Борба за власта во Каракас | Свет | DW | 24.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Борба за власта во Каракас

Хуан Гуаидо, претседател на парламентот на Венецуела, се самопрогласи за шеф на државата. САД и бројни други земји го поддржуваат. Но претседателот Мадуро и натаму може да смета на поддршката од моќната армија.

Политичката криза во Венецуела дополнително се заостри, со тоа што младиот спикер на парламентот, единствената институција под контрола на опозицијата, се осмели да влезе во отворена борба за власт со претседателот Николас Мадуро. Хуан Гуаидо, пред илјадници приврзеници кои излегоа на протест на улиците на Каракас, ја прогласи социјалистичката власт на чело со Мадуро за обезвластена и се прогласи себеси за преоден шеф на државата.

Минути подоцна американскиот претседател Доналд Трамп го призна лидерот на опозицијата како легитимен привремен претседател. „Американската влада го повика Мадуро мирно да ја предаде власта и во спротивно се закани со тешки последици. Сите опции се на маса“, изјави Доналд Трамп. Американскиот претседател побара од останатите влади на Западот исто така да го признаат Гуаидо за привремен претседател. Канада веќе го стори тоа. 

Поддршка за Гуаидо од Јужна Америка

Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск изрази надеж дека цела Европа ќе ги поддржи демократските сили во Венецуела. Туск на Твитер напиша дека парламентот на Венецуела, вклучително и Хуан Гуаидо, има демократски мандат од граѓаните. Извори блиски на Елисејската палата соопштија дека француските власти ќе се консултираат со европските партнери пред да го изнесат ставот за ситуацијата во Венецуела.

Повеќе:

-Мадуро нареди ревидирање на односите со САД

-Венецуела на најдобар пат до вонредна состојба

-Драматични мерки во Венецуела

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини пак повика во Венецуела да се одржат слободни избори и му вети поддршка на демократски избраниот парламент.

И неколку земји од Јужна Америка, Бразил, Перу, Парагвај и Колумбија исто така го признаа Гуаидо за преоден претседател на Венецуела.

Војската е адут на Мадуро

Шефот на државата Мадуро веднаш реагираше и нареди прекин на дипломатските односи со САД. „Империјалистичката американска влада сака да постави марионетска влада во Венецуела“, обвини Мадуро. Американскиот дипломатски персонал мора да ја напушти земјата во рок од 72 часа.

На Мадуро му останува еден адут: моќната војска, чии генерали се наоѓаат на важни позиции во земјата, изнемоштена од корупција и сиромаштија. Тие го контролираат нафтениот бизнис, увозот на храна, банките и рударските компании. Министерот за одбрана, Владимир Падрино, му искажа поддршка на Мадуро.

„Војниците на татковината не прифаќаат претседател кој е поставен од мрачни сили и незаконски се самопрогласува за шеф на државата“, напиша Падрино на Твитер. „Вооружените сили го бранат нашиот устав и се гарант за нашиот национален суверенитет", порача министерот.

Апел за дијалог

Мадуро доби поддршка и од Русија и од Турција. Руското министерство за надворешни работи ги критикуваше западните земји поради поддршката на Хуан Гуаидо истакнувајќи дека своеволно и спротивно на меѓународното право сакаат да издејствуваат промена на власта во Венецуела. Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу предупреди од хаос во Венецуела, каде има еден легитимен претседател и самопрогласен претседател, кого го поддржуваат некои земји.

Инаку ситуацијата во Каракас и во другите градови во земјата зоврива со оглед дека и приврзаниците и противниците на Мадуро излегуваат на улиците. Според наводите на невладините организации, од вторникот во насилствата во земјата загинале 13 луѓе.

Генералниот секретар на ОН, Антониот Гутереш апелираше за дијалог во земјата за да се избегне катастрофа.

DW.COM

Реклама