Борба против теророт: Израел како пример за углед? | Свет | DW | 24.11.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Борба против теророт: Израел како пример за углед?

Израел честопати беше критикуван поради антитерористичките мерки што ги применува. Сега, по нападите во Париз, некои израелски безбедносни експерти сметаат дека Европа треба да учи од нив. Со право?

Атмосферата во Ерусалим е напната уште од пред нападите на Палестинци со ножеви против Израелци во изминатите два месеца. Секој може за час да стане сомнителен. Речиси е рутина да се биде буден секогаш и насекаде како резултат на долгото искуство. На влез во супермаркет, во кино или музеј се отвораат чантите за преглед, се врши лична контрола на посетителите од страна на обезбедувањето, посебно внимание им се обрнува на кеси или чанти оставени без надзор, се набљудува можно сомнително однесување.

Во Израел на многумина им е јасно дека нема стопроцентна безбедност. „Ако некој ме нападне со нож, немам како да му се спротивставам. Имам целосна доверба во нашите безбедносни служби, но такво нешто не може да се спречи“, вели еден минувач во центарот на градот.

Ronen Bergman

Ронен Бергман критикува дека тајните служби во Франција потфрлиле

Не е слушнат алармот за будење?

Терористичките напади во Париз, покрај сочувство, предизвикаа и дебати за тоа како европските држави се однесуваат кон исламскиот терор. Израелските безбедносни експерти критикуваат дека потфрлиле тајните служби во Европа, првенствено во Франција. „Нападот врз ’Шарли Ебдо‘ всушност мораше да биде аларм-будилник за француската тајна служба“, вели Ронен Бергман, новинар на весникот „Једиот Ахронот“, упатен во работата на тајните служби. „Од израелски, француски и американски извори слушнав мрачен опис на она, што француската тајна служба пропуштила да го спроведе по нападите во јануари“. Притоа, вели Бергман, било јасно дека нови напади биле само прашање на време.

На политичката сцена остра критика на Европа и’ упатуваат главно од десниот табор. Владее мислење дека ЕУ никогаш не го разбра вистински проблемот на Блискиот Исток. Премиерот Бенјамин Нетанјаху го споредува сегашниот бран на насилства во Израел со нападите во Париз: „Време е светот да го осуди тероризмот во Израел на ист начин како во Франција или на друго место во светот“.

Porträt - Shlomo Brom

Шломо Бром препорачува целна соработка на тајните служби

Различни терористички закани

Но, безбедносните експерти се согласни дека не се можни такви едноставни споредби, оти ситуацијата е премногу различна. „Тероризмот што сега го имаме овде во Израел е нешто различно од она што се случува во Европа“, вели Шломо Бром од Институтот за безбедност во Тел Авив. „Таму станува збор за терористички напади планирани и изведени од ќелии кои се идентификуваат со Исламската држава или Ал Каеда“. Во Израел, пак, нападите што се вршат сега се дела на фрустрирани сторители-поединци. Поради тоа не може едноставно да се споредуваат тие две состојби, смета Бром.

Израел како окупациона сила во палестинските подрачја има сосем други можности за сузбивање на теророт и насилството, вели и Ави Примор, поранешен израелски амбасадор во Германија. „Оние, кои се борат против Израел, во голем дел се луѓе кои сакаат да и’ се стави крај на окупацијата и да настане една палестинска држава. Сето тоа нема никаква врска со сегашната состојба во Европа. Но, сузбивањето на теророт – се’ едно која и да е причината за него – е и техничка работа. А во непосредното сузбивање на теророт сигурно може нешто да се учи од Израел“, вели Примор.

Israel Sicherheit beim Freitagsgebet in Jerusalem

Израелски полицајци ги набљудуваат улиците во Ерусалим

Подобра соработка

Во областа на безбедносната соработка може да се учи едни од други, смета експертот Шломо Бром: „Можна е размена на искуства од примена на различни техники на тајните служби – на пример, како да се извлечат информации од социјалните мрежи, сите тие видови на нови извори, со кои денес се занимаваат тајните служби“. Размена на искуства, според Бром, е можна и во однос на граничните и на контролите што се прават на аеродромите.

Но, токму методи како „етник профајлинг“ се спорни. Профилирање на сомнителни врз основа на име или на изглед, не ретко оние кои се изложени на испитување и претрес го доживуваат како чисто шиканирање. На аеродромот во Тел Авив од тоа се засегнати во прв ред арапски патници. Некои патници веднаш по пристигнувањето ги упатуваат во споредна просторија на испитување и на некои потоа воопшто не им се дозволува да влезат во Израел. „Профајлингот е спорен, но не постои друг пат. Може само да се направи таа процедура да не биде понижувачка за оние, кои мораат да се подложат на контрола“, нагласува Шломо Бром.

Реклама