Блефот на Кина и Америка околу Тајван | Свет | DW | 08.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Блефот на Кина и Америка околу Тајван

Кина во овој момент, а ни во скоро време, нема да има капацитет да го освои Тајван. Се работи за двоен блеф - дека Кина ќе го нападне и дека САД нема да го бранат Тајван. Пишува Ивор Мицковски

Воените тензии помеѓу Кина и Тајван се најлоши во последните 40 години, оцени министерот за одбрана на Тајван, Чиу Куо-Ченг неколку дена откако рекорден број кинески авиони влегоа во воздушната одбранбена зона на островот. Според тајванскиот министер, кинеската армија има борбен и воен капацитет да го нападне Тајван уште денес, но нема лесно да ја започне војната, бидејќи мора да ги земе предвид трошоците и последиците од евентуалното почнување на војна. 

Американскиот претседател Џо Бајден излезе со кратка изјава и неколку набрзина фрлени реченици: „Разговарав со Ши за Тајван. Се согласуваме, ќе го почитуваме тајванскиот договор. Јасно ставивме до знаење дека не мислиме дека би требало да се прави било што друго освен да се придржуваме до договорот“.

Овие зборови на Бајден ги збунија набљудувачите и дополнително го разгорија стравот кај тајванските власти околу посветеноста на Вашингтон кон заштита на островот. Логиката не наведува кон тоа дека Бајден сакаше да ја потврди официјалната позиција на Вашингтон околу трнливото прашање поврзано со независноста на Тајван, кој за Пекинг останува „отцепена и бунтовничка провинција“ која порано или подоцна мора да биде обединета со татковината, ако е потребно и со сила. 

-претходни колумни од авторот:  Германските избори и несигурната иднина на Европа

Политиката на Вашингтон останува посветена на принципот „една Кина“, принцип кој му е особено драг на кинескиот претседател, и според кој САД официјално го признава Пекинг, наместо Тајпеј. Според „Taiwan Relations Act“ одлуката на Вашингот официјално да го признае Пекинг, а не Тајпеј, се базира на очекувањето дека тајванското прашање ќе се реши на мирен начин. Истиот тој договор, во тотална контрадикција со претходно искажаното, потврдува дека САД треба да го помага Тајван во својата одбрана, врз основа на што и Америка им продава оружје.

Паника во Тајван

И дотука немаме ништо ново од американска страна, која со потврдување на постоечката реалност се обидува да ги смири водите околу Формоза. Но, токму потврдувањето на статус-кво буди сомнежи дека Бајден и САД немаат баш најјасна идеја како да се соочат со ситуацијата и со растечката ескалација, за која и самите придонесуваат. Паниката во Тајван оди дотаму што отворено изјавуваат дека Кина до 2025 година ќе биде комплетно способна да го нападне островот, без некакви поголеми трошоци или последици. Јапонија веќе објасни дека нема да се ограничи само да ја набљудува ситуацијата и дека се подготвува да реагира, притоа испраќајќи имплицитна порака дека размислува да се опреми со нуклеарно оружје. Во Австралија веќе јавно се дебатира за постоечкиот ризик од војна во Кинеското Море

Тајван драматично се вооружува развивајќи нови видови на ракети кои би имале капацитет да погодат во срцето на кинеската територија, надевајќи се дека на тој начин ќе ја оттргнат Кина од идејата за инвазија. Тајванската армија e целосно воено подредена од моќната кинеската војска, па затоа нивните воени експерти се фокусирани на развивање на асиметричен одбранбен систем наречен „Бодликаво прасе “ за да ја одврати или одбие копнената инвазија. Идејата на Тајван е дека не треба да се потпира на помош од други страни и дека треба да биде во состојба сама да ја одбие евентуалната инвазија. Се очекува тајванската парламентарна комисија да одобри вонреден буџет за воена потрошувачка во висина од 8,6 милијарди долари, покрај веќе најавената сума од 15 милијарди долари утврдени за идната година. 

Taiwan Symbolbild Konflikt mit China

Кина за засилува заканувачката реторика кон Тајван

Во листата на воена потрошувачка веќе се ставени против-бродските ракетни системи, ракетите земја-воздух „Sky Bow III“, систем на дронови, како и ракетните системи „Wan Chien“ (Илјада стрели) и „Hsiung Feng IIE“ (Храбар ветер). Дополнителни средства се обезбедени за купување на 10 стелт ракетни корвети „Ta Jiang“, познати и како „убијци на подморници“, додека Министерството за одбрана веќе најави дека финишира со производство на ракетата „Yun Feng“ со домет од 1200 километри, која би имала капацитет да ја погоди континентална Кина. Ваквото вооружување, како и изјавата дека Тајван мора сам да се одбрани, кажуваат дека довербата на Тајпеј во помошта и одбраната од страна на САД не е на највисоко ниво.

