Бразил нема се’ завршено, но е подготвен | Теми | DW | 12.06.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Теми

Бразил нема се’ завршено, но е подготвен

Ниту еден од градовите на годинашното Светско фудбалско првенство ги нема завршено сите проекти. Освен стадионите, малку други работи се завршени. Сепак, луѓето ќе имаат забава, бидејќи Бразилците се подготвени за СП.

„Бразил на фудбалскиот терен е една работа. Бразил на страна од теренот е друга работа“, им забележа Фаусто Силва на Бразилците. „Фаустао“ секоја недела, веќе 25 години, води тричасовна пладневна емисија „Домингао“. Неколку дена пред отворањето на Светското фудбалско првенство тој ја искористи својата емисија за да изнесе критики против политиката на владата.

Истовремено тој ги повика своите сограѓани да не го изразуваат гневот од неа врз очекуваните 600.000 странски фанови: „Шампионатот за образование, здравство и против предрасудите мораме да го освоиме во октомври!“ Тогаш Бразилците избираат нов состав на Парламентот и Владата.

Страв од губење на лицето

Гневот за кој зборува шоуменот Фаустао се однесува на трошоците во милијарди евра на владата за проектите поврзани со Светското фудбалско првенство. Пред една година, при одржувањето на Купот на конфедерациите во Бразил, избија немири, кои беа поттикнати од страна на политички групи. Во меѓувреме на тоа се надодаде и стравот од губење на лицето.

Fußball WM 2014 Brasilien Stadien Porto Alegre Beira Rio

Стадионот и неговата околина во Порто Алегре се завршени, ама не и повеќе од тоа

Кога во 2007 година ФИФА го изгласа Бразил како домаќин на првенството, лудите по фудбал Бразилци паднаа во колективен делириум. Ним не им е само до спортот. Многумина во ова видоа голема можност на светот да му се покаже дека Бразил е нешто повеќе од само фудбал и самба. Но, петкратниот светски шампион оваа шанса ја пропушти, смета Роберто Ривелињо, освојувачот на светскиот шампионат во 1970 година со бразилскиот тим.

„Проблеми секогаш ќе има, ама кога се трошат пари, би требало барем се да биде готово. Имавме седум години“, забележува Ривелињо.

Ниту еден град од Светското првенство не е спремен

Буквално на неколку дена пред почетокот на Светското фудбалско првенство можеа да се видат градежни работници во акција во Сао Паоло, Куритба или Порто Алегре. За Светското првенство требаше да се прошират 13 аеродроми, а досега работите се завршени само во главниот град Бразилија.

Во Форталеса за време на првенството нема да сообраќа трамвајот меѓу пристанишниот кварт и стадионот, тој во Кујаба се очекува да биде пуштен во употреба најрано во 2015 година, а изградбата на трасата во Бразилија повторно е запрена на неодредено време, пред таа вистински и да почне.

Brasilien Rio De Janeiro Verkehrschaos

Сообраќајниот хаос во Рио де Женеиро е секојдневие

Во секој град-домаќин на Светското првенство има сообраќајни проекти чија реализација е одложена или едноставно се сосема извадени од планирањето за првенството. Така е и во Порто Алегре, каде освен стадионот и неговата директна околина, ништо друго не е изградено. Значи, тоа се инфраструктурни проекти со кои владата се рекламира како „Наследник на Светското првенство“. Фрустрацијата произлегува од тоа што трошоците, споредено со првичното планирање, се зголемија деветпати – сега изнесуваат речиси десет милијарди евра.

Веројатно сето ова најмалку директно ќе го почувствуваат туристите. Поврзаност со стадионите има, како и со аеродромите – барем провизорна подготвеност за справување со напливот од туристи има.