Борба за аеродроми и за патници | Економија | DW | 15.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Борба за аеродроми и за патници

Незапирливо продолжува експанзијата на нискобуџетните авиокомпании. Попуштаат и последните аеродроми каде досега немаше нискобуџетни авиопревозници.

Нискобуџетните компании предизвикуваат придвижувања на целокупниот авиопревознички пазар. Двата најголеми меѓу нив, огранокот на Луфтханза, Еуровингс и ирскиот Рајанер, оваа година значително го зголемија бројот на летови и дестинации. Но, се шират и други, како унгарскиот Виз Ер, кој ја прошири својата понуда во Германија за речиси една четвртина. Со оглед што одредиштата во Европа и околу Медитерантот се прилично добро покриени, сѐ поголем број од овие авиопревозници летаат и на интерконтинентални дестинации според мотото на нивната основна деловна политика: No frills, никаков додатен комфор, значи - само она најосновното.

Кога станува збор за германските аеродроми, ова лето ќе паднат и последните бастиони на „обичните“ авиокомпании. Тоа беше на пример Франкфурт, каде уделот на нискотарифни авиопревозници е одвај четири проценти, но сега Рајанер таму стационира два свои авиона, наспроти големиот бес на „домаќинот“ на тој аеродром, германска Луфтханза. Нејзините менаџери се лутат поради ниските цени на билетите со кои се фали дојденецот на Фрапорт, но истовремено коваат планови за својот Еуровингс, кој во Франкфурт доаѓа ова лето.

Рајанер против Луфтханза

Досега немаше многу поволни летови ниту на аеродромот во Минхен, но таму токму Еуровингс ова лето ќе постави четири авиони, кои ќе опслужуваат околу 30 дестинации. И Минхен всушност прво го „откри“ конкуренцијата, француската Трансавиа, огранок на Ер Франс, но и таму сега почнува битка за патници. 

Тука се и авионите на пропаднатиот превозник Ер Берлин, некои од нив ќе бидат поставени на аеродромите во Виена и Палма де Мајорка. Како што известуваат од Луфтханза, флотата на Еуровингс до крајот на годината ќе нарасне на 114 авиони, а следната година ќе биде интегриран и белгискиот огранок на Брисел Ерлајн. Флотата тогаш ќе има вкупно 160 авиони. 

Рајанер веќе сега се фали дека е авиокомпанија со најголем број превезени патници во Европа, а исто така ја шири својата и без тоа голема флота од 372 авиони. Рајанер е сѐ поприсутен и на германските аеродроми, од каде лани леташе на приближно 190 одредишта, а оваа година - на 245. Тоа значи 2.000 летови неделно од и кон Германија. Иако се шири и на други аеродроми, посебно на мали, регионални аеродроми, каде потоа Рајанер ги диктира условите на летање, најголема надеж се базите во Берлин, Нирнберг и Хамбург. На берлинскиот аеродром Шенефелд планира да се прошири и Изи Џет, кој досега главно беше претпазлив на германскиот пазар.  

Друга лига, но исти правила

Многу од овие авиопревозници веќе летаат или имаат амбиции и за прекуокеански летови, но тука брзо престануваат предностите во цената на билетите според начинот на нивно пресметување.

„Авионот не може да се користи уште поинтензивно отколку што обично се користи“, објаснува експертот за авиотранспорт, Штефан Нагел од хамбуршката агенција „Прологис стратеџи“. Тој наведува и други ставки во трошоците: „Посадата од авионот мора исто така да преноќи на одредиштето, а керозинот, како главен трошок на далечните дестинации, е еднакво скап за сите превозници.“

Па сепак, многу од „евтините“ се обидуваат и тука да бидат поевтини од другите. Најнов обид е оној на шпанскиот превозник ИАГ, огранок на Ибериа, кој сака редовно да лета од Барселона во САД. Преку океанот веќе летаат и Еуровингс и амбициозниот Норвегиан.

Нагел предупредува и на други проблеми: тешко е собирање повеќе патници кои токму од една точка во Европа сакаат на една иста точка во Америка, на одреден датум. Тоа функционира на големите аеродроми во Париз и Лондон, донекаде во северна Италија и Барселона. Во Германија тоа е многу покомплицирано, зашто таа не е толку концентрирана околу само една метропола. Тоа пак значи дека и нискотарифните превозници мораат добро да планираат за редовно да ги полнат авионите со 300 седишта.

До Америка за 69 долари

Дополнителен проблем на интерконтиненталните линии, како што истакнува Штефан Нагел, се „белите слонови“ во флотата на авиопревозникот. Тоа значи постоење на големи авиони, за кои не може брзо да се најде замена. Така, на пример, Еуровингс доживеа фијаско кога се појавија големи проблеми во набавувањето и доставувањето на резервни делови за авион кој се најде прикован на Куба. И тоа заедно со патниците, по што уследија катастрофални написи во медиумите околу неспособноста на овој авиопревозник.

Но, и производителите на авиони веќе нудат модели кои летаат како на кратки, така и на прекуокеански дестинации. Рајанер обично е верен на најмалиот Боинг, модел 737. Фирмата сега нуди и модел Макс 8, но и Ербас нуди А321 Нео ЛР. Тие авиони сигурно ќе внесат многу поголема живост во конкуренцијата и на пазарот на прекуокеански летови.

Норвегиан прв сака да ги испрати своите Боинзи преку Атлантикот и тоа без меѓуслетување на Исланд, како што е практика кај Виз Ер. Норвежаните нудат лет до американските провинциски аеродроми Провиденс и Њубург на Источниот брег, но цената е вистински исклучителна: почнувајќи од 69 долари за лет преку Атлантикот. Од 2018. година Норвегиан планира да лета преку океанот и од Диселдорф. 

 

Реклама