Борба за сексуалните права во Грција | Свет | DW | 27.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Борба за сексуалните права во Грција

Во Солун првпат и познати грчки политичари се изјаснија во прилог на правата на ЛГБТИ-заедницата. Но, за неа дискриминацијата и натаму претставува секојдневие, без оглед на поддршката од проминентни личности.

Море од знамиња во боите на виножитото во Солун: преку 15.000 луѓе на викендот учествуваа на шестата геј-Парада на гордоста, со која ЛГБТИ-заедницата (кратенка за лезбејки, геј мажи, бисексуални, трансродни, вклучувајќи ги и трансексуалните и queer личности) сакаше да им даде поддршка на хомосексуалците.

„На почетокот имаше големи протести, но во меѓувреме најголем дел од луѓето се навикна на нас“, вели Танос Влахојанис, еден од организаторите. Тоа не важи за сите: оваа година во масата се вмеша една жена, кревајќи го високо во воздух византиското знаме, кое во Грција е симбол за ултраортодоксна и националистичка ориентацоја. „Овие луѓе не знаат вистински да сакаат. Тие живеат во грев“, извика таа, додека истовремено на една бина се одржуваше политички митинг. Меѓу говорниците беа и Јанис Бутарис, актуелниот градоначалник на Солун, и Тасос Куракис, прв заменик-претседател на грчкиот парламент.

„На богосложбите се осудува хомосексуалноста“

Тоа што грчки проминентни политичари јавно се залагаат за сексуалната разноликост, е новина во земјата во која христијанската православна црква има силно влијание врз политиката. Само пред три години еден црковен великодостојник изјавуваше дека во Солун нема хомосексуалци и сите учесници на Геј-парадата се стигнати од Атина. „За време на богослужбите со омраза се осудуваше хомосексуалноста и дури се вршеше поттикнување на луѓето на насилство“, критикува 37-годишната активистка од ЛГБТИ-заедницата и наставничка, Филипа Диаманти.

Но, ситуацијата во целост е видно подобрена, по стапувањето на власт на владата на Сириза во 2015. година. „Премиерот Алексис Ципрас неодамна за магазинот за геј-мажи, 'Антивирус', даде интервју, што претставува мала револуција“.

Но, секојдневието на припадниците на ЛГБТИ-заедницата на работното место и во семејството често носи печат на дискриминација и дури и насилство. „Мораме да вршиме едукација, првенствено во училиштата, да разговараме со учениците околу сексуалниот идентитет, да ги преработиме учебниците и да го обучиме педагошкиот персонал“, вели наставничката.

 

Griechenland Thessaloniki Gay Pride Parade (DW/F.Schmitz)

Солунскиот градоначалник Јанис Бутарис во поддршка на ЛГТБ-заедницата

„Моите клиенти често се чувствуваат како затвореници“

Градоначалникот Јанис Бутарис од почетокот ја поддржуваше геј-парадата. Тој отиде дури дотаму, да се фотографира гол за еден магазин, објаснувајќи дека манифестацијата Парада на гордоста е добивка за Солун и привлекува во градот туристи од цел Балкан и од Турција. „Наша обврска е признавањето на демократско општество, на разноликоста“, истакна тој. Освен тоа, Парадата носи и економски предности: „Во суштина, таа е една од најголемите манифестации во северна Грција. Хотелите се полни, сопствениците на ресторани се радуваат на бројните гости.“

Но, секојдневието сѐуште претставува борба, вели психијатарот Ставрос Буфидис, кој првенствено работи со клиенти од ЛГБТИ-заедницата: „Посебно на дискриминација во обичниот живот се изложени транс-луѓето, мораат да стравуваат од насилни напади.“

Општеството уште ни оддалеку не е подготвено да ја прифати разноликоста во сексуалниот идентитет. Токму во од економската криза разнишаната Грција, во која социјалните врски првенствено се компензираат преку семејството, за припадниците на ЛГБТИ-заедницата, реализирањето на нивниот сексуален идентитет претставува опасно одење по жица.

„Често моите пациенти се чувствуваат како затвореници. Тие немаат никаква контрола над ситуацијата и имаат впечаток дека се оставени сами, што може да води кон тешки депресии и други психички заболувања, кои во екстремни случаи завршуваат и со самоубиство“, објаснува психијатарот.

Геј-парадата во Солун на засегнатите им покажува дека не се сами, ниту болни, ги мотивира луѓето да го прифатат својот сексуален идентитет: „Во првите години некои набљудуваа само од далеку. Потоа приоѓаа поблиску и во меѓувреме танцуваат заедно со другите“.

Griechenland Thessaloniki Gay Pride Parade (DW/F.Schmitz)

Еднакви права за сите, бараат учесниците на Геј-парадата

Поддршка на Геј-парадата од хетеросексуалци

„Пред нас е уште долг пат, но поддршката меѓу населението забележливо расте“, вели организаторот на Парадата, Танос Влахојанис. Позитивно се одвива и соработката со полицијата, која во Грција е позната по своите хомофобни ставови. Танос Влахојанис го радува и нешто друго: во поддршка на Парадата на гордоста стигнаа и бројни хетеросексуалци, сфаќајќи дека не станува збор само за сексуалност, туку за човекови права.

Една 39-годишна мајка од Солун ги повела и своите две деца на геј-Парадата. „Важно е децата да растат без предрасуди“, истакнува таа. „Можеби некое од моите сопствени деца некогаш ќе се најде во ваква ситуација, а тогаш би сакала да наиде на отворено општество.“ Поинакво е мислењето на еден 19-годишен студент. Неговата пријателка ја поддржува манифестацијата, но нему му пречи глетката и би ги држел децата подалеку.

Грчката ЛГБТИ-заедница и натаму се надева на поддршката од политиката и општеството, за конечно да најде свое место во православно-христијанскиот светоглед на својата земја.

 

Реклама