Бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ - добитничка или губитничка стратегија? | Македонија | DW | 08.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ - добитничка или губитничка стратегија?

Единствен пат за ВМРО-ДПМНЕ е суштинско ребрендирање на нејзиниот политички производ, бидејќи овој што сега го нуди на 'пазарот', луѓето повеќе не го купуваат“, оценува комуниколот Петар Арсовски.

 Синоќа, пред почетокот на оперската претстава „Набуко“, дел од присутните во публиката во Македонската опера и балет станаа и почнаа да скандираат „Игор Дурловски, Игор Дурловски“... Извикувањето на името на оперскиот пејач, кој е еден од 36-те лица осомничени за настаните во парламентот од 27-ми април, не ги покрена сите во салата. Другите останаа во седат, стрпливо почекаа да заврши скандирањето, по што оперската претстава започна без натамошни попречувања.

Ова е последен во низата „перформанси“ кои имаат за цел да остават впечаток на спонтани протести, а всушност се дел од договорена, но не и јавно обелодонета стратегија на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за широк и „тивок“ бојкот. Како што дознава ДВ од партиски извори, „тоа е договорена партиска тактика и стратегија: секој ден некаде да се манифестира народен отпор против 'хунтата на Заев'“. Целта била на разни нивоа и во разни ситуации да се изразува протест против притворањето на нивни пратеници и други учесници осомничени за насилствата од 27-ми април, но да се остави впечаток на спонтаност, а не на партиска директива.

Повеќе на темата:

-Наследникот на Груевски ќе се избира од „старата гарда“?

-Додека на Груевски не му се стемни, на ВМРО-ДПМНЕ нема да ѝ се раздени

-Патриотски измислици

Политички фолклор

Ваквата политика не ги изненадува аналитичарите. „Тоа е дел од општиот театар“, коментира комункологот Петар Арсовски.

„Белким не очекуваме дека ВМРО-ДПМНЕ ќе сака да се самораспушти и тивко да замине во историјата. Очекувано е дека ќе прават драма и тоа е тој класичен политички фолклор. Но, ако им се 'одземе' фолклорот и хистеријата, остануваме соочени со еден комплексен општествен процес, но правно, релативно чист. Бидејќи, во ниедна од нивните драми не видовме некој да ги побие доказите за осомничените. Тоа е една губитничка стратегија. Се додека протестираат во однос на несоборливи докази, тие ќе губат рејтинг. Луѓето не можат да ги заборават снимките од парламентот на 27-ми април. Гледаат кој отворал врати, кој тепал, кој кршел... Не постои начин ВМРО-ДПМНЕ со блокада и бојкот да стане повторно политички симпатична. Единствен пат за ВМРО-ДПМНЕ е суштинско ребрендирање на нејзиниот политички производ, бидејќи овој што сега го нуди на 'пазарот', луѓето повеќе не го купуваат“, оценува Арсовски. 

Petar Arsovski (Petar Arsovski)

Петар Арсовски

Бранови на бојкот

Во ВМРО-ДПМНЕ не се расположени јавно да зборуваат каде ги води ваквата стратегија. Нејзините пратеници десетина дена не учествуваат активно во работата на парламентот и во собраниските комисии. Велат дека нема одлука за целосно напуштање на работата на парламентот, бидејќи не сакаат да и направат „услуга“ на власта. Но, иако официјално нема таква одлука, де факто тие не се присутни во работата на Собранието. Токму поради ваквите состојби, претседателот Талат Џафери потпиша овластување со кое назначи нов претседавач на Комисијата за финасирање и буџет, тело чија работа неколку дена беше закочена поради отсуството на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија не се изјаснуваат за следните чекори. Велат дека „сите опции се во игра“, но засега е видлива само една иста: тивок и неформален бојкот на Собранието, на собраниските тела, на седниците на општинските совети и протести (сличен на оној во МОБ), кои би требало да бидат доживеани како „народни“, а не партиски. Најпрво советниците на ВМРО-ДПМНЕ во општина Вевчани си поднесоа оставки, по што во другите општини следуваше бран на напуштање и бојкот на седниците. На 5-ти декември тоа го стори советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во општината Ѓорче Петров. Откако ја испеаја химната на Македонија, ја напуштија седницата со став дека тоа е чин на „солидарност со уставобранителите“, како што ги нарекоа осомничените за „крвавиот четврток“. Исти постапки следеа во Куманово и Берово, а вчера и во Гевгелија, каде советниците заминаа оставајќи на нивните столчиња пораки „Слобода за нашите браќа и сестри Македонци“. Во градот на текстилот, Штип, советниците на ВМРО-ДПМНЕ се појавија на седница со маички на кои пишува „И јас сум терорист“ и по кусото скандирање „Македонија, Македонија...“ ја напуштија седницата.

Од лидерот ќе зависи

До кога ќе трае ваквиот бојкот? Високи извори од партијата. кои признаваат дека „сепак, сите не се среќни со ваквите потези“, велат дека се ќе зависи од тоа која личност ќе ја добие довербата да биде нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Дали некој што ќе ги продолжи политиките на Груевски кои ја доведоа партијата во лоша позиција и на домашен и на меѓународен план, или некој што ќе направи дисконтинуитет со неа и преку нови политики ќе го крене нејзиниот рејтинг. Во која насока ќе се движат работите, делумно ќе се знае по седницата на Централниот комитет, на која се очекува да биде констатирана оставката на Никола Груевски и да се потврди одлуката за одржување вонреден Конгрес на партијата, на 23-ти декември. Доколку тоа биде потврдено, се очекува на тој датум над 500 делегати да гласаат за нов лидер на партијата. Во јавноста се шпекулира со неколку имиња, но од партијата не исклучуваат дека се можни и изненадувања. Забуна создава и честото повторување на фразата „доколку ЦК ја прифати оставката на Груевски“, но од партијата велат дека по тоа прашање не би требало да има дилеми.

DW.COM

Реклама