Борис Трајковски: Претседателот кој и недостига на Македонија | Северна Македонија | DW | 26.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Борис Трајковски: Претседателот кој и недостига на Македонија

Потсетување од нашата архива: Во оваа криза страшно недостасува толеранцијата што ја промовираше Трајковски и грижата за интересите на државата, а не за сопствениот рејтинг, укажуваат неговите поранешни соработници.

Беше 26-ти февруари, рано утро, кога граѓаните на Република Македонија ги разбуди страшната вест: „Исчезна авионот со кој патува македонскиот претседател Борис Трајковски“. Претседателот и осумчлената делегација на 26 февруари 2004 не стигнаа на Меѓународна конференција во Мостар. Неизвесноста и потрагата по авионот која траеше речиси два дена, ја донесе кобната вест од котата 524: „Нема преживеани во авионската несреќа“.

Дванесет години подоцна, по многу сомнежи и завршени истраги околу причините на несреќата, нема дилеми само за едно прашање: значењето и улогата на Борис Трајковски (1999 - 2004) за мирот и интеграцијата во Република Македонија. Во првите две години од мандатот, Трајковски успеа да надмине два хендикепа: првиот, скромното политичко искуство со кое стапи на функцијата, и вториот, кој се профилираше подоцна - отсуството на поддршка од неговата партија ВМРО -ДПМНЕ за битните политички проекти. Граѓаните го паметат како „народен човек“, искрен и непосреден, го паметат по приврзаноста кон неговиот струмички дијалект, по „иминиите“ (обувки) кои му ги изработуваа по нарачка заради големиот број (47), но најмногу по заложбите за заедништво и разбирање меѓу луѓето.

Сепак, најавтентичните сведоштва за Трајковски ги имаат неговите најблиски соработници, кои поминаа многу работни часови со него, во еден прилично турбулентен период за Македонија.

„Претседателот Борис Трајковски беше татко на нацијата, не само на хартија“, вели Никола Димитров, негов поранешен советник за национална безбедност.

„Имаше извонредно чувство за државниот интерес и доблест и интегритет државата да ја стави пред партијата, без разлика што тоа често водеше кон партиска изолација и политички судир. Не се плашеше да ја говори вистината и да оди по вистинскиот пат, без разлика на штетата по својот рејтинг. Не се плашеше да преземе одговорност во една од најтешките години за нацијата. 'Македонија живее во мир и се движи кон членство во европското семјство, само затоа што претседателот Борис Трајковски беше таму кога и требаше на својата земја', рече лордот Робертсон“, потсетува Димитров.

Разби многу стеротипи

Иако многумина се обидоа да ја наметнат тезата дека станал „признат“ по авионската несреќа, денес сите се согласни дека Трајковски својот претседателски габарит го потврди во најтешката - 2001 година, кога ги вложи сите напори да ја акцентира потребата од мир, дијалог и заедништво, како најсилно оружје за стивнување на конфликтот и неразбирањето.

„Трајковски беше атипичен политичар по неколку линии“, вели Стево Пендаровски, негов поранешен советник за надворешна и безбедносна политика.

„Беше верник кој доцна влезе во политиката и имам впечаток дека до крајот на животот се чувствуваше поудобно во храмовите, отколку во парламентот. Факт е дека прв ги премина етничките граници на избори и прв почна да ги поздравува собирите на албански во етнички мешаните средини, наспроти жестоката канонада и од неговите, и од другите. Прв на отворена сцена се спротивстави на својот партиски лидер за стратегиски прашања, што и ден-денес е мислена именка за неговите наследници. Беше посветен протестант, а не пропушташе прилика да ја афирмира МПЦ и во Русија и во Србија и во Бугарија“, потенцира Пендаровски.

„Не кради, не лажи, почитувај го секого подеднакво... Тоа беа принципите од кои се раководеше Борис“, се потсетува неговиот личен пријател и поранешен советник за внатрешна политика, Душко Кадиевски.

