„Бомбата“ ги отвори раните за 12-те киднапирани Македонци | Северна Македонија | DW | 07.04.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

„Бомбата“ ги отвори раните за 12-те киднапирани Македонци

По снимките што го слушнавме за овој политички договор, повторно ќе бараме да се покрене истрага за случајот со нашите блиски, велат дел од семејствата на 12-те Македонци киднапирни во 2001 година

„Не сме изненадени, туку згрозени“. Вака дел од блиските на 12-те Македонци кои беа киднапирани во 2001 година, а чија судбина до денес е непозната, го коментираа политичкиот пазар на власта за амнестија на четирите „хашки случаи“, од кои едниот се однесува на нивните роднини.

„Мавровски работници“, „Липковска брана“, „Непроштено (киднапирани Македонци)“ и „Водството на ОНА“ се четирите случаи со обвинение за воени злосторства, кои Хашкиот трибунал во 2008 година ги врати во Македонија со цел да се процесуират во домашните судови. Вчера опозициската СДСМ објасни зошто тие никогаш не се процесуирале, туку пред четири години се амнестирале во парламентот, со 63 гласови „за“ и 29 „против“.

Шпекулациите кои се проширија по завршувањето на изборите во 2011 година, дека затворањето на четирите хашки сличаи Ахмети го испорачал како услов за формирање на Владата, а Груевски го прифатил, СДСМ се обиде да ги потврди преку 18-тата „бомба“ во која презентираше наводни разговори на функционери од власта кои го откриваат начинот на кој тоа било реализирано: со политички договор, во кој патриотскиот имиџ на премиерот требало да остане нечепнат, а целата постапка експресно да ја заврши Собранието.

Срамно и бедно

„Срамна политичка одлука“, изјави пред четири години на протест пред Парламентот, Алтана Трајчевска, од чиј дом во тетовски Дреновец, во 2001 година беа киднапирани нејзиниот син Васко, кој тогаш имал 25 години и 48-годишниот сопругот Илко. „Срамна политичка одлука“, рече таа и пред три години, кога Уставниот суд отфрли три иницијативи со кои се оспоруваше уставноста на автентичното толкување на законот за амнестија. Истото го вели и денес. Таа 14 години тагува, но и живее во надеж дека еден ден ќе се открие вистината каде се нејзините најблиски.

„Сега Васко ќе имаше 39, а Илко 63 години. Се уште живеам во надеж дека од некаде ќе дојдат, ќе тропнат на врата. Многу е тешко. Душата ни знае нам, на зацрнетите семејства како живееме сите овие години. Се чувствуваме излажани. Додека ние баравме средби со власта, тие си правеле пазар меѓу себе. И пред ланските избори баравме средба со премиерот Груевски, но не добивме никаков одговор. Едни се шетаат на слобода, други седат на функции, а ние со години од врата на врата молиме за вистината. По снимките што го слушнавме вчера за овој политички договор, ќе бараме повторно да се покрене истрага за случајот со нашите блиски. Не отстапуваме од тоа“, вели 62-годишната Алтана.

Истиот став го делат и други роднини на киднапираните, но не сакаат јавно да зборуваат.

„Кога слушам на што се се подготвени само заради пуста власт и пари, искрено, се плашам. Нашите ниту учествуваа во конфликтот, ниту некого напаѓаа, ниту пљачкосуваа, а ги грабнаа - кој од дома, кој од нива, кој од свадба...Ете и нашиве функционери конечно се 'заинтересирале' за нив, ама само како повод за пазарење за власт. Срамно и бедно“, вели нашиот соговорник.

DW.COM

Меѓу другите исчезнати од конфликтот во 2001 година се и Хајредин Халими од Скопје, Султан Мехмети од Струга и Џелил Османи од Гостивар. Во 2004 година на местото наречено Јама беа пронајдени телата на Ибрахим и Зеќирија Велиу од Скопје, на Ислам Велиу од Струга и на бугарскиот државјанин, Радослав Балев. Ружди Велиу, еден од вујковците на лидерот на ДУИ Али Ахмети, беше погребан на 12 март годинава родно село Коларе, Кичевско, откако по 12 години со ДНА анализа било утврдено дека е негово телото кое беше најдено во јама кај демирхисарското село Железнец.

