1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бразил (сепак) го положи испитот

Јан Д. Валтер / Симе Недевски30 јуни 2013

Со мечот за третото место и со финалето Бразил-Шпанија денеска завршува фудбалскиот Куп на федерации. И покрај уличните протести и некои организациски проблеми, Бразил е подготвен за Мундијалот во наредната година.

https://p.dw.com/p/18yiC
Фотографија: Jasper Juinen/Getty Images

„Организациски гледано Бразил генералната проба ја одработи повеќе од добро. Конфедерацискиот куп се исплатеше во потполност“, заклучува Оливер Зајтц. Овој Бразилец со германско потекло е фудбалски менаџер и поранешен шеф на маркетингот на бразилскиот професионален клуб Кортиба ФЦ. Иако и тој признава дека не течело се' како подмачкано, сепак подобро е што проблемите се појавиле сега отколку на Светското првенство наредната година.

Решенија во последен момент

Притоа листата на забелешки на сметка на организаторите е навистина долга: репрезентацијата на Уругвај се пожали дека нивниот терен за тренинг е под вода. И Италијанците беа ограничени со фактот дека од организациски причини не можеа да тренираат онолку колку што имаа намера. Друг проблем е транспортот во бразилските градови кој е секогаш на работ на колапс. „Имаше и гледачи кои ми се пожалија дека и до 5 часа патувале до стадионот. Новинарите се пожалија на тоа оти безжичниот интернет во прес-центарот не функционирал“, вели Зајтц и укажува на навиката на своите сонародници се' да завршуваат во последен момент. Маркетинг стручњакот е добро запознаен со организациските слабости на Бразилците. Но до наредната година се' ќе се среди.
„Мислам дека ги препознавме проблемите и оти сега приоритет ќе биде нивното решавање“, оптимистичен е Зајтц. Во поглед на Светското првенство од Зајтц уште порелаксиран е Мартин Цури, германски новинар кој со години живее во Бразил. Него го чудат скептичните написи во меѓународниот печат и не му е јасно зошто толку се сомневаат во организациските способности на Бразилците. „Бразил секоја година перфектно го организира најголемиот карневал на светот. Тука беше и Папата, а редовно се одржуваат и масовни манифестации, и се' поминува во најдобар ред. Навистина не знам зошто владее толкава скепса кога е во прашање Светското првенство“, вели Цури.

Не е проблем доброто расположение, туку организацијата

Германскиот новинар е и автор на книгата за фасцинацијата на Бразилците со фудбалот. И на Конфедерацискиот куп не доживеал никакви поголеми проблеми. „Се’ беше во ред. Само по некоја ситница: ѕидовите не беа до крај измалтерисани или некој тоалет не работеше. Но тогаш веднаш беа донесени преносливи тоалети и се' беше во ред“, вели Цури. Тој воочува и интересни разлики меѓу атмоферата пред Светското првенство во Германија во 2006. и во Бразил 2014.
„Во Германија никој не се грижеше околу организацијата или сигурноста туку повеќе за тоа каква ќе биде атмосферата во ладната Германија. На крајот се' испадна супер. Во Бразил е обратно: тука никој не стравува дека расположението може да биде лошо туку дека се' нема да биде организирано на време“, забележува Цури. На атмосферата единствено може да и‘ наштети фактот дека најстрасните навивачи нема да стигнат до стадионот бидејќи влезниците се едноставно прескапи. Но на улиците сигурно нема да недостига добро фудбалско расположение.

Насилство надвор од стадионите

Но двата стручњаци признаваат дека би можело да има сигурносни проблеми, но не на стадионите туку околу нив. Протестите кои веќе со недели го потресуваат Бразил покажаа имено дека на тамошната полиција не и' успева да примени тактика на деескалација. Мартин Цури и сам бил сведок на потполно неоправдан напад на полицијата врз една мирна поворка која протестирала.
„За неколку секунди полицијата со напад на солзавец успеа мирната атмосфера да ја претвори во насилен хаос“, вели Цури. Но не само во текот на најновите протести туку и за време на поранешните натпревари со висок ризик за време на бразилското првенство, полицијата, како што смета Оливер Зајтц, не придонесла за смирување на ситуацијата. Такви сцени би можеле да се повторат и за време на ризичните средби како онаа меѓу Бразил и Уругвај кога емоциите достигнуваат до точка на вриење.

epa03761697 Brazil's David Luiz (C-R) fouls Uruguay's Diego Godin (C) in the penalty box causing a penalty for Uruguay during the FIFA Confederations Cup 2013 semi final soccer match between Brazil and Uruguay at Mineirao Stadium in Belo Horizonte, Brazil, 26 June 2013. EPA/PETER POWELL
Фотографија: picture-alliance/dpa
Proteste in Brasilien
Фотографија: picture-alliance/dpa