Бран апсења во армијата на Венецуела | Свет | DW | 06.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бран апсења во армијата на Венецуела

Дали армијата почнува да му откажува послушност на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро? Воените сили важат за клучен фактор во крвавиот конфликт меѓу социјалистот Мадуро и опозицијата.

Лидерот на венецуелската опозиција Енрике Каприлес тврди дека 85 армиски офицери се уапсени поради тоа што ги критикувале постапките на владата против народот. „Во воените сили има незадоволство“, изјави Каприлес во главниот град на Венецуела, Каракас. Тој додаде дека треба да се постигне армискиот врв да му заврти грб на претседателот Мадуро.

Гувернерот на сојузната држава Миранда, кој истовремено е и еден од лидерите на уличните протести во Венецуела, нагласи дека информациите ги добил директно од армијата со молба да ги објави. „Информиран сум дека има уште апсења, главно во пешадијата, пред сѐ на млади офицери“, изјави 44-годишниот Каприлес, кој на изборите во 2013 година загуби тесно од Мадуро.

Во крвавите судири меѓу безбедносните сили и демонстрантите во Венецуела од почетокот на април досега загинаа најмалку 38 лица, а повредени се повеќе од 800. Опозицијата го обвинува Мадуро за тешката политичка и економска криза во земјата која има најголеми нафтени резерви на светот. Опозицијата се бори за нови избори и го обвинува Мадуро дека ја претвора земјата во диктатура. За денеска е закажан марш на жените во Венецуела.

Venezuela Militär (Getty Images/AFP/F. Parra)

Не е јасно како ќе се однесуваат безбедносните сили доколку состојбата во земјата ескалира натаму

Безбедносните сили важат за клучен фактор во конфликтот. Мадуро се обиде да ја зацврсти својата власт во редовите на армијата и полицијата. Од една страна припадниците на безбедносните сили добиваат финансиски додатоци, а од друга страна - од вкупно 32-ца министри, дури 11 се припадници на армијата. Сето тоа создава лојалност кон претседателот.

Како ќе се однесуваат безбедносните сили доколку состојбата во земјата ескалира натаму, не е јасно. Франсин Жакоми, политиколог од Венецуела, за агенцијата ДПА оценува: „Токму во редовите на средните по ранг офицери одамна владее големо незадоволство. Кон тоа придонесуваат и корупцијата за која се обвинуваат високите офицери, како и обвинувањата за нивна вклученост во трговија со дрога.“

 

DW.COM

Реклама