Криминалот не смее да се исплати!

Мирјана Најчевска од Институтот за социолошко и политичко-правни истражувања, вели дека податоците од „бомбата“ само го потврдуваат сознанието дека во име на освојување на политичката власт и одржување на воспоставената коалиција со ДУИ, претставници на Владата и пратеници во Собранието на Република Македонија решиле свесно да ги заобиколат законите и да постапат спротивно од насоките добиени од страна на меѓународната заедница за четирите случаи на воено злосторство префрлени од Хашкиот трибунал до македонските национални правосудни органи.

„Уште во 2010 година се обидов да ја објаснам процедурата која мора да следи во врска со овие случаи, а во 2011-та ова објаснување го ставив во контекст на тогашната постапка на власта под насловот „Криминалот не смее да се исплати“. Со оваа постапка тогашната и актуелна власт не само што ги прекрши законите и законски предвидените процедури, туку свесно и намерно ја промовираше неказнивоста на криминалните дејствија од големи размери и со тоа најотворено застана на страната на криминалот, наместо на страната на правото. Уште повеќе, на ваков начин ја изигра и довербата покажана од страна на меѓународната заедница, која сметаше дека Македонија како земја кандидат за влез во ЕУ, веќе има изградено независна судска власт која не е подложна на политички (партиски) протисок и која може да ги спроведе процедурите на утврдување на вина и казнување до крај“, вели Најчевска.

„Пораката која што се праќа е - не е важно правото, важен е политичкиот договор, не е важна правдата, важен е политичкиот договор и дека насилството се исплати“, напиша таа пред четири години.

Како куриозитет поврзан со амнестијата на хашките случаи, јавноста го памти наводното писмо што тогашниот хашки осуденик, Јохан Тарчуловски, на 7 јули му го испратил на премиерот, а го објави МИА.

„Премиере Груевски, покажи доблест да се затвори ова последно поглавје од 2001 година. Разговарајте за тие Хашки случаи, проверете ги законите, и ако има можност решете го тоа прашање еднаш засекогаш, запрете ги и оставете ги во историјата“, напишал Тарчуловски. Во факсимилот од писмото што го објави МИА, стоеше потпис „Јохан Тарчуловски, син на Македонија, затвор Хаг“.
Во тој период Тарчуловски веќе беше префрлен во германскиот затвор Диез.

Едните за 2002, другите за 2011 година!

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ вчера разменија неколку соопштенија, од кои стана јасно дека зборуваат за различни постапки.

Улогата на Заев е да биде маша на странски центри кои имаат за цел нарушување на стабилноста на Македонија и нарушување на нејзиниот меѓународен углед, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Да ја потсетиме јавноста дека Законот за амнестија е донесен во 2002 година, а за него меѓу другите гласале и Бранко Црвенковски, Радмила Шеќеринска Јани Макрадули и Никола Поповски“, реагираше владејачката партија.

СДСМ во одговорот потсетува дека во 2011 година „лично Груевски наредил Владата да даде автентично толкување на Законот за амнестија, само за да се отвори пат за амнестија за хашките случаи“.
Законот за амнестија беше донесен во 2002 година, а во 2011 година, на пленарна седница на Собранието, беше побарано и изгласано автентичното толкување на Законот, со кое беа амнестирани и четирите хашки случаи кои требаше да бидат процесуирани пред домашните судови. СДСМ го покажа листингот од гласањето на 19 јули 2011, од кое се гледа дека пратениците на СДСМ гласале „против“ амнестија на тие случаи, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ гласале „за“.
Запрашан дали последните сознанија може да ги загрозат меѓуетничките односи, Стево Пендаровски, минатогодишниот претседателски кандидат на СДСМ, во јавна дебата изјави дека последната „бомба“ на никаков начин не води кон загрозување на меѓуетничките односи, туку кон демаскирање на лажниот патриотизам на премиерот. Според негово лично мислење, од четирите случаи два секако требало да бидат процесурани, а тоа се случаите „Мавровски работници“ и „Непроштено“.

Реклама