Заканувачки тонови од Кина

Во исто време од Пекинг, покрај конкретните воени провокации, во тек е и една сериозна војна на зборови. Официјалниот весник на Кинеската комунистичка партија „Global Times“, објави непотпишан текст каде мошне агресивно се објаснуваат намерите на Пекинг. „Не постои сила на светот чија волја да се одбрани Тајван е посилна од волјата на Кина да се бори против сецесијата и да го постигне обединувањето“, гласи партискиот став. „Да бидеме прецизни, двете нешта воопшто не се споредливи. Кина ја има храброста и волјата да се бори до смрт против секоја сила која го попречува обединувањето, но ниедна странска сила нема храброст, ниту пак е расположена да се бори до смрт против втората светска економија и нуклеарна сила“, стои во партискиот весник. Повикувајќи се изјавата на Тајванскиот министер за надворешни работи, Џозеф Ву, дека островот се подготвува за војна со помош на Австралија, како и текстот на претседателката Тсаи каде предупредува дека евентуалниот пад на Тајван би бил катастрофален за САД и сојузниците, весникот на ККП порачува: „Јасно е дека властите во Тајван се уплашени, затоа што знаат дека нивниот сецесионистички обид е во слепа улица. Тие, како антикинеска претходница на индо-пацифичката стратегија на САД, порано или подоцна ќе бидат разнесени од Кина, и тие немаат никаква доверба дека САД и нејзините сојузници навистина ќе го бранат островот. Колку повеќе тие соработуваат со надворешни сили, толку поблиску се до својот гроб“, заканувачки завршува текстот.  

Кога се работи за Кина зборовите мора правилно да се одмерат и да се разбере дека нејзините реторички испади секогаш се базираат на логиката: „три чекори напред - два назад“.

Ivor Mickovski

Ивор Мицковски, колумнист

Воените и реторички закани на Пекинг во суштина служат за пропагандистичките цели и политичката агенда на претседателот Ши Џипинг. Една од главните политички идеи на Џипинг е да го промовира „кинескиот сон“, што претпоставува дека Кина е силна нација со силна војска. Кина тукушто го прослави денот на основањето на Народна Република Кина, кој беше одбележан на 1 октомври, па оттука, јавната демонстрација на сила врз Тајван претставува визуелизација на политичкиот наратив на Ши. Дури и партискиот весник отиде дотаму што испраќањето на воени авиони против „бунтовничкиот остров“ го нарече „воена парада“ по повод националниот празник. 

-претходни колумни од авторот:  Спорот околу подморниците ја извади на површина кризата помеѓу САД и ЕУ

Но, реалноста е дека Кина се наоѓа во многу осетлив политички момент. Следниот месец Комунистичката партија треба да го одржи својот Шести пленум, и да одлучи околу новата генерација на политички кадри и партиски лидершип. Тоа само по себе е сензитивен момент за партијата, кога најчесто летаат и глави. Во исто време конзензусот и авторитетот на Џипинг е сериозно нарушен поради пропаста на гигантот за недвижнини „Evergrande“ и енергетската криза и рестрикции со кои се соочува индустријата и граѓаните. Оттука, демонстрацијата на сила, заплашувањето со надворешни непријатели и изигрувањето жртва се нормална политичка конструкција која треба да обезбеди чувство на национална обединетост. Рецепт кој сигурно оди во прилог на Џипинг и неговите апаратчици, но кој може да доведе до ескалација и до уште поголемо отуѓување на Тајван кој се повеќе оди кон засебен национален идентитет и силни регионални сојузи. 

Тајван е црвената линија за интересите на САД

Разбирањето на ваквата кинеска реалност е единственото нешто што ја оправдува американската контрадикторна позиција. Америка е во Студена војна со Кина и веќе сериозно го зајакна своето воено присуство на и околу островот. АУКУС сојузот и Квад соработката веќе е доволно силен потег, кој не ја приморува Америка на прв чекор, ниту пак премногу да ја притиска Кина таа да направи прв чекор. На Америка не и треба ниту признавање на независноста на Тајван. Напротив, САД играат на картата на контрадикција и двосмисленост со цел да го натераат Тајван и останатите сојузници да се вооружуваат и спремаат за војна која пред се тие би требале да ја водат. Но, тоа е помалку и надежно размислување на стратезите во Вашингтон. 

Тајван е црвената линија за интересите на САД. На Тајван првично се базира американското поморско ограничување и контролирање на Кина. Доколку Тајван падне, тоа би можело да претставува комплетна промена во односите на сила помеѓу САД и Кина. Тајван има стратешка важност која не може ни во лудило да се негира. Позади Тајван се отвара целиот Пацифик чија доминација САД не може да ѝ ја препушти на Кина. Оттука, САД и да не сака не може, а да не интервенира во случај на војна. Едноставно, приморани се да интервенираат и да одговорат на евентуална инвазија. Е сега, друго прашање е колку навистина Кина е во состојба да изведе поморска инвазија, како што Тајван итро сака да поверуваме. Нема ништо потешко на воен план од инвазија од море. Не за џабе сите тие навални филмови за Денот Д и Нормандија. Да се изведе таква инвазија е тешко само по себе и против еден Тајван, додека да се изведе против Америка, е буквално невозможно. Така да, можеме реално да констатираме дека Кина во овој момент, а ни во скоро време, нема да има капацитет да го освои Тајван. Се работи за двоен блеф - дека Кина ќе го нападне и дека САД нема да го бранат Тајван.