Бразил колабира пред коронавирусот | Свет | DW | 12.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Бразил колабира пред коронавирусот

Над 4000 починати од корона во 24 часа. Ова е трагичниот рекорд во Бразил. Овој број ќе продолжи да расте и во следните недели, проценува инфектологот Давид Суфиате од Рио де Жанеиро во интервју за ДВ.

ДВ: Дали пандемијата во Бразил е надвор од контрола?

Давид Суфиате: Тешко е да се дефинира што значи контрола врз една ситуација во контекст на пандемија. Но, факт е дека имаме преоптовареност на севкупниот здравствен систем – од приватните клиники до државните болници. Ситуацијата е многу сериозна. Болницата Фиокруз веќе цел месец е постојано исполнета, понекогаш и над максимумот. А постојано доаѓаат нови пациенти на интензивна нега - кога ќе отпуштиме некој, или ако некој почине. Не може да се каже дека во моментов е полошо, бидејќи вака сме преоптоварени веќе три недели.

Постарите луѓе се веќе вакцинирани. На која возраст се пациентите кои сега доаѓаат во клиниките?

На одделот за интензивна нега во болницата Фиокруз, со кој јас раководам од пред неколку дена веќе немаме пациенти над 80 години. Тоа јасно покажува каква улога има вакцинацијата во однос на пандемијата. Во моментов претежно се погодени помладите, бидејќи нема соодветни политички мерки со кои тие би се спречиле да излегуваат од дома, со што се изложени на вирусот. Како последица на тоа тие се разболуваат.

Гледај видео 01:16

Ковид-19 во Бразил: Плажите полни, болниците преполни

Кои старосни групи се најпогодени во моментов?

Во најголем дел помеѓу 30 и 70 години. Да бидам попрецизен, сега најмногу се погодени оние на возраст меѓу 40 и 60 години, кај кои се развива најтешка форма на болеста и најчесто завршуваат на интензивна нега.

Се промени ли вирусот?

Јасно е дека во моментов има мутации кои се позаразни. При секвенционирање на наодите во болницата Фиокруз утврдивме дека 90% од актуелните пациенти ја имаат мутацијата П1. Вирусот се промени и сега полесно се пренесува. Дали тоа придонесува и за развивање на потешка форма на болеста е тешко да се каже во моментов.

Повеќе:

-Зошто сојот Р.1 на коронавирусот е толку опасен?

-Ја губи ли Бразил контролата врз пандемијата?

-Бразил – лабораторија за тестирање вакцини против коронавирус

Првичните анализи покажуваат дека тој со сигурност се шири побрзо, со што повеќе луѓе се заразуваат. Така пак статистички гледано се зголемува и бројот на оние кои може да развијат тешка форма на болеста. Дали причина за тоа е мутацијата на вирусот сѐ уште не можеме да кажеме. Мора да се направат анализи за тоа.

Дали помладите луѓе лежат подолго на интензивна нега?

Помладите пациенти имаат повеќе резерви и, на пример, подолго трае процесот додека да им откажат сите органи. Подолго време издржуваат, ако може така да се каже, што значи и подолго лежат на интензивна нега.

BG - Brasilien - Coronavirus - Infektions- und Todeszahlen steigen weiter an

Стапката на смртност е висока

Од што имате најмногу дефицит на интензивна нега?

Најмногу ни недостасува обучен персонал за работа на интензивна нега. Не ни недостасуваат лекови и апарати. Но, има многу доктори кои не можат да се навикнат да работат на интензивна и тука е клучната разлика.Тоа важи и за другите оддели - за физијатрите, негувателите и сите останати. И една година од почетокот на пандемијата сѐ уште има голем недостаток од персонал.

Но, многу кои работат во здравствениот сектор се веќе преморени.

Поради оваа причина многу колеги лекари се откажаа од работа на интензивна нега. Не сакаат повеќе ништо да чујат за Ковид. Навистина е драматично.

Што може владата да стори за вас?

Мора да ги вакцинира луѓето! Да се вложат сите политички и финансиски напори да се спроведе масовна вакцинација. Неодамна во еден ден починаа 4100 луѓе. Со вакцинација ќе се промени сегашната ситуација во Бразил.

Владата рече дека нема да воведе карантин. Сметате ли дека локдаун е неоходен?

Апсолутно да и без двоумење. Градот Арараквара во Бразил е добар пример за тоа.  Таму има локдаун и во моментов нема ниту еден смртен случај! Потребни ни се соодветни мерки. Недозволиво е 700 пациенти да починат поради тоа што се на листата на чекање за кревет на интензивна нега. Едноставно не можеме да си ја извршуваме работата.

Brasilien | Coronavirus | Jair Bolsonaro

Лекарите бараат да се вложат сите политички и финансиски напори да се спроведе масовна вакцинација (фото: претседателот на Бразил Жаир Болсонаро)

Со вакцинацијата нема да спречиме ширење на заразата, но ќе се спречи многу луѓе да се заразат истовремено. Со карантин се спречува движењето на луѓето и можноста за контакти. Премногу се дебатираше на темава. Сега веќе 14 месеци по пандемијата не сакам повеќе да објаснувам дали локдаунот помага. Апсолутно помага и е корисна мерка. Но, ќе мора да разговараме и за една друга тема. Како владата ќе може да спречи луѓето да не гладуваат? Повеќе од 20 милиони Бразилци во моментов живеат под границата на сиромаштија. Тоа е многу загрижувачко.

Забележувате ли дека се повеќе сиромашни луѓе се разболуваат?

Да, тоа е така кај сите заразни болести. Колку некој е подобро ситуиран, толку е побезбеден. Богатите луѓе може да останат дома, имаат доволно пари да си го дозволат тоа. Не мора да одат на работа за да преживеат.

Како некој кој е во првите борбени редови ви недостасува ли поддршката од владата?

Јас како лекар и инфектолог во првата борбена линија сум многу обесхрабрен. Тажни сме од ова што го гледаме - дека народот не ѝ е приоритет на владата и дека не се приоризира она што е неопходно. Тоа е поразително.

Нема ли простор за повеќе надеж сега, откако на чело на Министерството за здравство е лекар?

Кога би си ја работел работата како што треба, секако има надеж. Но, сите знаеме дека на вакви позиции политичките обврски се над компетентноста на личноста. Можам само да се надевам дека актуелниот министер ќе има слобода да го спроведе она што мора да се направи. И се надевам дека нема да стане марионета на лични политички интереси.

Дел од експертите очекуваат зголемување на бројот на починати од корона. Дали сте песимист или оптимист по ова прашање?

Мислам дека уште два до три месеци ќе мора да сметаме на висока стапка на смртност, така што може да очекуваме и до 5000 или 6000 починати на ден.

Во таков случај ќе имаме распад на системот. Следи ли колапс?

Не, нема допрва да дојде, бидејќи веќе подолго време имаме колапс. Сега сме среде колапс и тој ќе продолжи.

Инфектологот Давид Суфиате работи во првите борбени редови против пандемијата во неколку болници во Рио де Жанеиро.