Босански државјанин уапсен за поврзаност со теророт во Батаклан | Свет | DW | 27.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Босански државјанин уапсен за поврзаност со теророт во Батаклан

Повеќе од три и пол години по терористичките напади во Париз, во германската покраина Саксонија-Анхалт е уапсено лице осомничено за нападот. Станува збор за државјанин на БиХ по кого беше распишана европска потерница.

Терористичките напади во француската престолнина во ноември 2015 година го шокираа светот. Терористите на Исламска држава меѓу другото извршија и вистински масакр во концертната сала Батаклан. Сега во Германија е уапсено лице осомничено за поврзаност со масакрот. Специјалните единици на германската сојузна криминалистичка полиција го привеле 39-годишниот државјанин на Босна и Херцеговина уште минатиот четврток во местото Бад Диренберг, во близина на Лајпциг. Кратка вест за тоа дури денеска пренесе германската новинска агенција ДПА. Сојузната криминалистичка полиција ја потврди информацијата на својот Твитер-профил.

Се наведува дека по осомничениот бил распишан европски налог за апсење од страна на Белгија поради „поддршка'“ на терористичката организација која ги извела нападите во Париз пред повеќе од три и пол години. Тој сега се наоѓа во истражен затвор, но сѐ уште не е донесена одлука дали ќе ѝ биде израчен на Белгија.

Медиумите во Босна и Херцеговина во меѓувреме го објавија името на уапсениот- Адис Абас. Според нив, тој бил уапсен, благодарение на соработката на германските власти со разузнувачко-безбедносната агенција на БиХ (ОБА). 

 

Повеќе:

-Стинг со концерт го отвора Батаклан

-Вервиер - жариште на француско-белгискиот терор

-Парижаните му пркосат на теророт

Во ноември 2015 година терористите на Исламска држава во Париз убија 130 луѓе, а ранија 683 во серија бомбашки напади и вооружени масакри на повеќе места во францускиот главен град. Најстрашен меѓу нив беше вооружениот напад со автоматски пушки врз концертната сала Батаклан. Сржта на терористичката група, која ги изведе нападите, ја сочинуваа белгиски и француски државјани, кои претходно се  бореле во редовите на Исламска држава во Сирија, а во Европа се вратиле како бегалци.

На германските безбедносни органи осомничениот државјанин на Босна и Херцеговина им го привлекол вниманието во рамките на друга истрага за прекршување на законите за контрола на военото вооружување. Но, полицијата з сега кај осомничениот нема пронајдено оружје или други забранети материјали, соопшти покраинското јавно обвинителство во Дрезден.

DW.COM

Реклама