Босна на „сивата листа“ на европски банки | Економија | DW | 26.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Босна на „сивата листа“ на европски банки

Босна и Херцеговина не се наоѓа на „црната“, туку на „сивата“ листа на ЕУ, соопшти Советот на министри на БиХ. Разлика има, но таа не е утешна.

Банкарскиот сектор на Босна и Херцеговина се најде во незавидна ситуација откако оваа земја во ЕУ е окарактеризирана како држава со стратешки недостатоци во областа на спречувањето перење пари ифинансирање на тероризмот.БиХ, како што објави Здружението на банки на БиХ, е означена како „земја која е закана за финансискиот сектор на ЕУ“, поради што е ставена на т.н. „црна листа“ на Унијата. Одбивање извршување трансакции иницирани од банките во БиХ, забавен или оневозможен прилив на капитал од ЕУ, како и забавени или оневозможени трансакции на дипломатските и стопански претставништва на БиХ во Еу се само некои од проблемите во пракса на кои предупредуваат од Здружението на банки на БиХ.

Бившиот гувернер на Централната банка на БиХ и декан на Економскиот факултет во Сараево, Кемал Козариќ смета дека БиХ со својата комплицирана структура „понекогаш самата себе си ја отежнува позицијата“, зашто не ги почитува преземените обврски. „Ова е сериозно предупредување од страна на ЕУ. Беше ветено дека до крајот на годината ќе бидат извршени исправки во ентитетските закони. Во Република Српска тоа е Законот за кривична постапка, а во Федерацијата БиХ Законот за регистар на хартии од вредност. За разлика од ЕУ, во БиХ имаме децентрализирана супервизија од атипичен модел над системски важните банки, две ентитетски агенции за банкарство, министерства за финанции на различни нивоа,  Централна банка на БиХ и ентитетски закони. Таквата комплицирана структура ја отежнува ситуацијата во финансискиот сектор, односно го отежнува спречувањето перење пари и финансирање на тероризмот. Банките се во незавидна ситуација и сигурно трансакциите од странство или оние од БиХ ќе имаат специјален третман со дополнителни проверки, што би можело да го поскапи и да го забави трансферот на пари. На крајот, ќе страдаат клиентите, граѓаните на БиХ. Мислам дека надлежните сепак ќе ги исполнат преземените обврски и БиХ ќе биде симната од црната листа“, изјави Козариќ за БХ радио 1. 

Zentralbank Bosnien Kemal Kozaric (Samir Huseinovic)

Бившиот гувернер на Централната банка на БиХ Кемал Козариќ

Проблемот останува, без оглед на демантот

Советот на министри на БиХ во меѓувреме ја демантира информацијата според која БиХ се наоѓа на „црната листа“ на ЕУ. „Должни сме да ја известиме јавноста дека оваа информација е невистинита и дека БиХ се наоѓа на 'сивата листа', што претставува значајна разлика“, се вели во соопштението.

„Да се биде на сивата листа, од страна на Меѓународната група за финансиски мерки против перењето пари и финансирањето тероризам подразбира третман на БиХ  како ризична земја“, вели за Дојче веле економскиот аналитичар Адмир Чавалиќ. „Актуелните реформи одат во правец на симнување на БиХ од оваа листа, како што направи претходно Комитетот на експерти на Советот на Европа за спречување на перењето пари и финансирање на терористички активности. Разликата меѓу 'сива' и 'црна' листа е во ризичноста на одделни земји и само екстремни случаи стигнуваат на т.н 'црна' листа. БиХ навистина е далеку од тоа и извесно е дека нема да стигне на 'црната' листа, каде покрај другите се наоѓа Северна Кореја“, вели Чавалиќ.

Bosnien Herzegowina Admir Čavalić (privat)

Економскиот аналитичар Адмир Чавалиќ

Не охрабрува ни „сивата“ листа

Според Чавлиќ, и „сивата“ листа е доволна причина за критика против носителите на реформски процеси, односно Советот на министри и ентитетските влади. „Апсолутно е нејасно зошто овој проблем не се решава веќе две години и кој е виновен за него. Почетната претпоставка е дека станува збор за класично неработење на работните групи кои се целно формирани за спроведување реформи во областа на усогласување на финансиската регулатива. Од другастрана, можно е да постојат и некои специјални интереси кои намерно го блокираат усвојувањето на одредени регулативи, посебно оние кои се однесуваат на сузбивање на можностите за перење пари“, истакнува нашиот соговорник. 

Чавалиќ потсетува на тоа дека меѓународните организации со години инсистираат на ускладување на законодавството и прописите во БиХ. „Во контекст на заканите од глобалниот тероризам, ова е навистина актуелно прашање во целата ЕУ, очекувано е БиХ да трпи притисоци и од ММФ и ЕУ заради усогласување и унапредување на законската регулатива“, вели Чавалиќ. Тој предупредува дека поради нерешените прашања во финансискиот и банкарскиот сектор ќе трпи и босанската економија, односно граѓаните, зашто забавувањето и потенцијалното блокирање на финансиските токови ќе го влоѓи имиџот на државата и ќе го намали потенцијалот на странски инвестиции.

 

DW.COM

Реклама