„Кога беше избран на функцијата претседател, рече дека ќе биде претседател на сите граѓани без разлика дали гласале за него или не, без разлика на верската, етничката или партиската припадност. И целосно го потврди тоа.

Беше прв претседател што го разби стеротипот дека политичарот треба да биде строг, во костум, и да го има само на телевизија. Прв 'се симна' на нивите меѓу земјоделците, на пазарите меѓу продавачите... Како верник имаше огромна почит кон сите конфесии. Прв влезе и во џамија и во синагога. Не беше кабинетски човек. Седеше и во меани и чајџилници и разговараше со луѓето. Ја направи политиката блиска и разбирлива за граѓаните“, раскажува Кадиевски.

Boris Trajkovski Mazedonien

Но, клучниот придонес го има во најтешките моменти за Македонија.

„Влегуваше во тешки разговори. Благодарение на него, конфликтната 2001 заврши со договор и мир. Имаше противници и во матичната партија и во СДСМ. Но, беше упорен. Успеа да ги приближи кон себе и меѓу себе, и во 2001 ја направи големата коалиција“, потсетува Кадиевски.

Уверен е дека токму како резултат на неговата искреност, непосредност и дарба за комуникација, подеднакво создал многу пријатели и меѓу „обичните луѓе“ и меѓу врвните светски политичари.

„Неговите официјалните средби со светските политичари никогаш не завршуваа според времето одредено според протоколот. Бев сведок кога по завршувањето на многу официјални средби, на пример со Буш или со Путин, со задоволство беше покануван да остане уште. А тие дополнителни средби траеја и по три часа“, се потсетува Кадиевски.

Доказ за меѓународната почит што ја стекна Трајковски, не беа само над 50-те светски делегации кои присуствуваа на неговото последно испраќање. И денес не изостануваат пораки од светски политичари кои потсетуваат дека трајното и највредно наследство што Трајковски и го остави на Македонија не е само Охридскиот договор, туку и неговите политики кои повикуваа на моралност и алтруизам, на разбирање, дијалог, љубов и простување.

Што стана со тестаментот?

Што се случи со тој тестамент на Трајковски? Дали наследниците на вториот македонски претседател имаат политички габарит да „влезат“ во неговите големи обувки и да го следат неговиот чекор?

Beerdigung von Boris Trajkovski in Mazedonien

„Македонија нема претседател со таков светоглед“, дециден е Кадиевски.

Што недостига?

„Во оваа криза страшно ни недостасува неговата толеранција и почит за соговорникот, неговото гледање години нанапред наместо грчевито држење за фотелјата, грижата за интересите на државата, а не за сопствениот рејтинг и интересите на фамилијата. Накусо, прерано изгубивме човек кој со еднаква леснотија разговараше и со ВМРО-ДМПНЕ и СДСМ, и политичар во чиј мандат ја имавме веројатно најдобрата кохабитација во историјата на независна Македонија“, уверен е Пендаровски.

Пред да биде избран за претседател, Трајковски беше заменик-министер за надворешни работи, и задолжен за координација на активностите во време кога Македонија се соочи со огромна бегалска криза и на своја територија прими 360.000 лица од Косово. Дванаесет години подоцна, Македонија повторно е соочена со предизвиците на друга бегалска криза, но уште повеќе со домашната политичка и правна криза.

„Денес повторно имаме предизвик од епски пропорции“, нотира Никола Димитров.

„Државата е во партиски канџи до таа мера, што без надворешна помош не можеме да организираме но слободни избори. Свесните граѓани го бранат Уставот, ја бранат честа, здравјето и надежта на нацијата од Уставниот суд, институција што на хартија е столбот на уставниот поредок. Видовме дека Уставниот суд е толку (не)доблесен колку што се (не)доблесни (мнозинството од) луѓето кои го сочинуваат. Државните институции се такви какви што се луѓето кои ги извршуваат функциите. Денес ни треба повторно интегритетот на претседателот Трајковски. Со таков претседател, немаше да има дилеми дека институцијата ќе беше на страната на правдата, на вистинската страна на историјата“, констатира Димитров.

Реклама