идните релации. Нашата перспектива е притоа Британците да останат наши трговски партнери, сојузници и пријатели. Мора да создадеме нова правна рамка за да го зацврстиме тоа пријателство и партнерството да го направиме функционално". Тоа е дипломатската формулација зад која се кријат очекувањата на ЕУ дека Велика Британија може од земја членка да стане конкурент кој не бира средства за да ги изигра Европејците. Канцеларката Меркел зимоска јасно предупреди од таа опасност.

ЕУ сака Британците да ги врзе што е можно повеќе на регулативите, ако за возврат сакаат слободен пристап до внатрешниот пазар без царини и пречки за нивните извозни продукти. Формулата гласи: колку повеќе прифаќање на ЕУ-правилата, толку поголем пристап до пазарот. Тоа важи за регулативата во социјалната сфера и заштитата животната средината, новите климатски правила и забраната за државна помош за компаниите. ЕУ таквото барање го сумира под поимот „level playing field“, односно терен за фер игра.

Истовремено, Брисел сака новиот договор да содржи санкции и во случај на спор, како последна правна инстанца да одлучува Европскиот суд. Вообичаено договорите за слободна трговија, како на пример со Канада или Јапонија, не содржат такви одредби кога едната страна ќе го прекрши договорот. ЕУ со „заострувањето” покажува какви ѝ се очекувањата во договорот со Кралството.

Повеќе:

Солзи за Британија

Брегзит: Како Голема Британија стана мала

„Госпоѓа Брегзит“ и „Господин Стоп за Брегзит“

Само мал договор за слободна трговија

Борис Џонсон неделава повторно ќе побара едноставен договор за слободна трговија, нешто слично како ЦЕТА помеѓу ЕУ и Канада. Ова може да биде направено како план за градба од готови делови. По овој пример, трговијата со стоки е такаречи бесцаринска, но ќе има гранични контроли. И услужните дејности кои им е се важен сектор на Британците – како осигурителни компании или финансиско-консултантски фирми – остануваат надвор. Зад тоа се крие желбата на британскиот премиер и неговите Брегзитери, колку што е можно повеќе да се оддалечат и ослободат од европските правила и да ѝ станат конкуренција на ЕУ преку дерегулација.

Brexit-Verhandlungen in BrüssselBarnier

Во кој правец да се оди? Преговарачот на ЕУ, Мишел Барние

Велика Британија исто така не сака да има никакво асоцијацирање со европските агенции за лекови, авиосообраќај и контрола на храна. Тие сакаат да формираат независни власти кои ќе работат врз база на „регулаторна соработка“ со ЕУ. Повторно ќе треба британските регулативи да бидат признаени како еквиваленти, што ја отвора вратата кон бесконечен конфликт.

Слично важи и за финансискиот центар - градот Лондон. Пристапот до големиот европски пазар мора посебно да биде испреговаран, според таканаречените критериуми за еквивалентност. Освен тоа, Европејците може да одлучуваат од случај до случај, до каде ќе ги сметаат за еквивалентни британскиите пазарни закони. И, едно дадено одобрение може да биде повлечено во секое време. Градот Лондон сепак придонесува со 10% во британскиот буџет – неговиот пристап кон европските пазари ќе биде разнишан.

Британското министерство за финансии пресмета дека економијата на земјата со овој пост-Брегзит план во следните 15 години ќе се намали за речиси 5%. И Централната банка на Англија (Bank of England) предупреди дека договорот на Борис Џонсон ќе ѝ наштети на британската економија. Според нивните пресметки, брутодомашниот доход до крајот на 2022 ќе се намали за дваесет милијарди фунти. Сѐ уште е неизвесно како и дали овие предупредувања од сопствените економисти ќе се рефлектираат во британската преговарачка стратегија. Единствено е јасно дека Лондон ќе го одбие договорот, во кој Европскиот суд на правдата би одлучувал за идните спорови. Тоа е црвената линија за Борис Џонсон. Претстои уште една горчлива борба за компромиси.

Гледај видео 02:20

Збогум за Велика Британија со песна и солзи

Кој е посилен?

Мантрата на Европејците отсекогаш гласеше дека Брегзит ќе им наштети на двете страни, но на Британците повеќе отколку на ЕУ. Тие извезуваат околу 6% од нивните добра на островот, но Велика Британија продава 47% од своите производи во Европа. Европејците за време на преговорите беа во подобра позиција, вели Марија Деметризис од економскиот институт Бругел, затоа што беа 27 земји против една.

Според неа, малопродажбата наскоро ќе биде тешка тема: „Ќе има ли царини или не? Како ќе се одвива размената на стока и услуги? Но, надвор од тоа постои огромна дискусија за хомогеноста на правилата и одредбите. Велика Британија сака да отстапи од тоа бидејќи тоа е една и од причините за излез од Унијата. Тие велат, ЕУ правилата се премногу рестриктивни. Но, колку далеку би се оддалечиле, за тоа мора да се преговара."

Од друга страна, членките на ЕУ имаат различни интереси, така што нема да биде лесно да постигнат единствен став во втората Брегзит-рунда. Чуствителни теми како рибарството може да предизвикаат дополнителни кавги. На крајот од годината може исто така да воскресне сеништето на тврдиот Брегзит без договор меѓу двете страни. Како и да е, ова ќе биде возбудлива година за сите инволвирани.

Реклама