„Бомба“ број четири: Мијалков, Јанкуловска, Груевски... во улога на медиумски уредници? | Северна Македонија | DW | 25.02.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

„Бомба“ број четири: Мијалков, Јанкуловска, Груевски... во улога на медиумски уредници?

Пукна и четвртата бомба на СДСМ. Лидерот на партијата Зоран Заев соопшти дека властите прислушувале над сто новинари и презентираше снимки кои, според него, укажуваат на интервенции на власта во работата не медиумите.

Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија, Зоран Заев, на денешната прес-конференција презентираше разговори кои, според него, сведочат за незаконско прислушување на над сто новинари од повеќе медиуми, од страна на еден центар - Управата за безбедност и контраразузнување.

По презентацијата на СДСМ, лидерот на партијата објасни дека новинарите биле прислушувани во нивните меѓусебни комуникации и во разговори со јавни личности. Посебно и подолготрајно биле следени критички настроените новинари, а нивните разговори биле и писмено анализирани во документ на УБК под наслов: „Извод од интересот и комуникациите на опозициски настроените новинари“, од кој еден дел од анализата се однесува и на нивната работа во однос на заклучоците на Комисијата за настаните во македонскиот парламентот од 24 декември 2012 година.

На прашањето на ДВ дали има судски налог за следење на новинарите, Заев одговори: „Без судски налог се следени огромниот број новинари, некои две, некои три години, а најмногу бил следен, дури и повеќе од четири години, сега покојниот сопственик на неделникот Фокус, Никола Младенов. Материјалите од неговото следење ќе му бидат предадени на семејството, што не значи дека во иднина дел од снимките од прислушувањето на Младенов нема да бидат и јавно објавени, порача Заев.

Денеска на дел од присутните новинари им беа поделени папки со стенограми од нивните прислушувани разговори .

„Со оглед дека се следени и новинари и сопственици на медиуми од денеска се надевам дека сите тие ќе се охрабрат со цел да се ослободат од стегите на власта“, порача Заев.

За првпат и гласот на Груевски на една од снимките

Од првата денеска презентирана снимка, на која според Заев е гласот на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, се слуша како таа со шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протоѓер, договараат како да пласираат одредени вести и во кои медиуми.

Вториот презентиран разговор, наводно меѓу уредникот на телевизија Сител, Драган Павловиќ Латас и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска . Таа во разговорот му се лути поради тоа што тој доцна пласирал одредена вест, а Латас и‘ одговара дека не може да стигне од премногу нарачки.

Во трет разговор, Јанкуловска, наводно во разговор со портаролот на МВР Иво Котевски, забранува да се емитува одредена емисија на МТВ или во спротивно новинарката ќе летала од работа.

Четвртиот презентиран разговор, за кој Заев тврди дека е меѓу Латас и Мијалков, опозицијата го смета за уште една потврда за мешање на директорот на Управата за безбедност и контраразузнување во работата на медиумите. Според презентираниот разговор, директорот на УБК Сашо Мијалков го прашува Латас зошто вестите не се емитуваат во девет часот навечер, туку се емитуваат забавни програми. „Сега најде да се крева рејтинг, јас ви ја вршам нечистата работа, ви го средувам Велија (н.з. Велија Рамковски, сопственик на некогашната А1 телевизија) на мој начин, а сега некој ќе пушта во 21 часот забавна програма и ќе крева гледаност сред кампања. На што личи тоа, ајде кажи ми. Јас ќе му кажам на Горан (н.з. Горан Иванов, сопственик на Сител телевизија) во очи, еве и на тебе ти кажувам во очи: кај мене нема!“

Петтиот презентиран разговор, кој според лидерот на СДСМ се води меѓу Јанкуловска и Мијалков, сведочи за интервенции во работата на весниците (н.з Вест, Дневник, Утрински Весник) што ги издава компанијата Медиа Принт Македонија (МПМ). Мијалков во разговорот ја прашува Јанкуловска дали се јавил Срѓан (н.з. Срѓан Керим, директор на МПМ ), на што таа одговара дека се слушнала и му дала податоци на Керим: „Имаат они таму некој комуњар што ги бутка темиве“. Мијалков ја уверува дека не треба да се секира: „Тоа што е под нивната групација, тие три весници, уживај, остави ми го тоа мене уште неколку дена и сето тоа има да биде средено“.

Во последниот презентиран разговор со министерот за транспорт Миле Јанакиевски за првпат присутните премиерно го слушнаа и гласот на претседателот на Владата, Никола Груевски. Во разговорот премиерот бара од министерот да издејствува од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) 30 милиони денари кои би биле оправдани со ставката општествена одговорност за, како што наводно вели Груевски, „да може да крстиме некој документарец 'Македонската борба за слобода и независност'“.

DW.COM

Реклама