Борис Џонсон - со лаги до врвот | Свет | DW | 22.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Борис Џонсон - со лаги до врвот

Што да се очекува од, веројатно, идниот британски премиер Борис Џонсон? Нашиот новинар Џим Гибонс добро го познава од времето кога заедно работеле како дописници од Брисел: Лагите му го поплочија патот до Даунинг стрит.

Многумина велат дека Борис Џонсон има два лика: неспособниот народен човек обожуван од фановите во Велика Британија и нервозниот лажго со болна амбиција. Ниедниот од нив не се појавуваше често на дневните брифинзи на Европската Комисија низ годините кога двајцата бевме дописници од Брисел.

Џонсон не беше заинтересиран за финесите на ЕУ-политиката и се трудеше да остане под радарот на неговиот шеф во Дејли Телеграф, Макс Хејстингс. Тврдеше дека пејџерите на белгискиот оператор Белгаком не работат, што не беше точно; работеа, на моја голема жал; моите клиенти секогаш ме добиваа, без разлика што правев.

Но можеби Џонсон ги избегнуваше дневните брифинзи и собирите на новинарскиот кор во Брисел едноставно затоа што ретко кој европски комесар сакаше да разговара со него. Го гледаа како извор на негативни - и често измислени - приказни и како некој кој би можел (намерно) погрешно да ги цитира доколку се согласат на разговор.

Тој не е ни првиот ни единствен автор на она што подоцна беше наречено „евромитови“. Многу бриселски дописници го привлекуваа вниманието на своите уредници трчајќи по евроскептични приказни - вистински и измислени. 

Додека Џон Мејџор беше британски премиер, во британското МНР беше воспоставена неофицијална „Борисова единица“ само за да ги демантираат неговите налудничави тврдења. Меѓу нив и онаа дека ЕУ ги принудува рибарите да носат мрежи за коса, или пак дека Европската Комисија планира да изгради 3.000 метри висока „Вавилонска кула“ каде ќе бидат сместени ЕУ-институциите. Ми тврдат дека сѐ уште постојат луѓе во Конзервативната партија кои веруваат дека тоа е вистина, иако, никогаш не било. Портпарол на една пратеничка група во Европскиот парламент во тоа време признаваше дека ретко го гледа Борис. Законодавните активности и бројните комисии на парламентот беа пребавни за да го интересираат, па едноставно ги игнорираше.

Претепување кое не се случи

Колегите го знаеја Борис како некој кој е секогаш подготвен да прифати пијалок, но ретко подготвен да викне рунда. Борис никогаш не зборуваше за текстовите кои ги планира и секогаш ја заклучуваше вратата од канцеларијата. Дел од задачите беше и покривање на европската и белгиската политика, но Борис не се заморуваше премногу - често знаеше да ги праша колегите што се случува, а потоа да објави текст и да ги цитира истите колеги како „извори од ЕУ“.

England Brexit Londoner Demo gegen Boris Johnson mit einer aufblasbaren Puppe (picture-alliance/NurPhoto/W. Szymanowicz)

Најпозната лага на Џонсон: Британија и плаќа 350 милиони фунти неделно на ЕУ!

Но, Борис знаеше и да помогне, на пример, на стариот школски другар Дариус Гапи (британско-ирански бизнисмен вплеткан во скандали со осигурување), кому му ја даде адресата на новинарот на весникот „Њуз оф д Ворлд“, Стјуарт Колиер, кој ги истражуваше активностите на Гапи. Го стори тоа, и покрај тоа што знаеше дека Гапи планира да го претепа Колиер, иако Гапи го уверил дека новинарот ќе помине само со „две модрици под очите и скршено ребро“. Тепањето сепак не се случи, но Колиер сѐ уште чека извинување. Гапи подоцна заврши во затвор поради измама, а Џонсон помина со укор од својот уредник.

Живееме во близина, но во различни светови. Борис заврши на Итон, а јас во локална гимназија за граматика. Јас имав изнајмено еднокреветен стан, додека тој живееше во вила на четири ката.
Борис го минуваше времето избегнувајќи ги повиците од Дејли Телеграф, додека измислуваше приказни за европската супер-држава која ги искористува чесните британски работници. Еднаш за Би-Би-Си изјави дека тоа било како „фрлање камен преку оградата од дворот и слушање на неверојатен лом на стакларникот во соседната куќа, Англија“.

Несреќна трага

Неговите блиски се сомневаа дека минал од новинарство во политика. Доколку стане премиер можеби ќе увидат дека избегнувањето и измислувањето без размислување не „палат“ во Даунинг Стрит 10, седиштето на британската влада, како што палеа во британското дописништво на Дејли Телеграф.

Еден бивш колега го опиша како гениј за кампањи кој всушност не верува во Брегзит. Така некако остава несреќни траги насекаде, на пример и меѓу бројните жени во својот компликуван љубовен живот.

Последниот пат кога беше во Европскиот парламент како градоначалник на Лондон, преминуваше преку застаклениот мост меѓу двете згради токму покрај Ширин Вилер, новинарка на Би-Би-Си, инаку негова снаа, која правеше интервју. „Добро утро Ширин“, ѝ порача, прекинувајќи ја во работата. Ширин веднаш се сврте кон прозорецот. „Само сакам да проверам дека навистина е добро утро“, му одговори таа, „затоа што ти си таков лажго Борисе“.
Лагите му го поплочија патот до Бројот 10, убедувајќи многумина дека ЕУ е лоша за Британија. Доколку продолжи така да лаже, тоа брзо ќе му го поплочи патот надвор.

DW.COM

Реклама