Борис Џонсон пред последната пречка кон врвот | Свет | DW | 20.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Борис Џонсон пред последната пречка кон врвот

Поранешниот шеф на дипломатијата кој беше најгласен застапник на Брегзит е пред победа на последните две партиски гласања, по што ќе ја замени Тереза Меј на чело на британските конзервативци, но и на владата.

И покрај серијата скандали од минатото и критиките за неговото однесување, Џонсон доминира во трката на конзервативците за нов партиски лидер, откако Тереза Меј ја најави својата оставка во мај годинава поради неуспехот да го спроведе до крај процесот на напуштање на ЕУ. Во последните три гласања на пратениците на Конзервативната партија, Џонсон постојано го зголемуваше бројот на гласови на своето конто, од првичните 114 на првото гласање на 13 јуни, на 143 во средата.

Денеска се очекуваат уште две гласања. После секое гласање испаѓа кандидатот кој имал најмал број гласови.

На крајот, околу 16 илјади членови на Конзервативната партија ќе го изберат својот лидер од преостанатите двајца кандидати. Според обложувалниците, Џонсон е убедлив фаворит. На второ место засега е министерот за надворешни работи Џереми Хант, а зад него се министерот за животна средина Мајкл Гов и министерот за внатрешни работи Саџид Џавид.

Џонсон вети дека Британија ќе ја напушти ЕУ на 31 октомври, со или без договор. Од ЕУ во повеќе наврати повторија дека немаат намера повторно да преговараат за разводот, а британскиот парламент веќе изгласа дека нема да поддржи напуштање на ЕУ без договор. Џонсон досега не се изјаснил како ќе го реши овој проблем.

Премиерот Џонсон

Подемот на Александер Борис де Фефел Џонсон, кој е на чекор до врвот во петтата економија во светот, е еден од најголемите пресврти во неговата кариера во која се испреплетуваа скандали и афери. Роден во Њујорк, САД, Џонсон образованието го добил на Итон - најпрестижното британско училиште, а потоа и на Балиол колеџот во Оксфорд. Кариерата ја започнал како консултант за менаџмент во градот Лондон, но ја напуштил позицијата по една недела. Потоа продолжува со новинарство, но е отпуштен од Тајмс поради измислување лажни цитати. Новинарската кариера ја продолжува во Дејли Телеграф за кој, како дописник од Брисел, редовно ја критикува ЕУ со, честопати, лажни извештаи.

England Außenminister Jeremy Hunt (Getty Images/L. Neal)

Шефот на дипломатијата Џереми Хант е најголем ривал на Џонсон за функцијата

Откако влегува во политиката, избркан е од Конзервативната партија затоа што лажел за вонбрачна врска. Но успева да ги преживее сите скандали и гафови, за на двапати да биде избран за градоначалник на Лондон, од 2008 до 2016.

Во 2016 година стана најголем застапник на Брегзит кампањата по која земјата мораше да ја напушти ЕУ.

Обидот уште тогаш да го замени Дејвид Камерон на премиерската функција пропадна, откако Мајкл Гов во последен момент му ја откажа поддршката во партијата. Откако Меј стана премиер, таа предизвика констернација во европските главни градови откако го именуваше Џонсон за шеф на дипломатијата. Тој поднесе оставка на функцијата во 2018 незадоволен поради начинот на Меј се справуваше со Брегзит.

„Мораме да ја напуштиме ЕУ на 31 октомври, со или без договор, за да започнеме со обединување на нашата земја, да ја вратиме довербата во нашата политика и да се оддалечиме од Брегзит за да се фокусираме на добробитта за сите“, изјави Џонсон во вторникот.

 

DW.COM

Реклама