Борбата на Маха Мамо за националност | Свет | DW | 13.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Борбата на Маха Мамо за националност

На светот има околу 10 милиони луѓе без државјанство. Маха Мамо, родум од Либан, долго време беше една од нив додека Бразил не ѝ го исполни сонот за национална припадност. Сега Мамо се бори за правата на другите.

Maha Mamo Aktivistin für Staatenlose (UNHCR/Gabo Morales)

Маха Мамо гордо ги држи личните документи в раце

Маха Мамо е Бразилка. Живее со сестра си во Бело Хоризонте на југоистокот од земјата, може да има регулирана работа, да вози автомобил или да патува во странство за некое од своите предавања. Тоа што звучи како нормален живот за Мамо долго беше недостижно. Таа и нејзиниот брат и сестра беа апатриди. Немаа национална припадност, ниту во Либија, каде што се родени, ниту во Сирија, од каде што потекнуваат нивните родители.

Таткото христијанин и мајката муслиманка избегале од Сирија во Либија, бидејќи фамилиите не ја прифаќале нивната врска. „Во Либан родителите ми се венчале во црква, но либанските власти не го признавале бракот”, вели Мамо.

Честа причина за немање државјанство - рестриктивните закони

Последица од таквата ситуација е што Маха Мамо, сестра ѝ Суад и братот Еди од раѓањето биле апатриди. Сириско или либанско државјанство добиваат само оние чијшто татко (признат преку брак) исто така го има соодветното државјанство. Од мајката не може да се наследи државјанството. Во Либан не важи територијалниот принцип, што значи дека тоа што биле родени таму не им помогнало да добијат државјанство.

Maha Mamo Aktivistin für Staatenlose (Privat)

Семејството на Маха Мамо

Во светот минимум десет милиони луѓе се апатриди. Причините за тоа се повеќеслојни, честопати, како во случајот со Мамо, тоа се должи на рестриктивни и дискриминирачки закони. Во 27 земји само мажите може да пренесат државјанство на децата. Во други земји некои малцинства и етникуми не може да добијат државјанство, како на пример Рохинга во Мјанмар. Луѓето може и да изгубат државјанство ако се променат границите или ги изгубат документите во војна и бегство.

„Како да си во сенка“

Апатридите имаат само малку права и се соочуваат со ограничувања и пречки. За Мамо проблемите почнале кога сакала да се запише во училиште: „Мајка ми одеше од училиште во училиште и зборуваше со сите директори. По долго барање едно училиште одлучи да ме прими.”

Мамо добро играла кошарка, но не можела да учествува на официјални натпревари. Подоцна се покажало тешко и да биде примена на универзитет. Но, сепак, на крај успеала. Кога требало да оди на лекар морала да носи документи од другарка. „Да немаш извод од матична книга на родените кој кажува кој си, прави да се чувствуваш како да постоиш во сенка. Со 16 години сфатив колку е голем проблемот”, вели Мамо.

Потоа прво се обидела со помош на адвокати да добие сириско или либанско државјанство. Кога тоа не успеало, почнала да контактира амбасади од други земји: „Сеедно ми беше која земја ќе ми помогне, сакав само да се извлечам од мојата ситуација. Десет години добивав само негативни одговори.”

Maha Mamo Aktivistin für Staatenlose (Privat)

Маха Мамо со сетрата и братот

Единствено Бразил дозволил влез на сестрата и братот

Благодарение на тврдоглавоста на Маха, Бразил е единствената земја која во 2014 година ѝ дозволи нејзе и на нејзините брат и сестра да влезат во земјата како сириски бегалци.

„Бразил нѐ прифати и тоа не како апатриди, бидејќи во тоа време немаше дефиниција за тоа во бразилските закони. Но, луѓето од амбасадата сакаа да ни помогнат и тоа беше патот кој го пронајдоа." Во Бразил сестрите и братот долго време биле препуштени сами на себе, а биле сместени кај едно семејство во Бело Хоризонте. По две години и официјално им е доделен азил и дозвола за работа.

Мамо во тоа време веќе почнува да се залага како гласноговорник на апатридите низ светот и држи предавања на манифестации на УНХЦР, дава интервјуа и постојано ја снимаат. Но, потоа се случи трагедија која сепак ја направи посилна во нејзината борба за поддршка на апатридите. „Брат ми беше убиен во еден грабеж. Тоа толку ме налути што се родил како апатрид и мораше да умре така - без крштеница, без умреница, како никогаш да не постоел."

УНХЦР бара законски реформи

Во 2017 во Бразил стапи на сила нов закон за миграција со кој се зајакнуваат правата на мигрантите и за првпат се вклучуваат и апатридите. Со тоа оваа јужноамериканска земја е многу понапред од сите. За Мамо и сестра ѝ новиот закон ги отвори вратите за државјанство. Тоа се случи во октомври 2018 година.

Тие се првите апатриди кои добија бразилско државјанство. Мамо сѐ уште не може да поверува. „На една манифестација на УНХЦР во Женева одеднаш се појави Бернардо Лаферте, координаторот на бразилскиот Комитет за бегалци и го соопшти тоа. Сѐ уште се чуствувам како да е сон. Нашата долгогодишна борба одеднаш заврши. Брат ми сигурно би бил горд на нас“

Maha Mamo Aktivistin für Staatenlose (UNHCR/Isaac Amorim)

Маха и Суад Мамо се првите лица кои Бразил ги призна како апатриди и им додели државјанство

И Мамо е горда на Бразил. На официјални настани, оваа 30-годишна девојка, која речиси перфектно зборува португалски, го носи бразилското знаме околу вратот. Нејзина цел е и други земји да ги променат законите за да нема веќе луѓе без државјанство.

„Моја животна задача е да се зголеми свеста во јавноста за ова прашање. Секој човек кој преку мојот пример ќе научи нешто, е успех."

УНХЦР во 2014 година започна #IBelong- кампања (Јас припаѓам) за да им помогне на владите да ги поттикнат на реформи и на милиони апатриди да им дадат документи. Оваа организација за помош на бегалците сака до 2024 година да се реши проблемот со апатридите. Тоа е амбициозна цел, којашто се спротивставува на зајакнувањето на националистичките тенденции во многу земји.

Реклама